четврток, 22 јуни 2017  |  Вести денес: 41

Фудбалската приказна на “Дебар Маало” – 79 години ФК Работнички

rabotnicki-480x318

Македонскиот прволигаш и фудбалскиот клуб Работнички денес го прославува својот 79. роденден. На денешен ден на 4 октомври 1937 година, во скопското “Дебар Маало” е формиран ФК Работнички. Жителите на овој крај од главниот град на Македонија беа од работнички семејства.

Бојата на клубот била црвена, а тогашните власти не ја прифатиле таа боја и затоа тогашните членови на овој клуб биле приведувани.

Од 1937 година, па до ден денешен, клубот игра во дресови со црвена боја и низ историјата се натпреварувал во тогашната Прва лига, Втора лига и во Македонската лига.

Во својата понова историја, Работнички има четири шампионски трофеи и четири пехари во Купот на Македонија.

603059_10151320758707870_866165783_n

Формирање на клубот

Во судбинската 1937 неколку настани биле клучни за формирањето на клубот. Најважниот момент се случил на собирот на повлијателните младинци во собата на Дане Крапчев. Тој внимателно ги сослушал сите мислења, а со неговите особини, трпеливост и почитување веќе ги освојувал луѓето, а поради широките познавања се здобил со голем авторитет. Со избрани и убави зборови дал образложение за предлогот да се формира фудбалски клуб, проширувајќи ја концепцијата дека во неговите рамки треба да се формира и библиотека, како и шаховска секција што ќе овозможи масовно опфаќање на младината од Дебар Маало. Неговиот предлог бил едногласно прифатен.

Името Работнички го предложил Дане Крапчев на споменатиот собир, иако според кажувањата на повеќе сведоци, сите потсвесно посакувале такво име. Жителите на овој крај произлегувале од работнички семејства, од работничка средина и кога го слушнале името веднаш го прифатиле. Тоа име ги освоило, се впило во нивните срца и во него гледале нешто возвишено. Тоа име ги исполнило со гордост, фудбалскиот клуб ќе го носи името на класата на која и припаѓаат, се почувствувале среќни дека и на ова поле ќе имаат свој достоен претставник. Активистите на клубот од овој период се сеќаваат дека името Работнички и предложената црвена боја на дресовите биле настан кој ги воодушевил и возбудил сите дебармаалци.

За основањето на клубот и неговото официјално регистрирање требало да се совладаат доста пречки и потешкотии. За клубот да биде регистриран пред надлежниот орган требало да се спроведе постапка која се предвидувала со повеќе правила. Надлежниот орган било Министерството за физичко воспитување на народот на Кралството Југославија од Белград, а пак претходна согласност требало да се добие од Кралската банска управа на Вардарска Бановина во Скопје и управата на Скопскиот фудбалски потсојуз. Последниов всушност бил фудбалското раководство на целата Вардарска Бановина.

Основачкото собрание на клубот било одржано во втората половина на 1937 година (точната дата не може да се пронајде во документите), во кафеаната „Нада“ на Трајко Георгиевски – Ќорот едно неделно претпладне во бавчата на кафеаната во сенката под лозницата. На собранието биле присутни 30-40 лица меѓу кои биле играчите, а имало и некои видни граѓани, како и претставници на други фудбалски клубови од градот. Плановите за иднината на клубот ги претставил кандидатот за претседател Александар Танев. Во неговото обраќање бил изнесен и предлогот клубот да го носи името Спортски Клуб Работнички Скопје со седиште во Скопје, во Дебар Маало, а адреса на просториите на клубот немало потреба да се назначи, бидејќи било доволно да се каже Дебар Маало.

