вторник, 26 септември 2017  |  Вести денес: 0

Есма Реџепова Теодосиевска: Kралицата замина – вечно ќе живее нејзината песна

esma-7

Сагата за Есма Реџепова-Теодосиевска – Ромката од Македонија е славопис за едно големо човечко возљубие, за дамата со ангелски глас, која поседува една ретка естрадна виртуозност и специфика, пред која се поклонија милиони граѓани во најпрестижните светски концертни сали на сите меридијани од планетата Земја.

esma_redzepova_romano_horo

Името на Есма звучи гордо и е мошне респектирано, почитувано и наградувано. Таа со маестралните настапи, својата посебност, недоброените успеси и мега-популарноста, обезбеди високо место меѓу ѕвездите, кои се вброени во легендите.

Untitled-1

Македонската естрадна уметничка, Есма Реџепова- Теодосиевска е родена на 08. 08 1943 година,   во Скопје. Потекнува од сиромашно работничко ромско семејство. Но, потеклото и историјата на нејзиното семејство е интересно, преселничко, составено од повеќе нации, космополитско, во кое царувале трите најважни светски религии: еврејската, муслиманската и православната.

dde0eebf6509d8478e9934b1d6839859

Биографијата на оваа извонредна ромска пеачка, жена, хуманитарка, за која авторот на овие редови подготви опширна монографија (на македонски, англиски, ромски и српски јазик) за животот и делото за неа и нејзиниот животен сопатник Стево Теодосиевски. Монографијата ќе биде претставено, првин во Македонија, а потоа насекаде во светот, како трајно дело за „Кралицата на ромската музика“.

esma-12122012-625press-620x350

Есма и нејзиниот сопруг Стево Теодосиевски одржале илјадници хуманитарни концерти за оние на кои им била потребна помош насекаде низ светот. Есма пеела за беспомошните во Индија, Мексико, Србија, Босна, Пакистан, Хрватска, Иран и други земји во светот, но најмногу во Македонија.  Таа  е најголем  промотор на ромската, особено на  македонската музичка приказна насекаде низ светот. Затоа, Есма Реџепова-Теодосиевска не случајно, ја нарекуваат втора Мајка Тереза.

esma-696x531

Стево и Есма, заедно со своите ансамбли, безгранично ја сакале својата земја и во себе ја носеле и ја ширеле традицијата на македонскиот и ромскиот народ, кој како трепет е прелеан низ звуците што се шират. Нивното заедничко мото „Ако имаш две, подари едно“ било и е доследно на нивната мисија да даруваат на кого му е потребно.

За време на заедничката кариера Стево и Есма Теодосиевски, присвоиле 47 момчиња, ги вдомиле, воспитувале, образувале, овозможувајќи им да завршат музичко училиште во нивниот дом и сега сите тие имаат сопствени музички кариери. Денес Есма, со нејзина целосна поддршка ја финансира девојка Елеонора Мустафова, која се очекува да биде соодветна замена во пеењето.

esma_redjepova

 

Покрај создавањето на вака бројно музичко семејство, Есма Реџепова- Теодосиевска и Ансамблот „Теодосиевски“ имаат одржано повеќе од 2.000 хуманитарни концерти, имаат спроведено повеќе хуманитарни активности и донации, од кои би се издвоила донацијата направена за градот Скопје „Домот на хуманоста и Музејот на музиката на Есма и Стево Теодосиевски“, во кој денес живее Есма Реџепова–Теодосиевска.

Есма и ансамблот „Теодосиевски“

Со право се вели дека хуманоста и борбата за мир со песна и благородни дела е основна содржина и богатство на животот на Есма. Со порака за мир, Есма со Ансамблот „Теодосиевски” престојуваше во многуте кризни подрачја во светот, зафатени со војни, природни катастрофи, епидемии, охрабрувајќи ги и духовно помагајќи им на луѓето да ја пребродат кризата.

16819352_303

 

Есма животот го посвети и на хуманоста, човекољубието и добрината. Дамата со божествен глас е музички талент откриен уште на нејзини единаесет години, кога ја пријавиле да се натпреварува во тогаш, многу слушаната радиоемисија „Микрофонот е Ваш“, каде ја освоила првата награда, и набргу станала познатата млада мома од центарот на Скопје. Со подадената рака на музичкиот уредник Стево Теодосиевски, кој и понудил и пружил безрезервна поддршка, ука и ангажман, и таа со својата дарба, труд и упорност, го почнала искачувањето по естрадните скалила и станала популарна музичка дива, на која успесите во континуитет се нејзиниот неизбришлив белег. Станува препознатлива, прифатена и призната ширум светот со песната, темпераментот, оригиналноста, музичкиот ритам и сензитивниот линк со публиката.

