сабота, 22 јули 2017  |  Вести денес: 52

Евровизиската историја на Македонија (1996 – 2016)

ESCMacedonia-620x350

Калиопи  ја испеа „Дона“  и не успеа  да ја внесе Македонија во евровизиското финале на 14 мај 2016 година, сабота, откако Македонија годинава  учествуваше во натпреварот за Песна на Евровизијата по 16-ти пат.  Како изгледаше нашето 15 -кратно евровизиско патешествие до сега, за сиве овие изминати години, ќе се потсетиме во продолжение од приказната за дведецениската Евровизиска историја на Македонија (1996 – 2016).

Screenshot_2

„Изборот за песна на Евровизија“ започнал да се емитува во 1956 година, кога учествуваат само 7 земји, но секоја следна година бројот на учесници сè повеќе ќе се зголемува. Од 1996-2002 и потоа од 2008-2011, Македонија на Евросонг го праќаше победникот на „Скопскиот фестивал“, во 2006 и 2007 претставникот се избираше преку специјална програма во живо од студиото на МРТ, во 2004 и од 2012 до 2013 одлуката беше во рацете на Македонската Радио Телевизија, а минатата, година повторно го праќаме победникот на „Скопски фестивал“. Годинава МРТ повторно сама и ја додели улогата да не претставува на Евросонг на една домашна музичка ѕвезда, во случајот, Калиопи по трет пат!

Нашиот прв обид за учество во натпреварот беше во 1996 година кога токму Калиопи победи на „Скопскиот фестивал“ со песната „Само ти“, која за жал, подоцна  не успеа да ги мине тогашните претквалификации и да се квалификува за главната вечер. Во продолжение да се потсетиме како звучеше нашата несудена евровизиска песна на Калиопи за 1996 година.

Првото официјално учество на Македонија беше во 1998 година, кога „Евровизија“ се одржуваше во Бирмингем, Велика Британија, а нашиот претставник Владо Јаневски настапи под реден број 25 со песната „Не зори, зоро“. Од вкупно 25 земји кои се натпреваруваа таа година, Македонија заврши на 19. место со освоени 16 поени. Како изгледаше неговиот настап можете да се потсетите во продолжение.

По пауза од една година, во 2000 година учествуваа 24 земји, а нашите претставнички беа девојчињата од женската вокална група „Икс-икс-ел“ (XXL) кои во Стокхолм, Шведска настапија под реден број 19 со песната „100% те љубам“. Со освоени 29 поени, Македонија заврши како 15-та.

Во 2002 година во Талин, Естонија на евровизиската сцена настапија претставници на 24 земји, а нашата претставничка Каролина Гочева со песната „Од нас зависи“ настапи под реден број 9. Со освоени 25 поени Македонија го освои 19. место со што не обезбеди пласман за следната година. Како изгледаше настапот на Каролина можете да видите во продолжение.

Следниот чекор на „Евровизија“ за Македонија го направи нашата музичка икона, Тоше Проески. Во 2004 година во Истанбул, Турција, нашата легенда настапи во полуфиналната вечер под реден број 15 и со освоениот 71 поен успеа да се пласира на 10 место со што обезбеди учество во финална вечер. Повторно под реден 15 настапи и во големото финале, а со освоени 47 поени ја донесе Македонија до 14 место. Како изгледаа неговите изведби на песната „Life“ можете да се потсетите во продолжение (полуфинале и финале).

По победата на Руслана и нејзините „диви танци“, следната 2005 година „Евровизија“ се одржа во украинската престолнина Киев, а по „дуелот“ со Александра Пилева за наш претставник беше избран Мартин Вучиќ. Песната „Make My Day“ беше изведена во полуфинална вечер под реден број 17, а со освоени 97 поени и 9. место, Македонија продолжи во финале каде што се натпреваруваше со останатите 24 земји, а со 52 поени заврши на 17. место.

Најдобриот пласман за Македонија  во евровизиската историја го забележа Елена Ристеска во 2006 година со песната „Нинанајна“. На евровизиската сцена во Атина, соседна Грција, Ристеска настапи во полуфиналната вечер под реден број 11, а со освоени 76 поени и 10. место успеа да се пласира во финале. Повторно под реден број 11 настапи и во финалната вечер и во конкуренција од 24 земји „Нинанајна“ освои 56 поени и до сега највисокото 12. место за Македонија.

