среда, 28 јуни 2017  |  Вести денес: 22

Мартин Видоевски: Што ќе му дадеме на нашето тело додека сме млади, тоа ќе ни возврати во позрели години!

martin
Еден од најдобрите фитнес центри во Македонија е фитнес центарот дел од Спортскиот центар Јане Сандански. Центарот е тука да им овозможи на спортистите место каде што ќе можат да вежбаат и да го одржуваат своето тело, меѓутоа тој е отворен и за сите што сакаат да вежбаат и да се чувствуваат здраво и фит. Атмосферата, најновите справи и професионалниот тим го комплетираат центарот, а Мартин Видоевски е еден од членовите на тимот којим стои на располагање на сите посетители.

Во продолжение проследете го ова интервју за да видите како Мартин почнал да се занимава со фитнесот и за неговиот работен ангажман во Спортскиот центар Јане Сандански.

Колку долго се занимаваш со фитнес?

– Се започна 2000-та година, почеток на нов милениум и за едно дебело 14 годишно дете почеток на нова страница во животот. Имав 95 килограми, се бавев со повеќе спортови но никогаш не внимавав на мојата исхрана и така дојдов до тие несакани килограми. После мојата полуматура секојдневно одев на кејот на Вардар со професорот Златко Јанакиевски и успеав за минимални 45 дена да ослабнам 35 килограми. Оттогаш па до ден денес мојата пасија и хоби прерасна во нешто што го правам за живот од љубов.

Објасни ми нешто повеќе за твојот ангажман во Спортскиот центар Јане Сандански

– Мојот ангажманво Сц Јане Сандански е од самото отварање на салата пред започнување со работа на фитнес центарот. Се’ што е внатре наместено и внесено јас бев задолжен за тоа. Справи, тегови, огледала, реквизити. Едноставно, јас го водам центарот и сум одговорен за се’ таму што се случува. Огромна благодарност што имам прекрасни колегии пресреќен сум што функционираме беспрекорно. Марија Лојаница, Петар Баснарков, Душко Петковски и Јелена Стевановиќ е екипата која стои позади оваа успешна приказна.

Каква е твојата соработка со останатите фитнес инструкторки во Сц Јане Сандански?

– Соработуваме феноменално, учиме постојано еден од друг, се надополнуваме… Секој си е стручен во својот дел. Позитивни сме сите и луѓето тоа го чувствуваат и се презадоволни од своите резултати. Најбитното од се’ е тоа што се почитуваме меѓусебно максимално и сме отворени на секакви сугестии и кретики.

Како се одвива еден твој ден?

– Секое утро станувам во 5.30 и се упатувам кон салата. Денот започнува со тренинг од 6.00 часот каде што работам со најпозитивната личност во мојот живот, мојата жена Загорка. Вежбаме заедно, се координираме. Тука започнуваат и моите работни обврски, персоналните часови кои ги имам се до 15.00 часот попладне. Потоа пијам цеден цитрон со едно кратко еспресо и се упатувам дома каде ручаме заедно со фамилијата. Вечерните часови си ги поминуваме заедно со Заза доколку немам уште некој тренинг во салата. И така се’ од почеток.

Која е твојата мотивација?

– Најголемата моја мотивација е Заза. Немам друг одговор на прашањево.

Зошто Сц Јане Сандански е најдобриот избор во земјава?

– Поради неколку фактори: хигиената пред се’, професионалноста, пријатната атмосфера, мулти функционалните тренинзи, ВИП тренинзите во група, индивидуалните тренинзи за секоја намена и најдобрата музика.

Што ќе им препорачаш на сите?

– Водете грижа за Вашето здравје. Она што ќе му го дадеме на нашето тело додека сме млади, тоа ќе ни го врати во позрелите години за возврат. Бидете свесни дека да бидете ФИТ не е мода, туку Ваша доблест.

#Коментари
[fbcomments]