среда, 18 октомври 2017  |  Вести денес: 0

Лила Филиповска: Сериозно многу се збогатив преку „Се или нешто“!

lila

Редакцијата на Вистина.мк ја имаше привилегијата специјално за читателите непосредно да разговара со омилената македонска ТВ водителка, Лила Филиповска, која како и секогаш така и овој пат максимално се посвети да ги даде одговорите на прашањата за кои вели дека ретко ги одговарала.

Лила воопшто не се штедеше да открие се што ја прашавме поврзано со нејзиното долгодишно телевизиско искуство, квизот „Се или нешто“, приватноста и љубовниот живот, пресијата на популарноста и уште многу други теми и интересни случки кои ги читате во продолжение:

Кое е највредното искуство што го научивте за овие 22 години телевизиска работа?

Можам да кажам дека оваа бројка покажува дека не бев една од оние инстант ѕвезди кои што ќе блеснеа преку ноќ и потоа ќе исчезнеа. Едноставно сум ја нашла вистинската формула да луѓето ме слушаат и гледаат толку време. Во последниве пет години дури ги имам секој ден, луѓето продолжуваат и сакаат да ме гледаат, а тоа значи дека дефинитвно си ја пронашол формулата да им останеш интересен толку време. Да не ги заборавиме и порталите, еве пример како вашиот Вистина.мк, каде што ме третираат постојано, што значи навистина морам и сум задоволна од тоа што сум го направила кога е телевизијата во прашање, односно водителската кариера.

Пет сезони на „Се или нешто“, повеќе од 200 емисии во една сезона и многу натпреварувачи. Може ли да издвоите некоја ситуација од снимањето што никогаш нема да ја заборавите?

Поминале навистина многу луѓе, повеќето се доста интересни, таков е и кастингот. Ќе паметам дека еден кандидат ја побара девојката за сопруга, а верувам дека ова ќе го памети и таа девојка. Јас бев како матичар тогаш, таа улога многу ми лежи. Сакам убави ситуации, сакам моменти кога љубовта е во прашање, знам дека тогаш е се дозволено, а јас сум секогаш на страната на љубовта. Ќе го паметам највозрасниот натпреварувач, 83 години кој неодамна учествуваше, поранешен атлетичар, човек полн со приказни, едвај се назборевме и тоа беше една од најинтересните емисии. Ќе ја паметам една девојка која го пропушти милионот на самиот крај, како и потенцијалните 15 милионери кои во своите кутии го имаа милионот. За жал и оваа сезона го немаме милионерот, но тоа не затоа што банкарот не го дава. Со најинтересна амајлија беше Васка Јанковска, на пошироката јавност позната како долгогодишна пејачка од оркестарот на Горан Бреговиќ. Оваа дама е скопјанка и беше крајно интерсна, а после нејзината црвена танга како амајлија носеа и други. И уште многу интересни моменти… тоа е причината што овој квиз е толку гледан и што ниедна емисија не личи една на друга.

Колку е тешко да се најде пристап на комуникација со разни профили на личности и карактери од психолошки аспект?

Искуството кое јас го имам, а вие на почеток го споменавте, не за џабе се рекло дека не се купува со пари. Не го добиваш на факултетот психологија. Јас навистина станав еден добар психолог кога се луѓето во прашање и затоа сум добра во ова што го работам. Затоа уште првпат кога доаѓа кандидатот јас од профилот знам со каква личност треба да работам. Она што ете сум горда во име на професионализам, не е само психологијата, туку и тоа што знам да се шегувам без да ја преминам линијата. Не верувам дека некој од играчите досега бил навреден од моја страна, едноставно не смеам да си дозволам некој да замине разочаран. Дури и најкрутите на крајот омекнувале.

13285635_10209236418578205_1196354282_n

Какво е чувството кога ви кажуваат дека се дојдени во квизот поради Вас, а не поради милионот? Што прво си помислувате?

Јас би кажала дека не само мажите, туку и доаѓаат и жени. Мене тогаш ми е најдраго. Убаво е кога ќе ви кажат дека сакале да ве запознаат во живо и да комуницираат со вас. Како и на секоја жена, така и мене ми годи, меѓутоа телевизијата е магија, луѓето имаат некоја замисла за тебе, не дека се заљубени, туку затоа што сакаат да ме видат во живо. И целото тоа е само позитивно во мојата работа.

Во „Се или нешто“ учествуваат кандидати од сите краеви на земјава, а повеќето од нив преферираат да зборуваат на дијалект пред камера. Се вели дека дијалектите се наше јазично богатство, па колку се обогативте во тој поглед?

Сериозно сум многу богата. Јас им велам да зборуваат на дијалект, ако така им е полесно. Навистина е штета да потекнуваш од одреден град и да не го зборуваш дијалектот. Сите ситуации кои ги раскажуваат се поинтересни на дијалект. Тоа наидува на одобрување од публиката и морам да кажам дека никој не треба да се срами од каде доаѓа, да се потценува. Затоа секогаш ги прашувам од каде доаѓаат, од каде потекнуваат. Сакам да ја вклучам цела Македонија. На факултет имав две години дијалектологија и додека сите го коментираа предметот како многу тежок, мене ми беше еден од најинтересните. Сега благодарение на кандидатите јас сум се подобра и уживам да комуницирам на нивниот дијалект, дури и станувам многу смешна, така што во тој поглед сум многу богата, навистина богата, а најдобро го владеам кумановскиот.

