вторник, 24 јануари 2017  |  Вести денес: 28

Дарко Марковиќ – духовитиот надарен автор и непомирлив критичар на сите режими

Почина неповторливиот, единствениот,  Дарко Марковиќ. Легендарниот „Дар-Мар“ почина во Скопје, каде што и се родил во 1940 година.
Дарко ја задолжи Македонија со своето сестрано творештво, како карикатурист и сатиричар, филмски режисер и аниматор, стрип цртач, илустратор и дизајнер, негувајќи ја културата на бескомпромисна и храбра, но бескрајно духовита и добронамерна критика на нашата општествена стварност.

pecko 1(1)
Дипломирал архитектура во 1966 година, а во 1972 специјализирал анимиран филм во Загреб, под менторство на оскаровецот Душан Вукотиќ. Професионалната кариера како карикатурист ја започнал во 1960 година, работејќи за повеќе весници и списанија во Македонија и во поранешна Југославија. Од 1966 до 1975 работел како главен уредник во сатиричното списание „Остен“ и како директор на Светската галерија на карикатури во Скопје.

befd9bb9986d3a479806287e790a330c
Во 1975 година се вработува во „Вардар Филм“ – Скопје, отворајќи студио за анимиран филм. Од 1978 работи како слободен уметник, а во 1983 е назначен за професор на Факултетот за уметност во Скопје, по предметот Анимиран филм. Во истиот период работи како главен уредник на културно-уметничката програма во Телевизија Скопје. Од 1988 до 1995 живее и работи во Лондон. Во 1995 се враќа во Македонија. Станува првиот директор на ТВ телма од нејзиното отворање.

Screenshot_17
За своите карикатури и анимирани филмови има добиено повеќе од триесет награди и признанија. Меѓу позначајните награди за карикатура што ги добил се: прва награда на фестивалот за хумор во Будва во 1968 година, Награда на редакцијата „Јеж“ (Шабац) во 1970 година, Награда „Мартини“ во Борфигера (Италија) во 1973 година, Втора награда на Светската галерија на карикатури во Скопје во 1979 годимна и други.

pecko ovaa
Меѓу позначајните награди за анимација што ги добил се: Награда за нов ТВ израз во Порторож, Словенија, во 1974 година за филмот „Шоу машина“, Диплома на официјалното жири на фестивалот во Оберхаузен, Германија, во 1976 за филмот „Стоп“, Сребрена роза во Монтре, Швајцарија, во 1977 за филмот „Каша“, Сребрен змеј на фестивалот во Краков, Полска, во 1979 за филмот „Циркус“, Бронзена роза во Монтре, Швајцарија во 1982 за филмот Фестивал и други. Автор е и на обвивката за албумот „Рачна работа“ на најпознатата македонска џез-рок група на сите времиња „Леб и Сол“.

13347012_973390776114910_125211598172890126_n
Негови познати анимации се „Граница“ (1976), „Стоп“(1976), „Три минути на светот на Мирослав Бартак“ (1976),„Бело топче“ (1977), „Циркус“ (1979), „Рака“ (1980),„Фасада“ (1996) и други.
Во 1979 година се раѓа еден од неговите најпрепознатливи цртани ликови, стрип јунакот Пецко, кој егзистира до денес. Најпрво се појави во „Нова Македонија“, па се пресели во „Дневник“, помина во „Време“ и веќе две години живее во „Слободен печат“. Во периодот од 2001 до 2006 Пецко се појавува на тогашната А1 телевизија, каде што беа објавени 152 епизоди со популарниот јунак, алтерего на Дарко.

pecko 0
– Пецко е слика на нашата транзиција. Јас ги опсервирам сите досегашни политички структури – ќе изјави тој.

Дарко Марковиќ е и одличен афористичар. Ја објави книгата „Оче наш – мајко моја“, збирка афоризми и епиграми, три стрип киниги
„Учете англиски“, автобиографскиот роман „Лична карта“, романот „Балкан во Лондон и други дела.

Главната потпора на Дарко беше неговата сопруга Афродита, архитект и аниматор, со која има две деца, синот Филип и ќерката Леона.

Извор:Плусинфо.мк

#Коментари

Коментари

коментари