сабота, 27 мај 2017  |  Вести денес: 60

Лозано отвори душа за Вистина.мк: Секој има доблести и маани, а Савка ги има вистинските за мене!

На музички план во годината што измина промовираше неколку синглови, спотови, освои награда на МАРС, пееше за реклама на познат бренд… задоволен ли си од постигнатото?

  • “Жена како ти” и “Бонбона” и нивните спотови, се моите последно издадени авторски песни, имав и соработка со голем светски бренд , каде што нумерата беше и тоа како вртена по медиумите. Исто така и освоената награда за “Бонбона” поп -хит за 2016 година на фестивалот МАРС. Двете нумери и тоа како зедоа голем замав по радиостаниците низ Македонија и се случи тоа, забраната на македонска музика. Искрен да бидам, не сум задоволен од тоа како се дескриминира македонската музика во Македонија и каков третман има.

Како се рефлектираше од субјективен аспект како изведувач забраната за емитување на македонска музика од страна на ЗАМП?

  • Можам да кажам дека изминатата година, 2016 беше убедливо најлошата година за македонската сцена и музика. Забраната лошо влијае за сите. Не само за авторите, туку и за изведувачите и публиката. Сите сакаат да слушаат музика кој што е на нивниот мајчин јазик. Ние сме единствените кои се бориме да оваа држава има музика на мајчин јазик и на кирилица. Треба да се најде некој заеднички јазик и оваа забрана еднаш за секогаш да заврши.

„Жена како ти“, „Бонбона“, „Мандарина“, само хит до хит. Како успеваш да избереш песна што секогаш е полн погодок?

  • Тешко е да се добие и да се направи добра песна, посебно хит. Нема некој рецепт, едноставно тоа се чувствува. Од прилика знаеме што сака публиката и гледаме да имаме некој заеднички јазик со неа.

Иако домашната естрада не ни е на некое завидно ниво, ти остана перманентен, со истиот стил и пристап. Сметаш ли дека ти е потребна некаква промена?

  • Се работи на тоа да има промена, секоја промена е добра, макар била и лоша. Се сметам за изведувач кој може многу лесно да се адаптира на секаква музика, публиката може и нешто такво да очекува.

Се доживуваш ли денес како ѕвезда?

  • Би сакал да се доживеам како таков, но можеби во некое друго време или друго место. Повеќе како јавна личност.

Твоите колеги од забавната сцена, не ретко знаат да споменат дека фолкерите заработуваат многу повеќе. Си помислил ли некогаш да преминеш на народната сцена?

  • Сум бил дел од таа фела. Многу е комотно таму. Не си ограничен буквално со ништо. Не зависиш од публиката, доколку го имаш вистинскиот репертоар, задоволството е обострано. Репертоарот горе- долу е истиот секогаш, веќе децении наназад. Јас сум добро запознаен со нашата македонска народна песна, така да не би ми претставувало некој голем проблем да имам некоја миграција повторно во тоа поле. Но, веќе зад себе имам скоро три албуми, околу 40 авторски песни, имам многу вложено во мојата кариера, сега засега би сакал да бидам лојален на неа.

Кои се твоите моментални музички приоритети и планови во Новата година, што да очекуваме од Лозано?

  • Сега засега целата ситуација е статус кво. Имам готови песни, само чекам поволен момент кога да бидат промовирани.

Со оглед на твоето евровизиско искуство, што би ја посоветувал Јана Бурческа?

  • И посакувам се најдоборо на следната учесничка на Евровизија. Се надевам дека ќе има добра песна и добар настап. Би ја советувал само да се забавува таму.

На приватно поле одлучи да направиш крупен чекор, односно ја запроси твојата долгогодишна девојка Савка. Зошто таа е совршената за тебе?

  • Како викаат, никој не е совршен, секој си има свои маани и доблести. Можеби тие се тие кои мислам дека се вистинските.

Заедничкиот живот нема да ви биде новитет бидејќи извесен период живеете заедно. Како функционирате во домот, дали веќе ги поделивте обврските?

  • Се што е во мој домен гледам да биде завршено како што треба и обратно. Како и во секој дом, обврските се делат на машки и женски, со одредени исклучоци.

Ја најавивте и свадбата, до каде се плановите и кој е повеќе окупиран?

  • Ова поле мене на некој начин ми е познато, сум присустувал на многу свадби, каде службено, каде приватно, додека деталите ги оставам на Савка.

Четвртата животна деценија е пред тебе, дали си подготвен за улогата на родител?

  • Се си оди по ред, мислам дека би се снашол и во таква улога, не се знае, ќе видиме.

И за крај, Новата 2017 е пред нас, што би сакал да се повтори од 2016, а што никогаш да не се случи повторно?

  • 2017 година нека биде една сосема нова страница за сите, но позитивна. Што помалку луѓето да се занимаваат со политика, нека перцепцијата ја свртат кон забавата и песната. Животот нека ни биде една убава, долга и весела песна.

 

 

#Коментари
[fbcomments]