среда, 28 јуни 2017  |  Вести денес: 76

Вицепремиерот Попоски учествува на министерскиот совет на ОБСЕ во Хамбург

Вицепремиерот и министер за надворешни работи Никола Попоски денеска учествува на 23. министерски совет на Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ) што се одржува во германскиот град Хамбург.

poposki

Како што јавува известувачот на МИА од Хамбург, Попоски заедно со шефовите на дипломатиите на 50 земји членки во Хамбург доаѓа на покана на претседавачот со ОБСЕ, германскиот шеф на дипломатијата Франк Валтер Штајнмаер, кој позицијата претседавач со организацијата ја предава на својот австриски колега Себастијан Курц.

Вицепремиерот Попоски на мaргините на состанокот се очекува да има  неформални средби со неколку колеги од земји членки на ОБСЕ.

Состанокот на ОБСЕ се случува во услови на затегнати односи меѓу ЕУ и НАТО од една и Русија од друга страна и десетина дена по неуспешните преговори за целосна имплементација на „Договорот од Минск“ за мировниот процес во Украина.

Во пресрет на состанокот во Хамбург шефот на германската дипломатија Штајнмаер преупреди дека прашањето за „војна и мир“ повторно е актуелно во Европа и ја повика Русија да соработува во надминувањето на меѓународните безбедносни закани.

Покрај Украина, во Хамбург ќе се разговара и за состојбата во Сирија и за иницијативата за нов мониторинг на трката во вооружување, за што Германија има поддршка од 13 земји членки на ОБСЕ.

1popovski

Повеќе од 10 илјади припадници на германската полиција го обезбедуваат состанокот на кој Германија завршува со едногодишното претседавање со ОБСЕ. Претседавач со ОБСЕ во 2017 година ќе биде Австрија.

Со своите 57 земји членки ОБСЕ е најголема меѓународна регионална организација за безбедност. Покрај земјите од Европа во ОБСЕ членуваат и САД и Канада како и земјите од Централна Азија, а партнери за сорабoтка се и земји како Австралија, Јапонија, Авганистан, Тајланд, Алжир, Јордан , Мароко и други.

Од вкупно 3462 вработени во ОБСЕ речиси 3000 се ангажирани во 17 мисии во Југоисточна Европа, Јужен Кавказ и Централна Азија. Организацијата има годишен буџет од околу 150 милиони долари.

извор:Курир

#Коментари