Правилата на клубот биле подготвувани неколку месеци. Клучно прашање во тој момент било кои лица ќе се јават како основачи, т.е. кои лица ќе одговараат за исправноста на клубот пред власта. Имено, требало да се предложат лица кои од една страна ќе се борат за интересите на клубот, но пред органите на власта би биле политички чисти. Тоа требало да бидат личности со одреден авторитет, позиција во општеството, сериозни и почитувани, во кои власта би имала доверба. Заради својата револуционерна дејност, Дане Крапчев не смеел да фигурира во официјалните документи на клубот ниту да се наоѓа на било каква клупска позиција. По долгите договарања и широките консултации, како предлагачи биле назначени Александар Танев, Благоја Јовановски и Дамјан Жантев – авторитетни граѓани од Дебар Маало кои ги потпишале правилата на клубот.

Велешанецот Ацо Танев бил предложен за претседател на клубот заради својата револуционерна дејност, но и политички чиста личност пред власта на тогашната Вардарска Бановина заради која вршел функција во градската општина. Подоцна, првиот претседател на Работнички во една интервју на прашањето што го привлекло кон овој клуб ќе одговори: „Ме привлекоа луѓето. Живеев меѓу нив, во таа сиромашна работничка средина. Луѓето беа добри, посебно младинците. Во таа сиромаштија го сакаа спортот и веќе играа фудбал во некои маалски екипи кои имаа свои имиња. Ги обединивме сите во еден клуб на кого му дадовме име Работнички, односно тогаш Раднички. Името беше класна определба. Кога баравме дозвола на претставниците на власта требаше да им објаснуваме зошто го бараме тоа име и црвената боја. Мене скоро пет часа ме сослушуваа во Управата. Јас давав аргументи кои ги сметав за убедливи. Власта го прифати името но црвената боја не. На власта многу добро и беше познато што значи црвената боја за револуционерното движење, дека тоа е познат симбол и заради тоа не ја прифатија и енергично бараа тој став во правилникот во однос на бојата да се измени.“

Членовите на иницијативниот одбор поради ова барање на власта по многу разговори и договарања се договориле да ја предложат црната боја за боја на клубот. Немале избор, морале да тактизираат, неприфаќањето на овој услов можело да го оневозможи основањето на клубот.

Во официјално одобрената боја на дресовите – црна, екипата ги одиграла само двата квалификациони натпревари, за потоа дресовите да бидат заменети со традиционалните црвени кои Работнички ги носи до ден денес. На натпреварот во Тетово со Љуботен во 1938. година полицијата барала играчите да настапат во дресовите кои се предвидени со правилникот бидејќи во спротивно воопшто нема да може да настапат. Играчите и управата ја надмудриле полицијата излегувајќи на теренот со дресови во темноцрвени дресови. Знаејќи го ова, навивачите при влегувањето на играчите на теренот и во текот на целиот натпревар екипата ја поздравувале со скандирање „црвени, црвени“.

Имињата на активистите полицијата на Вардарската Бановина долго и детално ги проверувала. Дебармаалци и тука ја надиграле полицијата одбирајќи личности кои не биле компромитирани, а во исто време биле револуционерни дејци. Љубо Ѓурашковиќ, Александар Санде Мицковски, Борис Мисајловски, Киро Ангеловски – Шапкарот, како и синовите на Трајко Георгиевски – Ќорот: Димко Георгиевски и Никола Георгиевски биле првите активисти на новоформираниот Работнички, а кафеаната „Нада“ долго време била економат и соблекувална на клубот.

Покрај сите проблеми, на клубот му се заканувало и нерегистрирање и поради дејностите на „жолтите синдикати“ односно Југорас (Југословенска радничка странка) која всушност претставувал предавнички синдикат организиран од буржоаската влада која сакала да ги отстрани работниците од суштината на класната борба. Југорас бил собир на разни отпадници кои ја имале улогата на штрајк-брејкери и дејствувале против единството и револуционерноста на работничката класа во тоа време. Во исто време кога дебармаалци поднеле барање за формирање клуб со име Работнички, Југорас поднел исто такво барање за формирање на клуб со истото име. Меѓутоа вистинскиот Работнички покрај љубовта и ентузијазмот на дебармаалци, веќе ги освојувал и симпатиите на целиот град и тоа бил главен фактор кој придонел барањето на Југорас да биде одбиено. Подоцна Југорас најпрво правел напори да го стави Работнички под своја контрола со ветувања за материјална помош, а откако оваа понуда била одбиена се обиделе и со закани да ги заплашат дебармаалци. Сепак, со обемна акција организирана и предводена од Дане Крапчев клубот успеал да им одолее на овие напади.

