четврток, 19 јануари 2017  |  Вести денес: 61

ДИМИТАР МАСЕВСКИ – „Љуби ме, љуби Мирјанка“

Приказната за тоа како се „роди“ познатата „Љуби ме, љуби Мирјанка“ во изведба на Зоран Георгиев  а на музика од познатиот македонски композитор Димитар Масевски не одведе до неговата љубена, животна сопатничка Мирјанка Масевска.

Screenshot

Таа со задоволство прифати да биде соговорничка со најава дека допрва ќе ни открие и други приказни кои биле основата многуте хитови да ја видат светлината на денот,а биле создадени во нивниот дом.

„Песната  Љуби ме,  љуби, Мирјанка  се роди во првите години на нашето заедничко живеење.

Кога точно – не би можела да се сетам, за жал. Но знам дека настана како производ  на големата младешка љубов помеѓу нас .

mirjanka 18 godini

Впрочем, таа не беше многу поразлична од сите големи вистински љубови, само што, ете, јас  ја имав таа чест  оваа прекрасна балада, преку неговата  перцепција за својата љубена (видена низ розовите очила  на љубовта), да ми биде посветена токму мене.

По цел ден беше затворен со клавирот, а кога сметаше дека е готов, песната веќе можеа и другите да ја чујат, но секогаш најпрвин јас. Така беше и со оваа. Можете да ја замислите мојата среќа кога го испеа насловот ?! Долго не можев да сфатам дека ја овековечил нашата љубов и мене во песната која остана запишана во нашата музичка  историја како антологиска!

Мојот сопруг Димитар  кога компонираше, скоро без исклучок, пишуваше делови од текстот на битните места во композицијата, а насловите скоро секогаш беа негови. Тој сметаше дека она што него го инспирирало,  треба да биде и лајт мотив во текстот, а оние што отпосле го пишуваа текстот, се трудеа да го испочитуваат тоа и покрај слободата што си ја имаа при писување на текстови што тие ги потпишуваа.

mirjanaka i dimitar

Веројатно и ним им беше полесно кога ја имаат основната идеја . После тоа следуваа бескрајни консултации, што телефонски , што при конкретни средби. Притоа, најголемо внимание се обрнуваше на македонскиот литературен јазик и акцентите на зборовите при пеењето, што зборува за еден страшно сериозен пристап кон творењето од било кој вид.

Текстот за песната  „Љуби ме, љуби Мирјанака“ го напиша големиот Ѓоко Георгиев, а аранжманот великиот хрватски аранжер Милјенко Прохаска. И за крај, еден куриозитет:  Прохаска беше вљубен во песната и со мојот сопруг беше во постојана телефонска комуникација за консултација за промена на макар еден тон за неговите аранжерски потреби. Ја сметаше за музичко совршенство, заради употребата на нашиот етно ритам, кој тешко можеше да се употреби во забавната песна,  а  таа да не личи на народна,  меѓу другото, му рече: “Знаеш ли Масе што ми направи и мене и на семејството со оваа песна ? Не можеме да се спасиме од неа, по цел ден ја слушаме и пееме само Мирјанка  … Што е многу – многу е ! Првото доаѓање во Загреб дебело ќе го платиш “цехот” ! Ќе мора да дојдеш дома да ги запознаеш мојата сопруга и ќерките, а тоа не е лесна работа” – се пошегува Прохаска… Така и бидна !

Песната имаше своја промоција на угледниот „Загрепски фестивал“ и само за два-три гласа разлика не ја доби наградата на Сојузот на композитори на Југославија .

„Но тоа сега и не е важно, песната  остана вечно „зелена“ отпеано маестрално од Зоран Георгиев“ – се сеќава Мирјанка Масевска, сопругата на покојниот композитор Димитар Масевски, жената  инспирација за оваа  песна која беше и остана дел на нечија младост.

Забележал: Милчо Јованоски

Извор:Публицитет.мк

#Коментари

Коментари

коментари