понеделник, 25 септември 2017  |  Вести денес: 0

Груевски: Опозицијата нема проекти, па затоа манипулира и клевети за Скопје 2014, мерцедесот на МВР, земјиштето на Водно и оградата на Владата

Опозицијата нема проекти па затоа манипулира и клевети за Скопје 2014, мерцедесот на МВР, земјиштето на Водно и оградата на Владата.

nikola-gruevski

Ова го истакнува премиерот Никола Груевски во интервју за веб порталот „Прес24“ во кое додава дека Скопје 2014-та е проект за кој многу луѓе ми честитаат, и многу луѓе се против. – Тоа, вели, е проект кој беше пречекан од старт со доста контроверзии, прво колку што се сеќавам критиките беа дека е лага и нема да се реализира, но потоа кога почна да се реализира критиките се за стилот и што ли уште не им текна во меѓувреме. За среќа, значително е поголем бројот на поддржувачи, што се гледа не само од истражувањата на јавното мислење по ова прашање, туку и од досегашните изборни резултати.

Истакна дека во рамки на овој проект нови споменици не се планираат надвор од оние за кои е почната процедурата.  Додаде дека единствен за кој е почната процедурата, а не е завршен, е скулптурната композиција на Мајка Тереза во Скопје, која започна пред околу еден месец и треба да заврши за околу една година.

– Тука се застанува со нови споменици. Значи државата нема да гради нови споменици, потенцира Груевски и додава дека основната идеја на проектот Скопје 2014-та не беше барокот или неокласицизмот, тоа е само стил, кој патем кажано постоел во Скопје на поедини објекти. – Идејата, вели премиерот во интервјуто, беше градење на институции на државата и зацврстување на идентитетските одредници на нашата нација и секако сериозен придонес во развојот на туризмот. За една држава е важно да има институции, свои институции, а не институции под кирија какви што имавме и за кои плаќавме огромни кирии на поединци бизнисмени, и една држава мора да има паметници за нејзиното минато, паметници на херои, успеси, битки, победи, историски настани, калење на духот

Премиерот додава дека се крена многу врева околу ова и дека повеќе групи се организираа, но секоја со различен интерес – некои заради естетската димензија, некои заради идеолошката, некои заради двете, а некои пак користеа и напаѓаа само затоа што тоа е македонско.

– Историјата ќе суди дали ова било оправдано или не. Јас мислам дека е оправдано. Дали некои работи можеле подобро да се изведат, да изгледаат, дали некој споменик требало да е полево или подесно, дали требало да има пет, или осум, или повеќе споменици е друго прашање, но суштината е една, и многу важна држава со институции и паметници за своите херои и темели на чувството за слобода, независност, непокор, саможртва. Низ тие примери ќе растат идните генерации, чиј дух јас сум убеден дека ќе биде гордост за оние што по нив ќе следат, вели во интервјуто.

Во врска со споменици кои не се финансирани од Владата, премиерот вели дека имаше неколку такви и дека освен споменикот на Македонците бегалци од граѓанската војна во Грција, кој го најави едно од нивните здруженија нема друга иницијатива за споменик.

– Долг, предолг период освен пар бисти ретко некаде, никој не поставил споменик на некој од нашите јунаци и историски личности, политичари, писатели, уметници, херои…Тоа и требаше на Македонија. Таа беше држена во сенка во времето на поранешна Југославија, со јасна интенција да се табуизира нејзината историја и многу личности за кои денес ние на нашите државни празници гордо говориме. Да се спомне името на Методија Андонов Ченто на пример било рамно на самоубиство, а камо ли за некои од личностите од историското ВМРО. Ние имаме сопствена држава и сопствена историја. Имаме континуитет, формирањето на нашата нација е процес кој е иреверзибилен, неповратен. Толкувањето на историјата ќе го оставиме на историчарите, но наше е да кажеме и посочиме личности кои биле активни и имале свој удел во македонската историја, без разлика колку некои од нив биле контроверзни, и каква сенка намерно или не се фрлало врз нивното делување, вели премиерот.

Потенцира дека ВМРО-ДПМНЕ нема да иницира градење нови споменици повеќе и тоа јавно го обзнанува. – Историјата, посочува, нека суди дали со проектот Скопје 2014-та сме направиле добро или лошо. На крај сето ова ќе остане за државата и народот, ние нема да го носиме дома со нас.

Во врска со градбата на објектите од проектот, премиерот вели дека колку што тој знае сите тие објекти од страна на Владата се завршени и оти можеби само Македонската филхармонија које при крај, а е во модерен стил.