После сите неволји, проблеми и премрежја со актот број 8666 од 4. октомври 1937 година, одн. сл. бр. 6697/37, правниот назив на оваа новооснована спортска организација бил: Спорт Клуб „Раднички“

Анализирајќи ги натаму одредбите од правилникот, може да се заклучи дека терминот „Спорт клуб“ се однесува на сегашната организациска форма „Спортско друштво“, што самото по себе го зголемува значењето на Работнички. Тоа значи дека ФК Работнички не е формиран како фудбалски клуб, туку неговата организациска форма отсекогаш била спортско друштво.

По регистрацијата на СК Работнички во Белград и одобрувањето на неговите правила, екипата нестрпливо ги чекала првите натпревари. Скопскиот фудбалски потсојуз ги одредил екипите на ФК Вардар Топаана и ФК Олимпија да бидат првите противници на Работнички во квалификационите натпревари поради тоа што секоја новоформирана екипа морала да одигра два приемни натпревари за да се оцени нејзиното фудбалско знаење. ФК Вардар Топаана бил еден од најстарите клубови во Скопје кој во натпреварувачката 1937/38 настапувал во Првиот разред во првенството на Град Скопје. ФК Олимпија е формирана подоцна и учествувала во првенството на Вториот разред. Со голем полет и желба за самодокажување Работнички ги одиграл овие два натпревари во висок стил. Вардар го поразил високо со 6:1, додека Олимпија ја победил со 2:1. Натпреварите биле одиграни пролетта 1938 година, по кои Потсојузот го вклучува Работнички во Вториот разред.

Натпреварувачката 1938/39 е првата официјална сезона на ФК Работнички. Од петте екипи го освоил четвртото место со само еден бод помалку од второпласираната Слога и третопласираниот Рапид. Одиграл осум натпревари од кои победил на четири, а исто толку изгубил. Освоил вкупно осум бодови со гол-разлика 14:11 која всушност била подобра од двете екипи пласирани пред него. Таа сезона победник на Вториот разред била екипата на Олимпија која преминала во повисок ранг.

Веќе во втората своја сезона (1939/40), полетноста и фудбалското знаење Работнички ги докажал во голем стил освојувајќи го Вториот разред во конкуренција на шест екипи. Во десетте натпревари екипата немала ниту еден пораз, само еден нерешен резултат и убедлива гол-разлика 45:6. Освоени биле деветнаесет бодови, шест повеќе од второпласираната екипа. Како првак на Вториот разред, Работнички преминал во најсилната градска лига.

Првенството во сезоната 1940/41 не го доживеало својот крај, а во оние малку натпревари кои ги одиграл Работнички забележал една победа, две нерешени и еден пораз. Дел од првотимците на клубот во тоа време меѓу кои Благоја Мисајловски, Михе Ивановски, Стефан Стефановиќ – Треф, Василие Терзиќ – Кореа, Никола Таневски и други се приклучиле кон активностите на партизанското движење во Македонија па во такви околности за нив фудбалот станал второстепена активност и често отсуствувале од тренинзите и натпреварите.

Покрај гореспоменатите револуционери, за првата екипа во тој период настапувале: Станко Сенковски – Караман, Илија Кокиновски, Коста Ангеловски – Шапкарот, Трајко Николовски, Насте Дуковски, Борис Богоевски – Будо, Крсто Георгиевски, Тошо Венинов, Роман Лечевски, Бошко Димовски – Џамџија, Санде Богоевски, Димче Русјаковски, Бошко Тонев, Милан Качаревиќ, Ване Петровски, Душко Атанасовски, Киро Николовски, Васко Кокиновски, Васе Богоевски, Стевче Попчевски, Мазлам Карабиш, голманот Мумла, Трајче Василевски – Шипош, Анте Андоновски – Кула и секако човекот чие име вечно ќе биде запишано во аналите на клубот, Митко Каварџик кој со сопствени средства ги купил првите дресови на ФК Работнички.

