среда, 24 мај 2017  |  Вести денес: 0

Хорхе Македа: Ја обожавам атмосферата во „Јане Сандански“!

makeda1-520x389

Дојде како големо засилување, ги исполни очекувањата и набрзо стана миленик на вардаровата публика. Со својата физиономија вардаровиот двометраш, шпанецот Хорхе Македа предизвикува страв и трепет кај противниците. Секогаш е сериозен и борбен без разлика дали игра во напад или во одбрана, додека во приватниот живот е тивок, насмеан и пријатен за разговор.

unnamed

Во интервјуто за сајтот на РК Вардар, Македа раскажува како стигнал во Вардар и што било пресудно за дојде тука. Вели дека преубаво се чувствува во Скопје и народот тука го потсетува на шпанскиот. Прочитајте како би ја опишал публиката во Јане Сандански, какви совети добива од неговата девојка која исто така игра ракомет, дали знае да зборува македонски и што ќе работеше доколку не играше ракомет.

Цела сезона си во Скопје, како се чувствуваш тука, дали се навикна на градот и што најмногу ти се допаѓа?
„Многу сум среќен тука, го сакам градот, навистина е убав град и има што да се прави, центарот е убав, има многу кафулиња и ресторани кои се полни со народ, мене тоа ми се допаѓа и уживам кога сум излезен со девојката или пријателите. Тука луѓето се многу слични со Шпанците, сакаат да се дружат, а мене тоа ми одговара“.
Како се случи од Нант да дојдеш во Вардар?
„Добив повик од тренерот Раул, ми кажа дека клубот Вардар сака да ме ангажира. Секако, ми требаше време да размислам и да одлучам за понудата. Набрзо откако разговаравме ја прифатив понудата, ми значеше и ми беше важно тоа што тренерот Раул е Шпанец и што во тимот има шпански играчи за да се чувствувам многу подобро во екипата, односно како дома (се смее)“.
Пред да потпишеш за Вардар што знаеше за клубот, дали твоите сонародници од клубот влијаеа на твојата одлука?
„Вардар го следев во ЛШ, знаев дека има одлична публика и големи амбиции. Одлучувачки момент за мене беше тоа што Раул е Шпанец, дури ако бидам искрен можеше да се случи и да не дојдам во Вардар доколку во тој момент не беше Раул во тимот, бидејќи доколку имам добра релација со тренерот тогаш јас се чувствувам добро во клубот во кој што доаѓам. Алекс и Арпад ме советуваа да дојдам, ми велеа дека атмосферата во тимот е одлична, дека луѓето тука се прекрасни и дека градот е убав“.
Од наредната сезона доаѓа уште еден Шпанец во Вардар, полесно ли ти е што во тимот има повеќе Шпанци?
„Да да, навистина сум многу среќен што наредната сезона доаѓа шпанецот Кањељас. За мене е олеснување што имам Шпанци покрај мене, бидејќи јас тешко ги учам другите јазици, не ми лежат странските јазици, а вака имам со кого да зборам на шпански (се смее)“.
Раул, Давид, Алекс веќе го владеат македонскиот јазик, како ти оди тебе, научи ли некои зборови?
„Зборот што најчесто го употребувам и ми е интересен на македонски е катастрофа (се смее). Разбирам малку, но како што претходно кажав, не ми оди баш најдобро со јазиците, освен со шпанскиот. Раул кога зборува македонски јас го разбирам, бидејќи зборува полека и има шпански нагласок, а кога вие зборувате на македонски брзо тогаш ништо не можам да разберам. Но, ги знам основните зборови: како си, дали си добар, што правиш, горе, доле“.
Како би ја оценил оваа сезона и какви се твоите очекувања за наредната со оглед на тоа дека доаѓаат нови засилувања?
„Годинава сите очекуваа конечно да отидеме на фајнал-фор, но за жал тоа не се случи. Веспрем беше подобар од нас тука во Скопје, ние бевме подобри и одигравме одличен натпревар на гостувањето, но сепак тоа не беше доволно, четвртфиналето го загубивме уште во Скопје. Не можам да кажам дека сум задоволен од сезоната бидејќи за секој клуб и играч најважно е да стигне на фајнал фор. Искрено се надевам и очекувам наредната сезона да играме добро во групната фаза и на крај да бидеме на посакуваниот фајнал-фор“.
Како би ја опишал атмосферата во салата Јане Сандански, какво е чувствтото да се игра пред ваква публика?
„Уффф, ја обожавам атмосферата во Јане Сандански. Кога сме на терен пред таква публика и кога нема да ни оди баш најдобро на натпреварот, секогаш ја имаме подршката од публиката, а таа е тука за да не врати ‘во живот’ и да го добиеме натпреварот. Пред да дојдам во Вардар гледав натпревари и секогаш велев ‘ја сакам атмосферава’, а сега и ја чувствувам“.
Твојата избраничка е ракометарката Макарена Агилјар. Со оглед на истите професии, добиваш ли некогаш совети од неа за играта?
„Секогаш после натпреварот разговараме како било, зошто тој напад направи така, требаше поинаку… Си даваме совети, мислења и секако критики“.
На терен си секогаш сериозен и борбен, кој е Македа во приватниот живот?
„Кога играм ракомет сум секогаш сериозен, борбен, ја искажувам нервозата на терен, а во приватниот живот сум тотално спротивен. Приватно сум многу тивок, мојата девојка често знае да ме праша што ти се случи додека играше беше многу нервозен, а надвор од ракометот сум смирен, насмеан, прифаќам се без противење и никогаш не покажувам нервоза“.
Која е најголемата лага што ја имаш слушнато за себе?
„Многу пати имам слушнато за мене дека сум глуп или пак насилен бидејќи така сум се однесувал на натпревар, но откако ќе ме запознаат на луѓето им се менува мислењето за мене. Кога одам во нов клуб, ми треба време да се прилагодам, па откако ќе поминат два месеци, новите пријатели што ги запознавам ми велат дека на почетокот имале различно мислење за мене, но откако ќе ме запознаат ми велат дека сум симпатично и мирно момче“.
Како го поминуваш слободното време, дали имаш некое хоби?
„Немам хоби, а кога имам слободно време најчесто одмарам дома и го користам времето да готвам. Сакам да готвам, мојата девојка секогаш ми вели дека добро готвам и дека храната е многу вкусна, но бидејќи ми е девојка не сум сигурен дека таа е релевантна за да даде оценка (се смее)“.
Да не беше ракометар која ќе беше твојата професија?
„Мислам дека доколку не бев ракометар ќе работев со татко ми, тој прави вино и веројатно и јас истото ќе го правев“.
Каде ќе го поминеш летото?
„Во Шпанија, во мојот град Толедо. Целиот одмор ќе го поминам таму, јас го сакам мојот град, тоа е мало градче, но е преубаво и луѓето што живеат таму се прекрасни“.
Реал или Барселона?
„Секогаш Реал Мадрид, а навивам и за Атлетико Мадрид кога играат против Барселона“.
#Коментари
[fbcomments]