четврток, 23 март 2017  |  Вести денес: 0

Ина Суслина: Кога публиката го скандира моето име чувствувам пеперутки во стомакот

Помеѓу стативите зрачи со сигурност и истрајност, зад себе има голем број медали, а кога ќе застане на голот секогаш е пречекана со аплауз и со скандирање на нејзиното име. Вели во тие моменти чувствува пеперутки во стомакот.
Вардаровата миленичка Ина Суслина, во интервјуто за сајтот на Вардар сподели дека е среќна што на свои 34 години го пронашла „спортскиот дом” во кој сѐ функционира, а кога се враќа од пат и кога ќе ја види табличката Скопје во нејзиното срце има радост. Дознајте со кои три зборови би го опишала македонскиот народ, дали слушнала за Вардар пред да дојде тука, од каде љубовта кон автомобилите, дали е ноќна или денска птица, се плаши ли од конкуренцијата на голот и уште многу други занимливости за Ина Суслина.
Веќе четири години си дел од Вардар, па кога ќе погледнеш наназад како би ги опишала годините поминати тука?
„Четири прекрасни години, друштво, омилена работа, убавото време, кафето… Слободно ќе кажам дека целосно се навикнав на мојот нов омилен град. Секој ден од овие години се чувствував среќна и исполнета“.
Во едно интервју имаш изјавено дека тука најде се што си барала цел живот, што е тоа што го бараше, а тука го најде?
„Барав дом и мир во срцето, мислам дека 80% од тоа го пронајдов тука. Кога се враќам во Скопје од каде и да доаѓам и кога ќе ја видам табличката Скопје во срцето имам радост. Тоа го барав“.
Какви се твоите планови после завршување на кариерата, со што ќе се занимаваш?
„Имам уште две години од договорот со Вардар и не планирам во скоро време да одам во пензија. Планирам да бидам во одлична форма и да играм на високо ниво. Затоа и не размислувам како и што ќе биде после завршување на кариерата, рано е“.
Миленичка си на публиката и секогаш кога ќе застанеш на голот добиваш голем аплауз, ти годи ли тоа и што би кажала за публиката?
„Миленичка? (се смее) Па мислам дека нашата публика го посветува вниманието на сите, но ете морам да признаам дека слушам повеќе аплауз и искрено премногу ми е драго и симпатично, верувајте во тие моменти чувствувам пеперутки во стомакот (се смее). Сакам да го заслужам вниманието, на секој спортист му е важна поддршката од публиката и фановите, а нашата публика е неверојатна! Секој пат сум благодарна на судбината што на 34 години најдов „спортски дом“ каде се функционира перфектно, особено со ваква публика на трибините“.
Со кои три збора би го опишала македонскиот народ?
„Сонце, кафе, душа. Тие три зборови ме асоцираат на Македонците“.
Што знаеше за клубот Вардар, пред да дојдеш тука?
„Да бидам искрена за Вардар немав слушнато, но знаев за европскиот првак Кометал“.
Како го поминуваш слободното време, дали имаш хоби?
„Обожавам кино, многу книги читам, имам цвеќиња на терасата и ги чувам со многу љубов. Имам веспа и уживам додека се возам, ги сакам автомобилите, имам неколку омилени ресторани, ги чувам децата на моите пријатели и тоа исто така е хоби (се смее). Се трудам животот да го поминам со душа и заљубеност, секогаш барам нешто ново и интересно“.
Денски прошетки или вечерни забави?
„Денски прошетки и после тоа вечерни забави. Кај мене нема или-или, сѐ или ништо“.
Помеѓу стативите сигурна и сконцентрирана, која е Ина Суслина во приватниот живот?
„Сигурна во себе, мирна и не баш сериозна“.
Од каде љубовта кон автомобилите?
„Од детството ги сакам автомобилите. Со татко ми кој беше возач од пет години патував секаде, му бев придружник на патувањата, му ја перев колата и оттаму е таа љубов“.
Без што не можеш да си го замислиш денот?
„Без кафе не можам да го преживеам денот“.
Да не беше ракометарка која ќе беше твојата професија?
„Веројатно ќе работев дизајн на ентериер или дизајнирање на градини“.
Од наредната сезона бразилката Песоа доаѓа во Вардар, искуството е на твоја страна, а младоста кај другите две голманки, чувствуваш ли конкуренција?
„Ние со Амандин имаме прекрасен голмански дует, а со Песоа ќе имаме трио. Конкуренцијата е најважна, без неа не може да порасне ниту еден спортист. Никогаш не се плашев од конкуренција, да беше поинаку не би имала толку медали освоено. Јас тоа го почитувам и се радувам што на 37 години ќе научам нешто ново. Младост и искуство заедно звучи доста моќно“.
Каде ќе го поминеш летото?
„Одморот ќе го почнам на Бали со сурфање, а после тоа ќе видиме“.
#Коментари
[fbcomments]