Во овој период Работнички немал изградено игралиште, па тренинзите ги одржувал на полјаните во Дебар Маало. Првото игралиште на клубот се наоѓало кај сегашната барака на Јавното претпријатие за стопанисување со стамбен и деловен простор на плацот на големопоседникот Владан Поповиќ. Овие игралишта биле нермани тревнати терени на кои биле поставени стативи, а натпреварите Работнички ги играл на терените на ССК и Граѓански.

Носејќи ја во себе чесноста како одраз на домашното воспитување и сиромаштијата како белег на тогашните социјално-политички прилики, овие младинци делеле и добро и зло и растејќи заедно се вклопиле во организираниот живот на спортскиот колектив Работнички. Овие оценки биле дадени во написот во весникот „Глас Југа“ (бројот од 1. јануари 1941 година) кој излегувал пред војната во Скопје.

Авторот кој се потпишал со иницијалите Б.К. дава позитивна оценка за клубот, велејќи дека младата екипа основана пред само неколку години веќе избила во редот на најдобрите скопски фудбалски екипи. „Во него играат сосема млади играчи, никој не постар од 20 години, работници и пред се добри другари кои извонредно се сложуваат и меѓусебно почитуваат како на теренот, така и вон него.“

За љубовта кон Работнички и симпатиите кои клубот набрзо ги освоил низ целиот град зборува и податокот дека пред секој натпревар во продажба биле пуштани преку 1000 влезни билети кои најчесто биле премалку за сите оние кои сакале да го гледаат Работнички.

Билетите ги продавале главно во Чаршијата, по дуќаните, кај службениците и работниците кои со тоа директно го помагале клубот. Работнички најмногу приврзаници имал во Дебар Маало кои редовно давале доброволен прилог и плаќале чланарина. Од овој крај редовно доаѓале по неколку стотини верни навивачи. Во тие први години се создавала традицијата за верност кон клубот, љубовта кон клубот растела од ден во ден, а се воздигнувало се што Работнички претставувал за народот. Оваа љубов продолжила со несмален интензитет и во тешките години кои следувале, а својата кулминација ја доживеала по ослободувањето. Скопјани се радувале, тагувале, често биле разочарани, но никогаш не го напуштиле својот клуб и неговите спортисти.

Во последните денови на 1939 година било одржано второто годишно собрание на Работнички. На ова собрание во Управниот одбор биле избрани Дамјан Жантев за претседател, Александар Ѓерѓановиќ за прв секретар, Љубо Ѓурашковиќ за втор секретар, Димко Георгиевски за благајник и Димитар Таневски за економ. Жантев бил долгогодишен функционер во клубот, имал своја приватна месарница во Дебар Маало и преку неа клубот го помагал сесрдно. Секретарите Ѓерѓановиќ и Ѓурашковиќ кои биле Црногорци по потекло, живееле во Дебар Маало и биле блиски соработници на Дане Крапчев.

Во овој период Работнички преку Дане Крапчев и секретарите на клубот воспоставил контакти со работничките спортски клубови Раднички Крагујевац, Вележ Мостар, Борац Бања Лука и Солин Сплит меѓутоа до официјални пријателски натпревари не дошло поради тоа што активистите на Работнички биле под постојана присмотра од полицијата на Вардарската Бановина. Со цел клубот да не се најде под репресија на режимот, средбите постојано се одложувале.

Спортска активност во периодот 1941-1944

Во месец јуни 1941 година бугарската национална спортска федерација решила за свои членови да ги прими клубовите од „ослободените земји“. Со ова решение се формирале две нови спортски области со седиште во Скопје и Битола. Работнички, односно сега веќе Свобода, станал член на Скопската спортска област и бил примен во „Прва дивизија“ (прва градска лига) во која уште настапувале Ботев, ЖСК и Вардар Топаана. ФК Македонија станала член на „Елитната дивизија“ (национална лига на Бугарија).