123

Есма Реџепова-Теодосиевска повеќе од половина век е истакнат естраден уметник. Јубилеј во кој е овенчана со слава и јубилеј кој ретко се доживува. Таа е неуморна, активна и понатаму останува на музичката естрада. Со неподнослива леснотија ги интерпретира ремек-делата и антологиските нумери на македонскиот и ромскиот дух, кои низ маестралната изведба и’ ја донесоа титулата- Кралица на песната.

Монографијата „Есма Реџепова –Теодосиевска“ која e посветена на јубилејот, а по повод 55 годишнината на другарувањето на Есма со нејзината песна, чиј автор е Славе Катин, е издание на „Македонска искра“ „Маестрофолк-фест„ и „Есма бенд“, а е поддржана од  Министерството за култура на Република Македонија.

133178896-56718

Исто така, Есма Реџепова-Теодосиевска е првата жена која во  2013 година, ја доби престижната титула „Национален уметник на Република Македонија“. Таа е трет добитник на ова највисоко државно признание, меѓу четворицата, Симон Трпчески, Милчо Манчевски и Борис Трајанов.

Есма Реџепова–Теодосиевска постојано е присутна со убавата песна која е се пее на сите збиднувања во животот на Ромите, Македонците и на сите вљубеници на убавата песна во светот. Неодминлива е песната „Македонско девојче“; на сите свадбени церемонии со „Чајорије шукарије“, а на забавите, без оглед на возраста на присутните, им ја развеселувала душата со песната „Чекај животе“. Нејзината порака е дека го сака животот и не штедејќи се ја подарува љубовта на луѓето. Нејзината судбинска мисија е дарување, помагање, да биде мајка над мајките, непоколеблива и истрајна во намерите секој да се опсипе со огромна љубов како непресушен извор на добрина, што ја чини ретка во овој по малку чудесен свет. А, нејзината цел на животот е хуманоста која доследно ја следи сите овие години.

Жената со божествениот глас, почнувајќи од нејзиното прво музичко откривање на 11 март 1957 година, во изминатите 55 години, стана светски прифатена и призната. Со песната, темпераментот и ромскиот музички ритам, стана лесно препознатлив македонски бренд во светот.

screenshot_3

Со својот божествен глас таа досега „излажала“ многу народи. Кога пеела во Шпанија, мислеле дека е шпанска Ромка. Во Русија „малку го згрешила акцентот“, па публиката помислила дека е од Узбегистан. Во Келн 20.000 посетители занемеле пред нејзиниот глас. Во концертната сала завладеала апсолутна тишина како никогаш дотогаш. Таа е среќна што по втор пат била номинирана за Нобелова награда а за мир. Првпат во 2002 година, како кандидат на Црвениот крст на поранешна Југославија, а во 2006 година, како адут на Светската организација на Ромите, со поддршка на 76 невладини организации и лајонс-клубови во земјава.

Есма е најголем  промотор на ромската и на македонската музичка приказна насекаде низ светот. Та ја доби титулата „Кралица на ромската музика“, обезбедувајќи високо место меѓу ѕвездите кои се вброени во легендите. Таа е првата жена која во  2013 година ја доби престижната титула „Национален уметник на Република Македонија“, како трет добитник на ова највисоко државно признание.

esma-ivanov

Поради својата оригиналност и музичка виртуозност Есма е нарекувана Кралица на ромската музика во светски рамки. Во 2010 година, претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, ја одликува оваа естрадна уметничка со „Орден за заслуги за Македонија“, за нејзината досегашна посветеност на музиката, како и за хуманото дела и филантропски активности. По тој повод нејзината скромност ќе рече:

„Ова високо признание не го добивам јас, туку го добиваат граѓаните на Македонија, затоа што секогаш сум присутна во нивните домови. Ова не е само признание за мене, туку признание на сите националности кои живеат во Македонија“.

Големата Есма повеќе ја нема. Ја загуби последната битка со тешката болест, на 11 декември 2016 година. Замина тивко, мирно, скромно… Кралицата замина… ама нејзината песна останува вечно да живее!

 

 

#Коментари
[fbcomments]