– Има некои објекти кои се приватни и кои не се завршени како поранешната зграда на офицерски дом, и уште неколку такви, но за нив треба да се прашаат приватните инвеститори кога ќе бидат готови. Фасадите се во тек на изведба и тие се прават исклучиво во согласност со станарите, со потпишани над пола од нив. Нема да има проширување ни на тој проект, надвор од оние за кои е почната законската процедура или оние за кои не се избрало идејно решение па треба да се реобјави. Значи проектот Скопје 2014-та се заокружува и се завршува, истакнува премиерот.

Потеницра дека опозицијата овој проект го вброи во еден од нивните клучни работи во политичката кампања против мене и ВМРО-ДПМНЕ и според него тоа донекаде е политички легитимно. – Но, додава, она што сега го прават, е секој објект кој се гради од страна на државата во централното градско подрачје го додаваат во овој проект, иако нема врска со тоа. На пример катните гаражи, или ако градоначалникот купи ротонда за мали деца или забавен парк за деца, или Арената Филип Втори, или новиот објект на Министерството за земјоделство, или ако утре оцениме дека треба да се изгради некој објект за факултет ако тој факултет нема свои простории или се во дотраени бараки, и слични работи, сетоа го ставаат на куп во проектот Скопје 2014-та. А особено ако некој објект има историски архитектонски стил. Веројатно оцениле дека тоа им е политички опортуно, иако неколку избори изгубија обидувајќи се да ги добијат на таа тема, вели премиерот.

Појаснува дек апроектот Скопје 2014-та беше плоштадот Македонија, покрај кејот од Владата до Холидеј Ин, и плоштадот Филип Втори, плус спомениците наоколу. Се друго, како што вели, не е дел од Скопје 2014-та, ама тие мислат дека ако им говорат на луѓето дека се што се гради низ Скопје е дел од проектот Скопје 2014-та, дека ќе го придобијат народот и гласачите.

– Има една тенденција кај СДСМ и нивните следбеници, во Скопје да не се градат објекти повеќе, да го замрзнеме, такво какво што беше претходно да е и во наредните 100 години и такво им се допаѓало. Знаете со тревникот во кругот на сред плоштад и неколку трафики за продавање кожа, па и нив ги направија култни, дека којзнае што се случувало во бутките на плоштад, и сето тоа само со цел политички да ни наштетат. И во ред, јас можам да разберам дека такво им се допаѓа, но нема ниту еден главен град во светот кој не се гради, кој не се модернизира и кој стои во место, освен одредени делови од главни градови изградени во историски стил кои се чуваат како историско и културно наследство. Такви има во Париз, Прага, Лондон, Будимпешта, Рим, Мадрид, но надвор од тие делови со градби кои се уметнички и архитектонски ремек дела, и во овие градови се гради континуирано. Па модерен Вашингтон е граден во антички стил, и што сега треба да се обвинат за антиквизација луѓето, вели во интервјуто.

На прашањето за обвинувањата од опозицијата за тајно купување луксузен службен мерцедес, вели дека Мерцедесот кој МВР го набави во 2012-та се набави со цел за превоз на високи странски гости.

– Владата и државата подолго немаше репрезентативно возило за високи државни гости со највисока заштита, односно имаше но многу стари и истрошени, така што тоа и не е баш репрезентативно. Секаде каде ние одиме во странство државите домаќини не пречекуваат во соодветни прилично нови блиндирани со највисока безбедносна заштита репрезентативни возила. Кај нас, возилото во кое се возам јас е старо 21 година. Кога го наследив во 2006-тата беше 12 години старо и еве веќе 9 години го користиме и добро не служи, иако во последните години е со чести дефекти и често пати се случувало да не остави на пат. Слично е и со другите блиндирани возила во државата. Од друга страна висок странски гостин не смее да се пречека во возило кое не е со највисок степен на безбедносна заштита. Понекогаш се случуваше амбасадите на гостите кои доаѓаат да изнајмуваат од соседна држава блиндирано возило за нивните високи политичари кога доаѓаа во посета на Република Македонија, што на некој начин е срам за државата. Така што тоа возило се набави за таа цел, вели премиерот.

Покрај тоа, додава дека во ситуации кога јас патувам надвор од главниот град на подолги релации, ова возило се користи за мој превоз заради многу чести дефекти на возилото со кое мене редовно ме превезуваат, што се случува неколку пати месечно, зависно од динамиката на патувањата.

– Проценивме дека засега нема потреба да се трошат пари и да се купува и ново блиндирано возило за мене, затоа што сегашното може да издржи уште, освен како што кажав кога се патува на подолги релации. Исто така и кога возилото со кое мене ме превезуваат е на сервис, се користи возилото на МВР, вели премиерот.

Мене, како што додава, ми е најзначајно да е безбедно и да не не остава на пат.

