недела, 30 април 2017  |  Вести денес: 3

ИСЧЕЗНА МАГИЈАТА: Зошто и го убивме духот на Нова година?

Дали ние ја исцицавме сета магија и од Дедо Мраз и од лампионите и од одбројувањето 10, 9, 8…?

553176_elka_novyiy_god_sneg_ogni_podarki_1920x1080_(www.GdeFon.ru)

Денес е 28-ми декември, дали чувствувате како адреналинот се испумпува во вашата крв, дали одбројувате дека има само уште 3 дена до крајот на оваа година, дали воопшто помисливте каде ќе ја прославите новогодишната ноќ?

И ако некогаш имаше еуфорија, исчекување и светкави фустанчиња, денес сѐ се сведува на летаргија, очекување на уште една обична ноќ, па дури и доза негативна енергија поради прескапите понуди во градот.

Можеби едноставно остаревме, па Нова Година не е денот кога за прв пат ќе добиеме пари за жижици, ќе пробаме шампањ, ќе славиме три вечери по ред до ниедно време без да се правдаме дома, ќе бакнеме момче во 00:00 и ќе облечеме црвени гаќички за да имаме среќа во љубовта цела година. Веќе не веруваме во Дедо Мраз, ниту дека првиот ден од новата година магично ќе ни ги исполни желбите.

santa-claus-images-2

Повеќе ја нема магијата, ниту позитивните надежи на едно безгрижно дете, сега сме свесни дека и на 01.01.2015, како и на 31.12.2014, ќе бидеме подеднакво исфрустрирани од ниската плата, од лошата сосетка или од проблемите со стариот расипан автомобил. Сфаќаме дека новата година всушност не е никаква промена, не се менува ништо освен бројките!

4ee7a8ea8b28d95012000419-1323804909

Сега кога обврските ни се натрупани на бирото, а дури и на 31-ви декември не можеме да ја кренеме главата од компјутерот немаме ниту време, ниту енергија, па ги пропуштаме сите трки кои некогаш живот ни значеа. Од тоа кој прв ќе ја накити елката, кој ќе прати најголем број на честитки преку пошта, до тоа кој ќе направи најубави колачиња и ќе биде најубаво дотеран за најлудата ноќ, денес полека кај поголемиот број луѓе сѐ се движи кон останување во топлиот дом, јадење руска и кифлички, гледање на телевизиската програмска шема што ја нудат македонските канали и легнување едвај половина час по полноќ.

goodwp.com_22464

Можеби за да не фати еуфорија ни недостига глетката како на старата огромна накитена елка на плоштадот среде Скопје вее снег, побелените капчиња на децата кои се туркаат кој побргу да се слика со чичковците со црвени костими и бела брада, бабите и дедовците кои брзаат да купат пакетчиња за своите внуци за инспирација, но дали сте размислиле дека ние самите сме всушност виновниците што го убиваат духот на дочекот на Новата година?

New-Years-Eve-Fireworks

Зошто вие не бидете таа што прва ќе го украси својот дом годинава, зошто со вашите внучиња под рака не тргнете во најзабавниот новогодишен шопинг во кој задолжително ќе има црвено бели лижавчиња бастунчиња, балони, новогодишни чорапи за подароци? Зошто не ги изненадите колегите со некое ситно подароче, зошто не ги купите најшарените честитки и не го почувствувате мирисот на пликоата и поштата, зошто не купите нов фустан за новогодишната ноќ, кога тоа и онака постојано го правите без повод, зошто не одлучите оваа ноќ да си ја направите посебна? Зошто постојано очекуваме другите да го направат тоа за нас?

Santa_Clause.VipKHAN.CoM-

Иако знаеме дека ништо нема да биде променето во првото утро од новата година, зарем не би било инспиративно во последните денови од старата од петни жили да се потрудиме да ги заокружиме поставените цели, а мотивирачки на лист хартија да ги запишеме амбициите за наредната?

Колку и да звучи клише, обидете се оваа година вие да бидете Дедо Мразот кој ќе шири позитивна енергија и во другите луѓе ќе го буди подзаспаниот новогодишен  дух. Ако животот не го живееме за некои денови да ги направиме специјални, тогаш која е поентата?

Иако предвреме, сепак ќе ви честитам… Среќна Нова!!! А каква ќе Ви биде, во многу нешта сепак и од самите Вас зависи!

Автор: Симона Симионова

#Коментари