среда, 20 септември 2017  |  Вести денес: 74

Димитар Атанасовски: Сара Мејс и да беше и водоинсталатер, пак ќе сакав да бидам со неа!

12421409_10207666116583807_1478441135_n

Млад и шармантен, со постојана насмевка на лицето, со својот ентузијазам водителот Димитар Атанасовски доминира на ТВ екраните и радиоприемниците.

Ексклузивно за читателите на Вистина.мк,  РТВ водителот од „лабораторијата за идеи“ открива детали како за професионалниот, така и за приватниот живот.

Извесно време ве слушаме само на радио, а сте отсутни од ТВ екраните. На што се должи тоа, ја снема магијата пред камерите или ги снема доволно добрите проекти?

Работата на телевизија ми е првото работно искуство кое воопшто некогаш сум го искусил. Иако на почетокот ми се чинеше дека нема шанси да застанам пред камера и да зборам, денес можам слободно да кажам дека тоа ми беше животна одлука која ми ги донесе најубавите работи. Од денешен аспект, слободно можам да кажам дека магија сеуште има, неодамна снимав едни промотивни видеа за еден македонски бренд и го почуствував адреналинот кој ми недостасува. Скоро година дена не сум на телевизија и тоа е само поради тоа што на нашите телевизии има се, освен добри македонски емисии. Се разбира дека доколку постои можност, со задоволство би учествувал во емисија, која пред се ќе биде по мој вкус, а во исто време модерна и гледлива. Во контекст на муабетов, оваа година по втор пат ќе го водам најпознатиот македонски музички фестивал Макфест, па ќе видиме до кај сме со магијата и желбата за телевизиско појавување =)

Медиумите ви се силна страна и одлично се снаоѓате како во радискиот, така и во телевизискиот етер. Каде се чувствувате покомфорно?

Секој медиум си има посебна приказна. Ако на телевизија можеш да привлечеш внимание со гестикулација, на радио мора да ти тече мислата, за да им влезеш во животот на слушателите. Комфорноста генерално ја чувствувам кога правам нешто што е со мерак и со љубов, така што без разлика дали е тоа работата на телевизија или на радио, се чуствувам комфорно како да сум си дома на тросед.

Паралелно со медиумскиот ангажман, дел сте и од раководството на маркетинг агенцијата ИДЕА ЛАБ. Како дојдовте до идејата баш за тоа звучно име?

Идејата беше да направиме компанија која ќе понуди нешто поразлично на пазаров, кој некако ретко сака да излезе од границите и да проба нешто ново и нешто што за прв пат би се реализирало кај нас. Името и текна на Ема и истото симболизира лабораторија за идеи. Памтам кога почнувавме многу се мислевме како да се викаме и која да биде нашата приказна, а знам дека и за текстот за Идеа Лаб ни помогна Дарко Лешоски кој точно знаеше како мојот и карактерот на Ема, да ги спои во нешто што ќе симболизира на Идеа Лаб. Од тогаш па се до денес, се си одвива спонтано.

ИДЕА ЛАБ ја формиравте во партнерство со Ема Темелковска. Колку посветеноста кон приватниот бизнис и ентузијазмот кон истиот ви носи успеси, што би ги советвале помладите?

Идеа Лаб мене ме научи на многу работи. Ме научи на поголема одговорност, посветеност, мака и борба за нешто што сфатив дека ме прави среќен. Успехот е неминовен, ако се трудиш напорно и ако веруваш во себе и она што го создаваш. Многу е тешко во ова денешно време да бидеш свој, да застанеш на нозе и да почнеш сопствена приказна. Но, од друга страна, ако е лесно, нема да има убавина. Затоа сите кои се моја генерација или помлади ги охрабрувам да не размислуваат во својата сигурна зона, туку да излезат надвор од неа и да ги прифаќаат сите предизвици.

12670940_10207374771640209_3338147329710956310_n

Не ја криете приватноста и врската со Сара Мејс. Бевте во врска со водителка, сега со пејачка, дали за Димитар е задолжително партнерката да биде јавна личност и како би го дефинирале таквото љубовно искуство?

Треба да сум идиот за да ми е важно каква професија ќе има девојка ми и според тоа да бирам со која ќе бидам. Мене ми е важно партнерката да има разбирање и да го цени моето слободно време, начинот на живот и распределување на обврските. Да биде голем човек кој секогаш знае да ужива во моментот. Сплет на околности е што Сара е музичар, да беше водоинсталатер со истите особини кои ги поседува, пак ќе сакав да бидам со неа.

Со што ве освои Сара?

Првично, со својата убавина, а потоа со својот нескротлив дух, темперамент и авантуристички карактер. Како поминува времето, сфаќам дека секој ден има по некоја мала или голема работа што таа ја поседува, а мене ме освојува.

Многу мажи се плашат од предбрачна заедница , но вие не. Дали заедничкиот живот пред брак повеќе ја зацврстува врската или може да ја „убие“ љубовта?

Напротив, сметам дека заедничкиот живот може да и даде стабилност на една врска и да ја продлабочи истата. Нормално, секогаш има моменти кога се запрашуваш дали така е подобро, ама со Сара секогаш гледаме да биде онака како што на двајцата ни е убаво. Така и почнавме да живееме заедно, немаше некој муабети или договори, туку едноставно работата тргна =)

Имате ли зацртана траса по која ќе ја насочите енергијата во остварување на најзначајните работи за еден маж пред кој стои третата  деценија од животот?

Вака кога ќе го прочитам ова трета деценија, малку и страв ме фаќа =) Трасата ја прави она што те прави среќен и задоволен од себе. Пробувај на секој можен начин да  ги направиш луѓето весели и насмеани, а енергијата ја оставам да ме води. Досега не ме разочарала, не гледам причина, зошто би помислил дека тоа ќе се смени.

#Коментари
[fbcomments]