– Луѓето кои ме знаат подолго знаат дека секогаш возилото сум го гледал како превозно средство и ништо повеќе. Возилото не го прави човекот и политиката. Во него се возам 5-6 минути во еден и уште толку во друг правец дневно, од дома до канцеларија и назад, освен кога патувам подалеку. Некогаш ни толку не го користам, бидејќи во пролет, лето и есен, многу често пешки си одам од работа дома, и уживам во тоа. Иако тоа е секогаш доцна ноќе, среќавам луѓе, разговарам со нив и уживам во тоа полчасовно пешачење. Во зима многу поретко се враќам пешки заради здравствени причини, поврзани со проблеми со синусите, истакнува во премиерот.

Додава дека опозицијата не е способна да се натпреварува со нив на теми важни за иднината на народот и државата и, како што вели, не може да ни најде многу грешки во работата, посебно не стратешки грешки, зашто грешки секој знае да направи, но важно е да не се стратешки, па се обидува со вакви глупости.

– Кога тие дојдоа во Владата, првата работа беше да обезбедат скапи возила, па ги користат и за партиски цели и слично. Но, тоа не е нивото на дискусија кое јас сакам да го водам со нив. Јас со години се возев со возило на мојот претходник без да барам купување ново. Судејќи по постапките на министерот за внатрешни работи, кога СДСМ би дошле на власт, првите 5-6 месеци ќе се занимаваат со тоа кој какво возило ќе вози, кој каков намештај ќе има во канцеларијата, и кој ќе добие а кој не обезбедување. И тоа народот би го простил ако истовремено нешто и сработат за народот, исполнат некое ветување, направат некој проект, дело, реформа…Но, судејќи по ова што го гледаме сега, освен со дворски игри, школа наследена од Бранко Црвенковски, освен со работи за лична удобност, со ништо друго не би се занимавале, истакнува премиерот.

За обвинувањата за купување земјиште на Водно, вели дека никогаш нема купено никакво земјиште никаде.

– Опозицијата користеше креирани и едитирани нелегално стекнати материјали со цел да ме дискредитира, бидејќи со работа и резултати не е дорасната да не победи мене и мојата политичка гарнитура. Многу од тие креирани материјали беа од различни периоди, за различни работи, извадени од контекст делови од телефонски разговори, и ставени во еден контекст, кој требаше да го убеди народот дека сум работел нешто незаконско или нечесно. Тоа беше една голема валкана игра, кој мнозинството од народот ја препозна, потенцира премиерот.

Во врска со криктиките за оградата околу Владата премиерот во интервјуто посочува дека не постои ограда што може да го спречи народот да влезе во владата и да ја турне владата. – Ако навистина тој е до таква мерка разочаран или гневен не ваква ограда, туку тврдина како Кале да изградите, ако народот реши да ве руши на таков начин, ако сте го заслужиле тоа, тоа и ќе ви се случи, вели премиерот.

Појаснува дека оградата се постави како дел од новиот проект и реконструкција на владиниот објект кој над 40 години не бил реконструиран. Со реконструкцијата се промени и фасадата и надворешниот изглед, а беше предвидена и ваква ограда каква што има во вакви објекти во најголем дел земји во светот, тргнувајќи од Белата куќа во Вашингтон, па низ повеќето европски градови. Меѓу другото, покрај одредена минимална безбедносна димензија во услови на сериозни безбедносни закани, неколку фрлања гранати на објектот на владата, таа има и своја естетска димензија.

Во интервјуто потенцира дека за сите политичари, ако лошо работат, ако мнозинството од народот е гневен и незадоволен, не постои ограда на светот која ќе ги спаси.

– Видете, идејата на опозицијата со наметнување на вакви теми од типот оградата, мерцедесот, Скопје 2014-та е да се дефокусира вниманието од најголемите проекти кои се случиле на оваа земја во нејзината модерна историја. Добро, ајде да зборуваме за оградата, но и дајте да зборуваме за милионите субвенции што ги даваме во земјоделието, ај да зборуваме за Скопје 2014-та, но ајде да зборуваме и за зголемените плати, пензии, отворените и најавените фабрики и нови работни места, изградените патишта и автопати, текот на изградбата на автопатите што се градат и слично…значи идејата на опозицијата е да се зборува за тема за кои тие мислат дека ќе не оцрнат и наклеветат, но реалноста е поширока од таа што опозицијата ја фиксира, и народот тоа го гледа, вели премиерот.

Според него народот ја гледа целата слика на нивното работење и затоа ја дава поддршката.

– Народот ни ги гледа и грешките, ако ни ги укаже ќе ги исправиме ако ги увидиме сами пак ќе ги исправиме, и велам повторно има доста работи кои треба и мора да се поправат во нашето работење, но народот ги гледа и нашите добри страни, нашата работа, труд, проекти, макотрпна работа и посветеност, борба за државата и за народот, истакнува премиерот во интервјуто.

Извор: Курир

#Коментари