Првенството на Скопската спортска област започнало во април 1942 година. Се играло во еднокружен систем, а Работнички ги загубила првите два натпревари и тоа со Вардар Топаана 0:2 и со ЖСК 1:3. Бидејќи ги освоиле првите две места, овие екипи имале право да учествуваат во квалификациите за Елитната дивизија. Работнички го освоил третото место.

Во слободните термини се одигрувале многу пријателски натпревари, а еден од нив бил забележан и од „Скопски весник“. Работнички и ЖСК одиграле пријателски натпревар во кој ЖСК бил голем фаворит и се очекувала негова лесна и брза победа, меѓутоа Работнички се прикажал во добро издание и стигнал до нерешен резултат 2:2. Понатаму весникот забележува: „Важно и радосно е за Скопје што се формираат екипи кои со малку повеќе труд и време ќе и бидат рамноправни противници на ФК Македонија на спортското поле.“

Новото првенство започнало во месец септември 1942 година. Клубовите од Скопската спортска област биле поделени во три групи: Скопска, Кумановска и Велешка. Во првото коло Работнички го победил Ботев со 4:1, што било оценето како големо изненадување бидејќи претходно Ботев го победил Вардар Топаана – првакот од претходното првенство. Другите два натпревари со ЖСК и Вардар ги загубил со 0:4 и одново се пласирал на третото место.

По завршувањето на есенскиот дел на лигата во Скопје се одиграл Зимскиот фудбалски Куп. Работнички во првото коло го победил Ботев со 2:1, а во второто се сретнал со Македонија. Овој натпревар се одиграл на 21. декември 1942 година. Македонија победила со 5:0, а на полувреме било 2:0. За овој натпревар „Скопски весник“ ќе забележи: „ФК Македонија настапи со подмладен состав и само тројца првотимци. Се сретна со екипата на скопските работници. Иако Македонија цело време ја држеше играта во свои нозе, Свобода прикажа упорна игра.“ Интересно во овој текст е тоа што името „Свобода“ се споменува само еднаш, а инаку Работнички постојано е ословуван како „клуб на скопските работници“ што јасно става до знаење дека јавноста во градот добро знаела за кој клуб станува збор и кој е неговиот вистински идентитет.

Во овој период под стручното раководство на тренерот Илеш Шпиц, ФК Македонија изградила многу квалитетен состав кој поради војната не успеал да ги докаже своите предности. Бидејќи во 1942 година Работнички се префрлил на фудбалското игралиште во Градскиот Парк каде и денес се наоѓа, често пати биле одигрувани тренинг-натпревари со екипата на соседот – ФК Македонија.

Интересно е да се напомене дека бугарската културно-просветна организација „Труд и радост“ се обидувала да ги врбува СК Вардар Топаана и СК Ботев да работат и опстојуваат под нејзин патронат. Во „Скопски весник“ било објавено дека била постигната согласност меѓу околиското работничко здружение и управниот одбор на СК Ботев „кој е клуб составен исклучиво од работници“ истиот да стане „Работнички Спортски Клуб“ на ова здружение, со ветување дека бугарскиот работнички сојуз овој нов клуб ќе го снабдува со сета неопходна опрема, а како прва помош му пратил 50.000 лева.

Својата асимилаторска политика бугарскиот окупатор се обидувал да ја спроведе и во спортот. На овој начин се обидел да врбува и спортски екипи. Интересно е дека во таа програма не го предвидувале Работнички, т.е. Свобода.

Во месец август 1943 година се одржал пријателски турнир на кој учествувале четири скопски екипи: Македонија, Вардар, Балкан и Работнички. Во полуфиналето Македонија го победила Работнички со 4:1 (2:1).

