сабота, 25 февруари 2017  |  Вести денес: 0

Градска, Руска, Циганска… Скопските плажи во минатото!

AOKukja-655x420

Реката Вардар на скопските граѓани во летниот период им овозможувала пријатно разладување од високите температури, но ги задоволувала и  нивните секојдневни потреби. Освен капачи, честа глетка на реката бил  и добитокот што се поел, а се миеле и  коли, се перела облека, килими, черги и др.

Местата на реката каде што скопските граѓани можеле да се капат биле одредени со наредба од управата на градот.

C545CD6BBB2B744C8096CACC162BE7B4

Капењето било дозволено на просторот од мелницата на Јусуф Морина до електричната централа и водоводот на  десната страна, а од мелницата на Јусуф Морина до Железничкиот мост, капењето било забрането. На одредени места можеле да се капат деца на возраст од 15 години облечени во костими, додека за деца под 15 години капењето било забрането. Родителите чии деца биле фатени на плажата, биле  казнувани со одредена казна.

29_1-587x420

Посетата на плажите на реката Вардар, освен како потреба и навика, претставувало  мода и начин на живот на скопските граѓани.

Во летниот период, просторот од плажата кај аеродромот, па сé до Ханриевиот железен мост, бил преполн со капачи. Но, и плажите се разликувале според своите посетители. Градската плажа кај Идадија била монденска, а на Руска плажа се капеле газдите и побогатиот свет. На оваа плажа се надоврзувала Војничката плажа, па Турската плажа, Циганската плажа и на крај “Мангупската детска плажа”.

Screenshot_14-3

Еден дел од плажата кај тогашното тркалиште на реката, го закупиле браќата Пантић и во 1929 година отвориле модерно капалиште. Ова капалиште било снабдено со 20 посебни кабини за жени и мажи и 4 големи гардероби за 200 лица. Ресторанот на плажата  нудел  ладно пиење и мезе, музика, песок за сончање, тераса за одмор и гимнастика.

Однесувањето на капачите на реката Вардар било одредено со наредби од управата на полицијата, во интерес на јавниот морал, ред,  лична и имотна сигурност. Со наредбата  издадена во 1930 год. мажи и жени не можеле да се капат заедно. Однесувањето на плажата морало да биде пристојно, а капачите, облечени во костими за капење, не смееле да го посетуваат ресторанот.

2CamcitezaljuljanjevoGradskiparkLar-696x510

Соблекувалните морале да бидат со брава и клуч и постојано биле дезинфицирани. Капачите кои имале вредни предмети, можеле да ги оставаат своите предмети на реверс. Влезот во капалиштата бил забранет за болни од кожни болести или епилептичари.

Капалиштата работеле до 20 часот навечер, а бил забранет влез за животни.  Посетителите кои доаѓале со коли , морале да ја намалат брзината поради големата прашина.

plaza-vardar

Местата за капење на реката Вардар  кои биле одредени од полицијата биле на Ханриевската плажа од Ариф беговиот јаз,  низводно до Железничкиот мост, Детската плажа  и Главната плажа која се наоѓала под тркалиштето.

На одредени места капењето било дозволено на двете стани на реката, и тие места биле обележани.

Плажата била едно од местата каде што момчињата им се додворувале на девојките со фрлање  каменчиња, ѕиркање во соблекувалните.  Ваквото  однесување на плажите било забрането.

Продавањето на прехранбени производи на плажите било со одредени хигиенски прописи според кои храната требала да биде чиста и со умерени цени.

1Glavnatagradskaplazapreddenesnavla-684x420

За време на жешките лета во Скопје , овие капалишта  биле преполни со луѓе. Плажата била место каде што скопјани се собирале и дружеле, каде што се одвивал богат социјален  живот  во летните периоди. На градската плажа во 1936 година се појавил нудист што било вистинска атракција. Нудистот бил некој неафирмиран млад  лекар кој заради реклама, се одлучил на ваков начин да го привлече вниманието. Во 1932 год. во Скопје било основано и првото нудистичко друштво. Во него членувале жени од угледни и богати фамилии. Претседателка на друштвото била Ташана-Шана Виќентијевиќ чиј сопруг бил сопственик на зградата на денешниот Клуб на писатели. Според сеќавањата на тогашните современици, членовите на ова друштво оделе со пајтони во Катлановска Бања, се капеле и се сончале на реката Пчиња, а не ретко и на реките Вардар и Треска на места што не биле посетувани.

F0D2F559AE564346B272E3715D325240-300x182

 

Вообичаена глетка  на скопските плажи биле скопските фраери кои се однесувале како кавалери и младите  девојки со костими за капење од странство, со романтични шешири и чадори.

Костимот за капење претставува најмлад производ на женската мода. Почнал да се носи од почетокот на овој век, откако човекот почнал да ја користи водата за капење. Модата низ вековите не го познава костимот за капење. Обичните луѓе во вода влегувале голи, а други пак  со секојдневни или пак со скапоцени облеки.

D5D509D7FA3A36448861BC8668B74370

Дури во периодот   1900-1920 год. во светските модни метрополи се појавиле првите модели на костими за капење. Материјалите од кои биле направени костимите биле исти како оние од кои била направена облеката. На скопските плажи се водела сметка  за изгледот и материјалот на костимите за капење  и посебно било забрането носење на костими од проѕирни материјали.

Извор:Скопје24

#Коментари

Коментари

коментари