понеделник, 26 јуни 2017  |  Вести денес: 0

(ВИДЕО) Хит синглови кои никогаш не се нашле на албум

imagegen-620x350

И покрај тоа што сме навикнале сингловите да служат како најава за нов албум, сепак сведоци сме и на бројни хитови што не се нашле на ниту една колекција од песни. Имено, оваа појава порано била како непишано правило, но во последно време причина за тоа најчесто е фактот што изведувачот едноставно се премислил, или пак песната не е соодветна за концептот на новиот албум.

Ваквите самостојни синглови се мошне ретки, но сепак ги има, а кои хитови не биле сместени на ниту едно издание, алум со комплетно нови песни или компилација, дознајте во продолжение.

Ријана

Најсвежите примери за самостојни синглови доаѓаат од Ријана. Пред да го објави својот осми студиски албум „Anti“, пејачката претстави дури 3 синглови – FourFiveSeconds“, „Bitch Better Have My Money и American Oxygen. Првата од нив се искачи меѓу првите три во Велика Британија, а и втората се најде меѓу најдобрите 40. И колку од нив се најдоа на „Anti“? Ниту една. Дали некогаш ќе се најдат на некаква компилација од најдобрите хитови на Ријана, ќе дознаеме во иднина.

Мадона

За обожавателите на Мадона не е никаква тајна дека ѕвездата често се премислува во врска со нејзините песни. Можеби една од нејзините најзапоставени песни е „Gambler“ (1985), која никогаш не беше сместена на ниту еден студиски албум и компилација. Единственото место каде што сепак беше дел од некаква целина е саундтракот за филмот „Потрага по визија“ (Vision Quest), заедно со уште една нејзина песна – „Crazy For You“.

„Пет шоп бојс“ 

Призната како една од најдобрите преработки на песни воопшто, верзијата на „Always On My Mind“ од „Пет шоп бојс“ никогаш не стигна да биде дел од студиски албум. Оригинално снимена за телевизиски проект во чест на Елвис Пресли, песната беше толку популарна што групата ја издаде како сингл, освојувајќи го првото место на Божиќната листа во 1987 година.

Проблемот беше во тоа што момците беа на сред промотивната кампања за албумот „Actually“, па песната никогаш не си го пронајде својот дом. Сепак, беше сместена на американската верзија на овој албум, а ремикс верзија има и на следното издание „Introspective“, но оригиналот е сè уште „сираче“.

Канје Вест

Канје е познат по тоа што креативниот процес го сфаќа мошне сериозно. Неговиот најнов албум„The Life Of Pablo“ помина низ бројни промени на името пред музичарот да се реши на насловот што му се допаѓа. Исто како и колешката Ријана, тој реши последните три синглови да не бидат дел од новото издание.

„Only One“, „FourFive Secondsи „All Day“, секоја од нив снимена во соработка со некогашниот Битлс, Пол Макартни, се најдоа меѓу најдобрите 40 во Велика Британија, но засега остануваат како самостојни синглови.

„Шугабејбс“ и „Грлс алауд“

Се сеќавате ли кога овие две групи ги здружија силите во името на хуманитарната кампања„Комик рилиф“ (Comic Relief) и направија преработка на класикот Walk This Way од „Аеросмит“ и „Ран ди-ем-си“? Во 2007 година немаше попопуларни женски групи од нив, па би бил подобар избор за да сними хуманитарен сингл? За разлика од верзијата на „Аеросмит“ и „Ран ди-ем-си“, која го достигна само 8. место во 1986 година, оваа преработка се искачи на самиот врв, но сепак девојките не го сместија на ниту еден од нивните албуми.

 

Мик Џегер и Дејвид Боуви

За уште еден хуманитарен сингл, кој не е сместен на ниту еден албум, силите ги здружија и британските великани Мик Џегер и Дејвид Боуви, кои снимија своја верзија на „Dancing In The Street“(1964) од „Марта енд д Ванделас“, како поддршка за „Лајв ејд“ (Live Aid). Иако не се појави на ниту еден албум од музичарите, песната сепак си го пронајде своето место на неколку компилации на најголемите хитови од Боуви, вклучувајќи ја и „Nothing Has Changed“ од 2014 година.

Кајли Миног

Додека австралиската пејачка во 2012 година го славеше јубилејот од 25 години на сцената, нејзините обожаватели беа очајни да слушнат нешто ново. Кајли побрза да им ја исполни желбата, објавувајќи го хитот „Timebomb“. Но, кога дојде време да го објави албумот „Kiss Me Once“, оваа песна не беше „поканета на забавата“.

Случајно или не, сосема првиот сингл на Кајли од 1987, „The Locomotion“, кој беше објавен само во Австралија, никогаш не се најде на ниту еден албум. Песната беше преснимена за нејзиниот деби албум, но кога беше издадена како сингл за Велика Британија, беше во форма на ремикс.

Викторија Бекам

Тешко е да се верува дека модната икона и поранешна Спајс девојка Викторија Бекам некогаш беше соло ѕвезда. После нејзиниот епонимен деби албум, таа направи пауза и во 2004 година се врати на сцената со „Let Your Head Go“, денс нумера која и до денес отанува да стои сама.

 

Бритни Спирс и Иги Азалија

Се чини дека соработките најмногу страдаат кога треба да си го пронајдат својот пат до еден албум. Бритни и Иги со заедничката „Pretty Girls“ минатата година се искачија до 16. место на британската листа, но ниту една од нив (засега) не ја смести оваа песна на некое од своите изданија.

 

Вил Ај Ем 

Неколку песни од фронтменот на „Блек ајд пис“ никогаш не ја поминаа фазата на сингл. Неговиот топ 3 хит „T.H.E. (The Hardest Ever)“ можеби беше во соработка со мегаѕвездите Мик Џегер и Џенифер Лопез, но ја немаше таа среќа да биде дел од албум. И неговиот последен број 1 хит „It’s My Birthday“ со Коди Вајз сè уште не се појавил на ниту еден албум.

 

Џенифер Лопез

Се сеќавате на Live It Up, четвртата соработка на Џеј Ло со господинот 305, Питбул? И покрај тоа што песната се искачи меѓу најдобрите 20 во 2013 година и доби номинации за награда од Ем-ти-ви, кога во 2014 година се појави албумот AKA, немаше ни трага ни глас од „Live It Up“.

 

„Арктик манкис“

Leave Before The Lights Come On“ беше третиот сингл на „Акртик манкис“, но сепак не се најде на нивното деби издание „Whatever People Say I Am, That’s What I’m Not“, како ни на неговиот наследник „Favourite Worst Nightmare“. Се чини дека бендот зажали што не го стави на своето првенче бидејќи тоа беше последната песна што Алекс Тарнер ја напиша за тој период од неговиот живот, пред славата, па реши дека нема да биде соодветна за вториот албум. „Мојот живот повеќе не е таков“, рече тој. Песната се искачи до 4. место.

 

„Њу ордер“

Продадена во над милион примероци, „Blue Monday“ (1988) е една од најпрепознатливите песни од осумдесеттите, но групата „Њу ордер“ сепак не ја стави на ниту еден од своите албуми. Сепак, правдата беше донекаде задоволена кога во 2008 различни верзии од песната се најдоа на реизданија од групата.

Извор: officialcharts.com

#Коментари