Новото првенство започнало во месец септември 1943 година и предизвикало голем интерес поради вклучувањето на ФК Македонија во Скопската лига. Имено, незадоволни од тоа како екипата била третирана во националната лига на Бугарија, ФК Македонија решила да се приклучи во натпреварите од Скопската лига. Во ова првенство Работнички забележал четири победи и два порази. Шар бил победен со 4:0, Ботев со 5:1, Балкан 2:1, од Македонија бил забележан висок пораз од 1:10, Вардар бил победен со резултат 5:3, а бил забележан и пораз од ЖСК но резултатот од натпреварот не е познат. Со завршувањето на третото место на табелата зад Македонија и ЖСК, оваа сезона е оценета како солидна за ФК Работнички.

Покрај солидните резултати на теренот, оваа сезона ќе биде забележана и како трагична заради судбината на еден од фудбалерите на клубот – Томо Кокиновски кој на натпреварот со Шар добил силен удар во ногата и скршеница на потколеницата. Поради ненавремената интервенција на ногата се јавила гангрена и истата морала да биде ампутирана. По повод овој настан, во месец декември 1943 на семејството на Кокиновски од страна на бугарскиот Спортски клуб Левски од Софија му биле донирани 6.000 лева. Имено, бил закажан пријателски меч меѓу ФК Македонија и Левски Софија. Во најавата за оваа средба „Скопски весник“ ќе напише: „Целиот приход од овој натпревар е за помош на настраданиот играч на СК Работнички, Томо Кокиновски, кој од пред извесно време остана без едната нога. На вчерашниот состанок на софискиот СК Левски спроведена е акција за собирање помош меѓу членовите на управниот совет на клубот за настраданиот Кокинов. Уште веднаш била собрана сума од 6000 лева која во недела треба да биде доставена во Скопје и предадена на Кокиновски.“

Во месец март 1944 година започнале натпреварите од новото првенство. Во првото коло Работнички катастрофално го поразил Ботев со 12:1 (4:0). Во екипата на победникот најдобар во одбраната бил Таневски, а во нападот Димитровски и Атанасовски кој постигнал шест голови. Работнички одиграл 2:2 против екипата на Вардар Топаана, а бил поразен од ЖСК и повторно завршил на третото место.

Како што претходно беше изнесено, спортската активност на Работнички во 1944 година била сериозно намалена, а во летото истата година и престанала. Речиси сите членови на екипата и управата на клубот биле вклучени во завршните операции за конечното ослободување на градот и земјата, а активноста на Работнички продолжила во слободна Македонија.

Во периодот за време на војната (1941-1944) за ФК Работнички односно Свобода настапувале следните спортисти: Стојан Видински, Атанас Геџо Јанакиевски (голмани), Душко Миркуловски, Киро Николовски, Трајка Николовски, Васко Кокиновски, Никола Таневски – Јанде, Благоја Мисајловски, Михе Ивановски, Александар Сандре Богоевски, Бошко Димитровски – Џамџија, Благоја Маневски – Жапче, Тошо Венинов, Миле Јовановиќ, Толе Кокиновски, Стојче Костовски – Толчи, Димитар Димитровски – Циц, Славко Матовски, Душко Атанасовски, Игнат Матеев, Митко Танев – Каварџик, Трајко Василевски – Шипош, Богоев, Кула и Зија.

metalec-1

Возобновување (1945-1949)

Уште во првите месеци по ослободувањето на Скопје, поранешните членови на ФК Работнички кои се наоѓале во градот, а сега на различни функции во народната власт, на разни воени должности, во претпријатијата што се обновувале и формирале, започнале со подготовките за обновување на дејноста на клубот. Подготовките се вршеле во текот на зимата 1944 година, за со доаѓањето на пролетта 1945 година активните членови на клубот да излезат на зелениот терен на своите први тренинзи во ослободениот град.

Ова бил малуброен состав бидејќи половина и повеќе од играчите се наоѓале надвор од градот во воените единици кои се бореле на Сремскиот фронт или во единиците кои ги гонеле остатоците на балистите и други банди. Некои од нив биле во Првата ударна младинска чета на акција во Скопска Црна Гора.

