четврток, 23 март 2017  |  Вести денес: 0

Како настанале двата најголеми музички хита за градот на конзулите: „Ако одам во Битола“ и „Битола, мој роден крај“

fail-mk-sirok-sokak
За Битола се вели дека е најопеаниот град на Балканот. Нема точна бројка колку песни се посветени на нејзиниот конзулски, градски, па и кабадајски живот. Нема точен податок колку музички воздишки се испеани за долговековниот Широк сокак, градските куќи со балконите, чардаците, чаршиите од кои дел исчезнаа со годините, за Тумбето и беговите, за убавите битолчанки, серенадите. Но, битолчани се согласуваат дека од купиштата песни, само две можат да се насловат како химни на градот. Првата е „Битола, мој роден крај“ од сега покојниот песнописец Ајри Демировски, според чиј такт денес чука и градскиот саат. Со неа, по својата бесмртност единствено може да се спореди само хитот „Ако одам во Битола“ од композиторот Петар Георгиев-Калица.

Screenshot_5

Песните биле напишани за неколку минути

Изненадува признанието на Калица дека овој легендарен хит го напишал за неполни пет минути, а за првпат го исвириле со детски синтисајзер.

„Имав голема желба да напишам песна за градскиот живот кој низ годините исчезнуваше. Сакав тоа да биде своевиден спомен за пајтоните, мераците, старите чаршии кои исчезнаа од лицето на градот. Во 1988 година, песната се роди одненадеж. Седејќи дома зедов лист хартија и ја напишав за неполни пет минути. Истовремено потекоа и текстот и музиката. Паметам дека првата верзија ја снимивме дома кај текстописецот Валентин Соклевски. Ја исвиривме на детски синтисајзер и гитара, а ја снимивме на едно мало касетофонче“, раскажува композиторот Калица.

Откако се роди овој битолски хит, поминаа 28 години, но тој не само што не падна во заборав туку доживеа над дваесет нови изведби. Се пее насекаде низ светот каде што има Македонци. Особено е популарен кај иселениците зашто го искажува копнежот по Битола и по животот кој веќе го нема. Во песната се пее „ако одам во Битола, ќе прошетам по Широк сокак, а на Дембел чаршија кафе ќе се напијам, младост милно ќе си спомињам“. Дембел чаршија денес ја нема, на нејзино место се изградени судот и полицијата. Името го добила по мрзливците кои милувале да седат пред гостилниците, да пијат кафе со локум и да ги меркаат битолчанките.

Опеани се и пајтоните кои на времето ги имало дури 60-ина и наредени крај Драгорот чекале муштерии. Калица запишал: „ако одам во Битола, ќе си купам до три пајтона, јас во еден ќе седам, други чалги ќе свират, трети товар мерак ќе носат“. За на крај низ рефрен да заклучи „ах, мори моме како да речам за Солуна, за Стамбола, Битола не давам“.

4toska

Тоше го слушнал оригиналот  на „Ако одам во Битола“

Песната за првпат пред јавноста беше изведена на „Фолк-фест Валандово“ во 1989 година. Мелодијата ја исполни октетот „Македонија“, аранжманот го направи сега покојниот Ѓорги Димчевски. Оттогаш ја препеале многу музичари, како и легендарната македонска поп-икона, Тоше Проески во рамки на албумот „Божилак“.

„Тоше ми кажа дека сака да ја препее, се видовме во Битола и разговаравме. Ми остави телефонски број. Вечерта се собравме со пријателите да прославиме за тоа што ете тој ќе ја пее мојата песна. Му се јавив на телефон и му реков: ’Слушни сега како звучи оригиналната верзија’ и му ја испеавме со друштвото. Не дослуша до крај, ни рече: ’Господ здравје да ви даде’“, вели Калица.

bitola

Животот на Ајри отсликан  во последната строфа

Другиот музички споменик за Битола го постигна македонскиот песнопоец Ајри Демировски со создавањето на песната „Битола мој роден крај“. Таа беше прогласена за песна на минатиот век на Битола, а нејзиниот творец за прв почесен граѓанин. Демировски почина во 2009 година во Измир, Турција, но срцето како што рече пред смртта му остана во Битола за која и ја напиша својата најубава песна. Додека беше жив при една од последните посети на родниот крај, ни раскажа како ја напишал култната песна која Битола ја прослави во целиот свет.

„Во 1944 година додека го учев графичкиот занает во Графичката школа во Загреб, едно утро ме фати носталгија за Битола. Времето беше тмурно, па се сетив на сончевиот југ. Како од душа ми потекоа стиховите и за неколку минути ги напишав. Песната ја изведов пред битолската јавност во 1950 година на една градска свеченост пред Народниот театар. Народот ја прифати и запеа со мене“, раскажуваше Ајри.

Screenshot_5

Тој во песната вели „многу градови, села пројдов, како тебе мил за мене нигде не најдов“. Демировски на животи замеруваше што музичарите во обид да ја скратат песната ја скокаа третата строфа. Токму за неа велеше дека го отсликува неговиот живот. Во неа се вели „уште како дете одев по тебе и бос, сега сум пораснат не сум ти ни гост.“

Демировски со семејството замина за Турција во педесеттите години. Остатокот од животот го помина далеку од Битола и со голем копнеж да поживее уште некоја година и пак да го види Широк сокак, Тумбе-кафе, чаршијата, дуќанот каде што го учеше берберскиот занает. Споменот за Ајри и неговата „Битола мој роден крај“ никогаш не ќе се заборават во Битола. И градскиот часовник во 12 часот со таа песна го означува пладнето во Битола.

Жанета Здравковска

Извор: Утрински весник

#Коментари