недела, 19 февруари 2017  |  Вести денес: 53

Ајде уште да зборуваме за Тоше

screenshot_6

Низ годината го пеам, сега сакам да зборувам за него. Некој ќе рече: Само сега? Не, другарче, секогаш. И не секогаш гласно, не секогаш јавно.

 
Но, има денови кога сакам да биде јавно.
И гласно и точно.
И вистинито.
Оти некои денови болат и не се додржува.
Во тие денови не ми се пее.
Само ми се пишува.
А, вие, уште зборувајте за Тоше.
Му должиме.
Уште тоа остана…
tose-proeski-01
На петти не му е роденден.  Во 2007-ма го испративме весело без солзи тажалници. На петти во десеттиот месец. Пеевме, плачевме, кубевме коси, не си го дававме местото за да му бидеме поблиску на концертот. Кој знаеше дека ќе му биде последен… Кога се појави на македонската сцена бев дете. Па, и тој не беше возрасен. И тогаш кубев коси за него, одев во Крушево по роднини за да го видам. Знаеја зошто ги посетувам, но не ми се лутеа. Утре те носам кај Тоше, ми беше комшија! Среќа, ќе одам кај Тоше. Собата ми беше излепена со постери, врски фаќавме по трафиките за да ни остават од весникот. Знам, Тоше е на насловна и на постер, ќе чувам и за вас и за мене по едно! Па мајка ми одвај ќе ја чекав да се врати од работа со весникот, надевајќи се дека ми го донела. А, тој – преубав! Во коси да ти спијам, Тоше, посакував. Тогаш немавме ју-туб, од касета те слушавме, чекавме на МТВ да те дадат со твоите мини-концерти. Се собиравме в маало и пеевме кој погласно, се каравме која повеќе те сака, а се прегрнувавме кога ќе слушневме дека имаш некаде настап за заедно да те гледаме. Сега само заедно плачеме. Толку колку што ти се радувавме.
1443995384
Сакам да зборуваме за тебе, Тоше. Сакам јавно да кажам колку многу те сакав. Сите те сакаа, не се сомневај. Годините поминуваат, луѓето се забораваат. Но, ти како да не беше човек. Да речам, ангел беше, можеби е малку. До ден-денес ти го имаш еден од најтоплите гласови што сум го слушнала. Ме смируваш, иако не си тука. Ми велиш: Сѐ е во ред, малечка, те разбирам преку песниве.

И ние те разбравме. Дека нѐ сакаше.
Но, не е тоа доволно.
Сакањето да, живеењето не беше доволно.
Имаше цел живот пред себе, а го даде за нас.
Само за нас.
maxresdefault
Не ми се пее денес, Тоше, сакам да зборувам за тебе. Бидејќи ако не зборувам, можам да заборавам. Не тебе, туку сите оние ситници што ми беа поврзани со тебе. Ќе повторувам и во живо и на хартија и на блог и пред секаков народ дека сакав да ти бидам невеста, сакав вечно да ми пееш, сакав и на други да те пуштам, сакав и да бидеш среќно заљубен без разлика во која. Никоја од нас не бевме себични за да те задржиме за себе, бидејќи ти беше наш. Тоше беше наш и живееше за нас. Можеби требаше да те пуштиме, можеби требаше да нѐ пуштиш… Се даде премногу и ни даде премногу. Беше голем човек и замина славно.
Ќе те зборувам на секое твое славје. И на 5-ти и на 16-ти и на 25-ти. Секогаш ќе фалиш, секогаш нема да бидеш фер што си замина, Тоше…
Но, ние ќе те зборуваме.
Ние ќе те пишуваме.
Остани ми спокоен, не си заборавен.

 

Марија Лозаноска
5.10.2015, понеделник

Извор: Писателката од Лозана

#Коментари

Коментари

коментари