Меѓу иницијаторите за обновување на работата на клубот како посебно активен се истакнал Трајан Ивановски кој во клубот од 1940 до 1944 година се наоѓал на функцијата секретар. Во прво време својата активност фудбалскиот клуб ја обновил во скромни размери.

Десетгодишната традиција на Работнички ги поттикнала функционерите во општеството на размислување за формирање на масовно спортско друштво кое ќе ја развива спортската активност меѓу скопските работници и ќе ги претставува на полето на спортот. Оваа идеја набрзо била прифатена од активистите на Работнички и бидејќи се вклопувала во поставките за новата организација на физичката култура, по кратки подготовки било одржано основачкото собрание.

На 1. јули 1945 година во просториите на Работничкиот дом во Скопје, во присуство на голем број активисти, спортисти и симпатизери и важни личности од градскиот живот формирано е Фискултурно Синдикално Друштво Работнички. На истиот состанок бил донесен и статутот на друштвото и бил избран управен одбор. За претседател бил избран Александар Цанко Христов, а за секретар Манас Спасовски.

Дневниот ред на основачкото собрание бил следниот: 1. Читање на решението за пристапување на клубот кон Месниот синдикален совет 2. Поздравен збор од делегатот на Месниот синдикален совет 3. Извештај на секретарот за досегашната работа на клубот 4. Читање и примање на правилникот на клубот 5. Давање разрешница на досегашната управа и избор на нова управа 6. Реферат од Трајан Ивановски под наслов „Организација на работничките фискултурни друштва“ 7. Разно

Една од основните задачи кои собранието ги поставило пред новото спортско друштво била развивањето и омасовувањето на активностите на физичката култура меѓу работничката младина и работниците воопшто. Речиси сите градски работнички фискултурни секции продолжиле преку дејноста на ФСД Работнички. Фискултурните секции како на пример „Градител“, „Треска“, „Графичар“, „Металец“ и други во 1946 година организационо се поврзале за ФСД Работнички.

Активностите за формирање и организација на екипи во различни спортови биле раководени од управниот одбор на друштвото и синдикалниот совет на градот. Во овој период (1945-1948) активноста на Работнички дала значаен придонес во опоравувањето на штотуку ослободеното Скопје.

Паролата „Преку масовноста кон повисоки спортски резултати“ всушност била поставена задача за издигнување на спортскиот квалитет во постојните спортови. Истовремено оваа парола значела и прифаќање на нови спортови за кои во Македонија постоеле услови за развој. Во овој период покрај фудбалот како споредни активности се развивале одбојката, неколку атлетски дисциплини, велосипедизмот, пливањето и сосема малку ракометот. Од сите овие спортови, фудбалот имал најголема традиција и неговото обновување било приоритет.

Пролетта 1945 година пред еден натпревар на ФК Работнички се одиграл и првиот одбојкарски натпревар по ослободувањето. Во месец јуни 1945 година во Скопје бил организиран и првиот фискултурен слет во Македонија на кој се одржале натпревари во атлетика. На ова републичко првенство се појавиле и настапиле спортисти од Работнички, а со тоа се поставиле и основите на Атлетскиот клуб Работнички. Ова говори дека Работнички веќе во 1945 година имал три спортски клуба кои играле значајна улога во развојот на македонскиот спорт. Во почетокот на 1946 година бил формиран Скијачкиот клуб Работнички, а неколку месеци подоцна и Кошаркарскиот клуб Работнички кој ќе стане еден од највлијателните и најуспешните претставници на Друштвото.