Годината кога „Молитвата“ на Марија Шерифовиќ ја забележа првата и единствена победа за Србија на Евровизија, во 2007 година натпреварот се одржуваше во Хелсинки, Финска, а ние по втор пат ја испративме Каролина со песната „Мојот свет“. Во полуфиналната вечер Каролина настапи под реден број 18, а освоените 97 поени и 9. место го продолжија нејзиниот пат до финалето. Овој пат под реден број 6 и во конкуренција од 24 земји „Мојот свет“ собра 73 поени и го освои 14. место.

Првите македонски претставници кои не успеаја да се пласираат во финале во 2008 година во Белград беа Тамара Тодевска, Раде Врчаковски Врчак и Адриан Гаџа кои во втората полуфинална вечер настапија под реден број 18 изведувајќи ја песната „Let Me Love You“. Во конкуренција од 19 земји, Македонија успеа да освои 64 поени и 10. место, но за жал не беа доволни за пласман во финале. Како изгледаше нивниот настап можете да се потсетите во продолжение.

Во 2009 година Македонија во Москва, Русија ги испрати браќата од дуото „Некст тајм“, кои во првата полуфинална вечер под реден број 13 настапија со песната „Нешто што ќе остане“. Од 18-те земји кои настапуваа таа вечер, Македонија собра 45 поени и повторно заврши на 10. место и без пласман за финале.

55. издание на натпреварот во 2010 година се одржа во Осло, Норвешка, а во првата полуфинална вечер под реден број 15 настапи Ѓоко Танески, кој заедно со Били Ѕвер и Пејчинја изведе песната „Јас ја имам силата“. Оваа екипа за жал не обезбеди пласман во полуфинале за Македонија со оглед на тоа што од 17 земји кои се натпреваруваа таа вечер, „Јас ја имам силата“ освои само 37 поени и 15. место.

Последна во низата на неуспешни обиди за пласман во финале е „Русинката“ на Влатко Илиевски во 2011 година во Дизелдорф, Германија. Оваа песна беше изведена во втората полуфинална вечер под реден број 11, а во конкуренција од 19 земји Македонија освои само 36 поени и 16. место.

Во 2012 година во Баку, Азербејџан, нашата претставничка беше Калиопи која со песната„Црно и бело“ настапи во втората полуфинална вечер под реден број 2. Од 18-те земји во таа полуфинална вечер Македонија се пласира на 9 место со освоени 53 поени, а во големото финале под реден број 22, „Црно и бело“ освои 71 поен и во конкуренција од 26 земји заврши на 13. место.

Претставниците кои во 2013 година ги пративме во Малме, Шведска беа Влатко Лозаноски Лозано и Есма Реџепова. Тоа беше можеби еден од најконтроверзните национални избори за песна на Евровизија со оглед на тоа што првичната песна „Империја“ предизвика незадоволство, особено на социјалните мрежи, па следниот избор беше песната „Пред да се раздени“. Есма и Лозано настапија во втората полуфинална вечер под реден број 3, но со освоени 28 поени и 16. место, за жал не продолжија во финале.

Ниту  Тијана Дапчевиќ со својата „То The Sky“, за жал, не успеа македонија да ја однесе во евровизиското финале. Познатата пејачка во придружба на сестра и Тамара, Димитар Андоновски и Пере (Нокаут) во Копенхаген, Данска, се натпреваруваше во рамките на втората полуфинална вечер под реден број 11, но со освоени 33 поени и 13. место, не продолжи во финале. Како изгледаше нејзиниот настап потсетете се во продолжение.

Последниот неуспешен обид за пласман во финале го имаше минатогодишниот претставник Даниел Кајмакоски, чии „Лисја есенски не му донесоа доволно поени за да продолжи понатаму. Имено, Кајмакоски настапи во првата полуфинална вечер под реден број 8 и собра само 28 поени, со што се пласираше како претпоследен од вкупно 16 полуфиналисти.

Според сите горенаведени податоци, најдобриот евровизиски пласман на Македонија до сега и го  има донесено Елена Ристеска (12 место), а најлошиот им припаѓа на  Влатко Илиевски и Есма и Лозано со 16. место во полуфинале, односно Владо и Каролина во 1998 и 2002 (19 место). Како и да е, евровизиската приказна за Македонија продолжува понатаму и догодина.

Извор: РадиоМК

#Коментари
[fbcomments]