Со оглед на вашето професионално ТВ искуство, постои ли се уште самокритичност додека се гледате на телевизија?

Никогаш не сум си изгледала совршено. На секоја емисија си наоѓам по некоја маана. Дали е косата, па како сум наместена, па мислам дека многу сум се смеела и после сите години не можете ни да замислите колку сум самокритична. Но, манаата секогаш сакам да ја поправам.

13288885_10209236416458152_1627691755_n

Важите за една од најстилските дами кај нас, а како и секоја вистинска ѕвезда имате соработници и асистенти кои ви помагаат за совршен изглед. Колку време одвојувате на разубавување, како изгледа овој дел од вашето секојдневие?

Секојдневно работам на изгледот. Еден ден сум на масажа, друг ден на третман за лице, па солариум, до петпати теретана, педикири, маникири. Тоа е мој начин на живот и не значи дека мора така да им биде на сите дами. Тоа одзема многу време, колку и да изгледа уживање, верувајте дека смачува. Особено ми смачува шминкањето. Јас и приватно се шминкам, тоа е мој избор, начин на живот, но морам да признаам дека ми е смачено. За мене секогаш се тука од модната куќа Елена Лука кои подготвуваат многу фустани по сезона за мене. Тука се Владимир и Сергеј како мои долгогодишни соработници. Мозаикот од личности е сложен и токму затоа сме успешни.

Кои се предностите да се биде ѕвезда во Македонија?

Каде и да сум се обратила за било каква помош никогаш никој не ме оставил да чекам, независно дали ја познавам личноста или не. Да тоа е привилагија. Едноставно го кажуваш името и завршена ти е работа и тоа нависина не е мала работа. Добивам и аплауз кога ќе поминам, особено од повозрасните кои се навистина храбри. Помладите сакаат да се сликаат селфи, да те гушнат на улица… Тоа е навистина убаво и е поттик, мотивација, независно колку време го работиш тоа.

Има ли моменти во кои ви пречи популарноста?

Не сакам да ме разберат погрешно дека мене тука ме прогонуваат, но признавам дека има моменти кои ми пречат. Еве на пример сакам да седнам во парк или да легнам на трева лабаво, но, што и да сакам да направам првата мисла ми е чекај да видам кој има наоколу. Јас чувствувам дека имам морална обврска кон народот што ме почитува. Сепак, преовладуваат позитивните работи кај популарноста и повторно да се родам би го работела ова.

Колку е тешко да се остане нормален со оглед на популарноста што ја имате?

Веројатно тоа е во карактерот и домашното воспитување. Јас израснав во нормално семејство со всадени семејни вредности. Може некој ќе рече, е да семејни вредности, а јас двапати разведена. Сепак, сметам дека сум многу искрена како човек и ако со некој не ти е добро, подобро е да прекинеш отколку со сила нешто да правиш. Притоа пак ќе кажам дека сум свесна за популарноста, но со оглед колкава е Македонија и со заработувачката што ја имаме, не може да се занесуваме дека сме некои ѕвезди и едноставно не може да им глумиш на луѓето. Таа моја нормалност мислам дека е причината што се уште луѓето ме гледаат и сакаат.

Посилниот пол Ве обожава. Што мислите, кое е најсилното оружје во Вас?

Мислам насмевката. Имам среќа што Господ ме дарувал со убави заби. Тоа што сум искрена, ненаметлива, а кон машкиот пол секогаш сум се однесувала идниферентно колку и да сум била заинтересирана, а тоа пали кај мажите. Тврдам дека оружјето не е мојот физикус, туку интелектот. Физичката перцепција кај вистинските мажи не е толку важна колку менталниот склоп.

13292942_10209236414378100_1270606822_n

Во едно интервју неодамна изјавивте дека сте заљубени. Како сега стоите по прашањето на ова поле?

Јас само едно научив. Колку помалку луѓето знаат за твојата среќа, таа ќе трае подолго. Луѓето знаат дека сум искрена во се, но сфатив дека сето тоа резултираше со прекини на врски, а ретко кој партнер може да го поднесе тој товар, да се провлекува по статуси, медиуми, социјални мрежи и сл. И се е во ред се додека го нема тој притисок и во најчест број од случаите тоа се случуваше. Научив дека нема потреба да потврдуваш или демантираш, едноставно оставаш да ги „носи водата нештата“. Но, ќе кажам само дека е подобро да те споменуваат за што сум благодарна, отколку да те заборават.

Знаеме дека го обожавате лето, па какви се плановите за претстојното, ги конкретизиравте ли посакуваните дестинации?

Верувате дека немам агенда? Сакам да посетувам нови места, но би се вратила повторно во Барселона, Фиренца и Дубаи. Можеби би одела во Португалија и Малдиви. На овие две дестинации не сум била, ги имам во план. Не сум сигурна, работам на случајот, но преку Фејсбук сигурно ќе знаете кои ќе бидат. Ми треба одмор секако, Тајланд, Малдиви или Лисабон ќе биде изборот, а друштвото сигурно ќе биде добро и проверено.

копира

#Коментари
[fbcomments]