Поради реорганизацијата во синдикалната организација под чиј патронат се наоѓал ФСД Работнички во 1949 година било предложено Работнички да биде превземен од поголема работна организација која понатаму ќе се грижи за развојот и напредокот на клубот. Изборот паднал на работниот колектив на Македонската железница. Членството на синдикалниот одбор на железничарските работници со воодушевување ја прифатило опцијата за преземање на Спортското друштво Работнички за кое, пак, работата под овој патронат донела уште поголем елан и ентузијазам за постигнување нови успеси на сите спортски борилишта.

presentation11

Поствоен период

Првото фудбалско првенство на Македонија било одржано во пролетта 1946 година со само шест екипи: Победа, Македонија и Работнички од Скопје, Гоце Делчев од Прилеп, 11 Октомври од Куманово и Пелистер од Битола. Се играло двокружно, секој со секого. Во таа конкуренција на шест екипи првото место во тогашната Македонска лига, го освоила Победа од Скопје со 17 бодови пред Македонија со 16 и Пелистер со 8 бодови, Работнички бил четврти со 7, 11 Октомври и Гоце Делчев со по 6.

Во сезоната 1952, Работнички учествувал во Првата југословенска фудбалска лига, но само една сезона бидејќи завршил на претпоследното место и се вратил во Втората југословенска лига. По вторпат во друштвото на најдобрите клубови во поранешна Југославија Работнички се најде во сезоната 1953/54 но беше последен и повторно испадна. Во оваа сезона се сретна со Вардар во прволигашка конкуренција и двапати играше нерешено со него – 2:2, 1:1.

11136717_10153115744662870_8824332783209602013_n

Работнички во независна Македонија

Во периодот од осамостојувањето на Македонија, Работнички е постојан член на Првата македонска фудбалска лига. Врвот на својот успех Работнички го достигнува во периодот од 1999 година до 2008 година кога спонзор на клубот била реномираната компанија „Кометал“, така што тој го носел името „Работнички Кометал“.

Во овој период, „Работнички Кометал“ станал силен и стабилен фудбалски клуб, којшто полека но сигурно почнал да доминира во македонскиот фудбал, а паралелно со тоа и достојно да се претставува на европската сцена.

Со преземање на клубот од страна на компанијата „Кометал“ (1999 год.), Работнички белеел постојан напредок: еднаш се натпреварувал во купот на УЕФА (2000/01), а во сезоната 2004/05 убедливо го освоил првото место во националниот шампионат во Македонија со што изборил учество во „Лигата на Шампионите“. Во своето прво излегување на меѓународната сцена, во Купот на УЕФА, „Работнички Кометал“ се сретнал со екипата на „Ворскла“ од Полтава, Полска при што бил елиминиран во првото коло.

На 16 јули 2010 година, „Работнички Кометал“ го добил за противник славниот „Ливерпул“ во третото квалификациско коло на „Лига Европа“. Во првиот натпревар, одигран на 29 јули 2010 година, „Работнички“ загубил со 2:0, а поразот од 2-0 се повторил и на реваншот една недела подоцна. Следната година, „Работнички“ играл против „Лацио“ во плејоф натпревар за „Лига Европа“ во кој бил поразен.

Во сезоната 2009-2010, „Работнички“ играл во финалето на Купот на Македонија, каде загубил од ФК „Тетекс“ со 2:3, а натпреварот останал во сеќавање по тоа што фудбалерите на „Работнички“ не ги примиле медалите за освоеното второ место.
Во сезоната 2013-2014, „Работнички“ ја освоил двојната круна, освојувајќи ги шампионската титула во македонското првенство и Купот на Македонија.

14390780_10154390398127870_5261525318431222572_n

 

Во сезоната 2014-2015, во полуфиналето на Купот на Македонија, „Работнички“ ја елиминирал екипата на „Ренова“, со победа на домашен терен од 2:1 и нерешен резултат во вториот натпревар (1:1). На тој начин, по петти пат, „Работнички“ обезбедил пласман во финалето на Купот, каде се сретнал со ФК „Тетекс“.[6] Во финалето, одиграно на стадионот „Филип Втори“ во Скопје, „Работнички“ го победил „Тетекс“ со 2:1 и така, по петти пат го овоил Купот на Македонија. Головите за „Работнички“ ги постигнале капитенот Баже Илијоски и Марјан Алтипармаковски.

#Коментари
[fbcomments]