петок, 18 август 2017  |  Вести денес: 57

Концерт со повод во МНТ: 20 години од хорот „Св. Злата Мегленска“

12279109_750680545038069_6290992048159099946_n

Концерт по повод 20 години од формирањето на хорот „Света Злата Мегленска“, како и 40-годишна диригентска и педагошка работа на диригентката Летка Димовска Полизова, ќе се одржи в недела во Македонскиот народен театар, со почеток во 20 часот. На концертот ќе бидат изведени дела од Шуплевски, Стојков, Вебер, Коен, Грахам, Пучини, Бизе, Чајковски, Скаловски, Прокопиев, Г. Смокварски и Запров.

Гости на концертот ќе бидат Борис Трајанов (баритон), Ѓорѓи Цуцковски (тенор), Васил Атанасов (обоа), етно-групата „Монистра“ со солистот Александар Јовчевски на кавал, а Иван Еминовиќ и Тодор Светиев ќе бидат клавирска продружба.

Како солисти на хорот ќе настапат: Николина Јаневска, Катерина Стојановска, Јулија Карамитрова Огненоска, Јасминка Димитровска, Анета Баталаковска, Вариса Хајдарпашиќ, Елена Васова, Андријана Јаневска и Елена Чадиковска (перкусии).  Влезот на овој нивни јубилеен концерт е бесплатен.

15192680_965862766853178_8231270890313997788_n-620x350

 

Инаку, хорот „Св. Злата Мегленска“ на македонската публика и` е познат пред се` по изведувањето црковни композиции, но на овој концерт ќе бидат изведени жанрови кои ќе ги задоволат различните вкусови на публиката. Хорот „Св. Злата Мегленска“ е формиран во 1996 година од страна на Летка Димовска Полизова при Македонската Православна Црква – Полошко Кумановска Епархија.

Во текот на 20-годишното постоење голем број познати музичари, соло-пејачи и педагози, првите чекори и сценски настапи ги започнаа токму во овој хор. Јубилејниот концерт се однесува на сите поранешни и нови членови на хорот, како заокружување на 20 годишната успешна работа, но и мотив за понатамошни успеси од кои би ги споменале титулата светски шампиони во категоријата женски камерни хорови за 2016, шест олимписки медали (5 златни медали и еден сребрен медал), три Гран При, 14 златни медали (меѓународни), 11 сребрени медали, 3 бронзени медали, 8 специјални награди и признанија.

Хорот бележи и огромен број на концерти и настапи во Македонија, но и надвор од неа (над 600 концерти на домашна сцена и над 360 концерти на меѓународна сцена).

#Коментари