сабота, 19 август 2017  |  Вести денес: 35

Тивко е на Ножот… 108 години од најкрвавата битка за Македонија

Bitka-na-Nozot

Историјата на Македонија е исполнета со мноштво херојски настани кои длабоко се врежани во меморијата на македонскиот народ, настани кои несомнено играат важна улога во обликувањето на македонскиот национален идентитет. Во историскиот процес на формирањето на македонската државност се забележани бројни буни, востанија и војни. Тоа е историја на падови и воздигнувања, на поробувања и ослободувања – процеси кои ја потврдуваат борбеноста, непокорноста и слободарските традиции на македонскиот народ.

Bitka-na-Nozot

Епопејата на Ножот 108 години сведочи за македонската драма во која на каменестиот врв се саможртвуваа 54 Македонци.

Педесет и четири Македонците ја испишаа највеличествената страница на македонската историја по Илинденското востание, саможртвувајќи се на каменестиот врв Ножот во близина на Плетвар, пред 108 година на 14 јули 1907, на вториот ден по Петровден. По долгата борба со турскиот аскер на жешкото јулско сонце, откако им снемува муниција, преостанатите живи комити легнале врз последните бомби и колективно заминале во смрт.

Војводите кога разбрале дека ги следи триилјадниот аскер, ден пред трагедијата, решиле да се повлечат, сметајќи дека е голема лудост директно да се судрат со војската. Меѓутоа, за тоа не сакале да слушнат младите момчиња сместени на Ножот. На врвот била целата Костурска чета од триесетина луѓе, а со нив и по десетина четници од Велешката и од Прилепската чета. Војводите не биле со нив, биле долу на состанокот. И кога виделе дека комитите на Ножот не се повлекуваат, им испратиле курири со наредба да се повлечат.

Тогаш, 19- годишниот Атанас Попов од костурското село Шестеово, кој привремено командувал со четата, и Трендафил Думбалаков од село Суха, Солунско, преку курирот порачале: „Ќе им кажете на војводите дека костурци го сметаат решението на Војводскиот совет необврзувачко за нив. Таа заповед ја наоѓаме за неумесна и нереволуционерна. Опфатени сме од оган, гориме и сме дошле да изгориме. Сакаме да умреме со достоинство. Кажете им на војводите дека нашето решение е неповратно. Друга позиција нема да бараме. Ќе останеме на Ножот“.

Еден од костурчаните додал: „Не сум дошол да јадам кокошки во Македонија, туку сум дошол да се борам“. Таквата одлука на голобрадите момчиња од Костурската чета ја прифатиле и четниците од Велешката и од Прилепската чета.

Битолската чета на Тане Николов

Битолската чета на Тане Николов

Така почнала највеличествената и истовремено најтрагичната битка по Илинденското востание. Аскерот го командувал искусниот мајор Енвер-бег, кој ги познавал сите тактики на војување, а против себе имал млади неискусни момчиња, лудо вљубени во својата татковина. Пеколното сонце ги печело за цело време на битката, а на височинката на Ножот никаде немало ни сенка, ни вода да ја згаснат жедта и да ги изладат загорените души.

Битката почнала во зорите и со секој час се разгорувала се’ повеќе. Комитите гинеле еден по еден, не отстапувајќи ни педа земја. Бојот завршил доцна попладне, кога им снемало муниција, а сонцето требало да дооди уште една ортома за да зајде. Тогаш била донесена судбоносната одлука. Тие што останале живи легнале врз неколкуте преостанати бомби и ги активирале. Одекнала силна експлозија која се слушнала до околните села, а делови од распарчените тела паднале врз аскерот што стасал на врвот.

Одеднаш на Ножот настапил молк, се’ било неприродно спокојно, а потоа војниците се нафрлиле врз мртвите комите и почнале да ги соблекуваат и ограбуваат. Стасал и нивниот командант Енвер-бег и кога го видел тоа, им наредил: „Никој не смее да се добере да ги нагрди хероите! Гледате како комитите ја презираа смртта?! Се бореа и умреа како херои!“ Потоа дал команда со три плотуна да им се оддаде почит на загинатите.

Вториот ден по погибелот, пред да бидат погребани, на Ножот дошол италијанскиот капетан Џузепе Луци и со својот фотоапарат го овековечил подвигот на македонските херои. Откако ја направил историската слика на мртвите тела, која денес е најубедливо визуелно сведоштво за херојството на младите момчиња, Луци се вратил во Прилеп и на членовите на Комитетот им рекол: „Тие не загинале, тие сите се самоубиле. Гордејте се со вашите синови. Тие победија“.

Пред да се случи ова херојство, на младите Македонци на просторот кај прилепските села Ракле и Никодин биле собрани околу 200 македонски комити, испратени да се пресметаат со просрпските чети што крстосувале по селата во Азот и во Порече. Османлиските власти за нивните планови дознале од турскиот конзулат во Софија. За тоа дека Турците им се на трага на комитите знаела и ВМРО од телеграмите што стасувале во Прилеп.

Hristo-Cvetkov-ceta

Костурската чета на Христо Цветков

„Не станува збор за некакво предавство на населението од Никодин или Ракле, како што сакаат да го прикажат некои тоа. Аскерот бил информиран каде се движат комитите. Попантов, кој во тоа време бил во комитетот во Прилеп во своите спомени вели: ’Ние го потплативме тој што беше на телеграфот во поштата со две лири и едно рало опинци да ни дава препис на телеграмите што ќе дојдат од Бугарија. Го потплативме и тој што беше кај командантот за да не’ информира за се’ што ќе се случува. Него го поплативме со две рала опинци и една лира месечна плата’. Така тие знаеле дека Турците преку Софија следеле се’ што случувало, која чета доаѓа, со колку комити, кој им е војвода и за каде таа се подготвува“, раскажува прилепчанецот Александар Ивановски Глоговичанец, роден никодинец, кој половина век ја истражува славната епопејата на Ножот, а деновиве објави книга за хероите кои многу го задолжија македонскиот народ.

Од 77 загинати, познати имињата само на шестмина

Од загинатите на Ножот се познати имињата само на шестмина. Се знае дека таму се жртвувал за слободата на Македонија Атанас Попов од Шестеово, Костурско; Трендафил Думбалаков од село Суха, Солунско; Милан Петров Топличанец од Топлица; Димко Јованов – Газдата од Прилеп; Најдо Андреев Арсовски од Папрадишта, Велешко; и Петко Којчев од Панаѓуриште. Загинатите се закопани без идентификација од селаните на Никодин, по наредба на Енвер-бег.

Загинатите на Ножот не се единствените жртви што ги даде македонскиот народ тие денови. За да им помогнат на опколените на Ножот, комитите воделе битка и во Јасенова Глава, на Попадинските Чукари и на други места, така што вкупниот број загинати е 77. „Власта тогаш не побарала да се направи евиденција и така нашата историографија е посиромашна за имињата на седумдесетина херои загинати на Ножот и на Јасенова Глава каде што останале мртвите тела на уште шестмина комити, на Попадинските Чукари единаесет, во Пирковите Трла четворица, а двајца биле фатени живи, а потоа обесени, едниот во Велес, другиот во Кавадарци.

Извор: ДВ.мк

#Коментари
[fbcomments]