понеделник, 27 март 2017  |  Вести денес: 0

НБРМ: Економијата се стабилизира, намалена каматата на благајничките записи

Народната банка на Република Македонија одлучи каматната стапка на благајничките записи да се намали за 0,25 процентни поени и таа да изнесува 3,75%, а понудата на благајнички записи на аукцијата на 14 декември да се зголеми од 22.000 милиони денари на 23.000 милиони денари.

nbrm

Ваквата реакција, како што наведува во денешното соопштение,  на монетарната политика е одраз на видливото стабилизирање на очекувањата на економските субјекти, коешто во континуитет е присутно во последните шест месеци, и на значително повисоката структурна ликвидност на банкарскиот сектор.

– Сигналите за стабилизација, според НБРМ, се видливи во двата пункта каде што политичката криза имаше најголеми ефекти – девизниот пазар и депозитите во банкарскиот систем.

Во услови на поволни движења на девизниот пазар, НБРМ наведува дека и во текот на декември интервенира со откуп на девизи, шести месец последователно.

Првичните ноемвриски податоци покажауваат продолжување на растот на штедењето на населението во банкарскиот систем, присутен во континуитет од јуни наваму. НБРМ смета дека поволните остварувања се во услови кога оцените за стабилноста на економските фундаменти и натаму остануваат позитивни.

Македонската економија во третиот квартал продолжи да расте, со солидна стапка на раст од 2,4 отсто, којашто воедно е и нешто повисока во однос на проекцијата. Растот, стои во соопштението, на економската активност е поттикнат од личната потрошувачка и извозот.

Во однос на инфлацијата, просечната годишна промена на домашните потрошувачки цени во периодот јануари – ноември 2016 година и натаму е во негативната зона (-0,2%, во просек), при пониски цени на храната и енергијата. Од друга страна, базичната инфлација бележи позитивни годишни стапки на раст.

Најновите податоци за девизните резерви во ноември покажуваат намалување, како резултат на редовното намирување на достасаните обврски на државата кон надворешните кредитори и достасувањето на девизни депозити на домашните деловни банки пласирани кај НБРМ во периодот од мај 2016 година наваму. Од друга страна, интервенциите на НБРМ делуваа во насока на раст на девизните резерви, што упатува на поволни платнобилансни текови. Сите показатели на адекватноста на девизните резерви покажуваат дека тие постојано се движат во сигурната зона. Во однос на показателите од надворешниот сектор, засега расположливите податоци, за четвртиот квартал покажуваат дека трговскиот дефицит е нешто понизок од очекувањата, а нето-откупот на менувачкиот пазар, како показател за приватните трансфери, е во рамки на очекувањата.

Заклучно со последните податоци од декември, веќе шест месеци по ред банките имаат вишок на девизна ликвидност, што овозможи интервенции на Народната банка за откуп на девизи во вкупен износ од 135 милиони евра. Со ова во целост се надополни делот од девизните резерви којшто беше искористен за стабилизација на курсот во периодот на шокот во април/мај. Високиот откуп на девизи во овој период од страна на Народната банка, според нив, се должи на поволните движења на девизниот пазар на банките во трансакциите со клиентите.

На овој пазарен сегмент вкупната понуда на девизи беше повисока од вкупната побарувачка на девизи, при годишен раст на понудата на девизи од фирмите и годишно намалување на побарувачката од страна на фирмите. Воедно, кај сегментот со останатите клиенти има годишен раст на откупот на девизи од менувачниците, нерезидентите и физичките лица. Интервенциите на Народната банка за откуп на девизи придонесоа за значително подобрување на денарската ликвидност на банките, коишто вишокот средства го насочија кон краткорочните расположливи депозити кај Народната банка, при што нивната состојба достигна високо ниво.

Првичните податоци за ноември покажуваат понатамошен солиден раст на вкупните депозити. Придонес за позитивните остварувања на депозитите имаат и двата сектора, и населението и корпоративниот сектор. Во ноември, растот на вкупната депозитна база на банките изнесува 4,4 проценти на годишна основа и упатува на движења што се во рамки на очекувањата. Податоците за кредитниот пазар во ноември исто така се поволни и покажуваат месечен раст на вкупните кредити на приватниот сектор, што доаѓа по нивното намалување во претходниот месец. Анализирано од секторски аспект, растот произлегува од зголеменото кредитирање на населението, при благ пад на кредитирањето на корпоративниот сектор. Кредитните текови во периодот октомври – ноември се послаби од проектираните за последното тримесечје, но со оглед на стабилизирањето на состојбите и растот на депозитната база, во следниот период е можна побрза динамика на кредитен раст.

На седницата беше оценето дека последните податоци покажуваат континуитет на стабилизирање на очекувањата на економските субјекти, што придонесува за раст на штедењето на населението и откуп на девизи на НБРМ на девизниот пазар. Ваквите поволни движења укажуваат на присутни услови за постепено приспособување на основната каматна стапка на нивото остварено пред мај. Оцените за стабилноста на економските фундаменти остануваат позитивни. Ризиците од домашните политички случувања се ублажени, но и понатаму присутни. Воедно, и ризиците од глобалното окружување остануваат актуелни.

НБРМ и во следниот период внимателно ќе ги следи движењата, а идните промени во монетарната политика во голема мера ќе бидат условени од понатамошното стабилизирање на домашниот политички амбиент.

Извор: Курир

#Коментари