вторник, 22 август 2017  |  Вести денес: 58

Перо Антиќ и Томи Стефановски се спортисти на годината

Кошаркарот на Фенербахче, Перо Антиќ, како и маратонскиот пливач Томи Стефановски ќе ја понесат титулата „Спортист на годината“ во изборот на редакцијата на спортскиот портал „Дерби“.

По традиција „Дерби“ прогласува најдобар спортист од поединечните и најдобар спортист од екипните спортови, при што минатите две години во преден план беа Игор Стефановски – Иџе како европски шампион во автомобилизам на ридски патеки и Кирил Лазаров, како капитен на македонската ракометна репрезентација и освојувач на голем број трофеи во шпанските и европските натпреварувања со Барселона.

pero-antic-so-basket

Во сезоната 2015/16 првиот македонски кошаркар во „Ен-Би-Еј“ лигата, Перо Антиќ, одлучи да се врати во Европа и да го носи дресот на Фенербахче. Овој потег се покажа како исправен и тој во дресот на турскиот клуб стигна да игра во финалето на Евролигата каде што титулата во драматичен меч со многу пресврти заврши кај ЦСКА. Можеби му избега европскиот трофеј, но Антиќ годинава во сериозна конкуренција стана шампион во првенството на Турција, а на приватен план го доби третиот син во бракот со сопругата Ружица. Сепак, тој останува во екипата на „слаткарите“ под раководство на Жељко Обрадовиќ, најтрофејниот тренер на „Стариот континент“ и работи на зацртаната цел да стане првиот македонски кошаркар со три европски клубски титули, откако претходно освои две со Олимпијакос.

Томи Стефановски е присутен во македонското пливање веќе трета деценија, откако претходно ја започна кариерата како ватерполист. Тој континуирано напредуваше во маратонските трки за оваа година да победи на домашен терен, Охридскиот маратон, а потоа и да биде крунисан како шампион на Светската серија. Дополнително, тој оваа година беше вклучен во „Куќата на славните“ од светото на маратонското пливање, при што ова признание му беше доделено за успесите заклучно со минатата сезона, но прекрасно го надополни моментот кога Стефановски се најде на врвот на светот и притоа објави крај на својата професионална кариера.

Редакцијата на „Дерби“ им ги честита титулите на Антиќ и Стефановски, со желба нивните успеси да бидат инспирација за другите македонски спортисти, за општо задоволство на бројната спортска публика во Македонија.

tomi-stefanovski

Извор: Дерби

#Коментари