сабота, 24 јуни 2017  |  Вести денес: 36

ЕЛЕМ: Снабдувањето со електрична енергија редовно, потрошувачката зголемена

Снабдувањето со електрична енергија за домаќинствата и помалите компании на регулираниот пазар за електрична енергија се одвива редовно и  во согласност со нивните потреби, информираат од АД ЕЛЕМ.
elem

-Во текот на вчерашниот ден целосно е одговорено на потребите на конзумот  со оптимизација на домашните производни  капацитети, и преку набавка на електрична енергија во часовни периоди од денот кога се бележи најголема потрошувачка. Поради екстремно ниските температури во периоди од вчерашниот ден регистрирана е 30 проценти поголема потрошувачка во однос на истиот период за последните пет години. Од анализите кои ги спроведе АД ЕЛЕМ може да се заклучи дека надворешната температура е за осум степени пониска во однос на десетгодишниот просек за овој период од годината, велат од ЕЛЕМ.

Од компанијата додаваат дека сите расположливи капацитети за производство на електрична на АД ЕЛЕМ се ставени во погон, а дел од количините преку редовна постапка за набавка на електрична енергија  се обезбедуваат  на слободниот пазар во согласност со постојните правила и процедури усвоени од  Регулаторната комисија за енергетика.

-Стручните тимови на компанијата и понатаму  внимателно ја следат потрошувачката на електрична енергија и го прилагодуваат производството од домашните капацитети во согласност со потребите на тарифните потрошувачи. За надополнување на потребите во периоди од денот со најголема потрошувачка, во текот на вчерашниот ден е извршена набавка на 3.600 мегаватчаса електрична енергија преку лиценцираните компании за трговија со електрична енергија, согласно постојните правила. Набавката што ја изврши АД ЕЛЕМ за период од 18 часот вчера заклучно со 18 часот попладнево е по просечна цена од 101,43  евра за мегаватчас и е поевтина во однос енергијата што се продаваше на берзите во регионот. Временските услови од кои се погодени земјите од Југоисточна и Централна Европа, директно влијаат и на цените на тој енергент. Во текот на вчерашниот ден  на берзата во Унгарија мегаватчас електрична енергија во периоди на зголемена потрошувачка се продаваше за 126,3 евра, на берзата во Бугарија чинеше 123 евра, додека на берзата во Србија за истиот период се нудеше по цена од  140,3 евра за мегаватчас.  АД ЕЛЕМ уште еднаш нагласува дека набавката на електрична енергија што се врши во овој период нема да влијае врз цената на електричната енергија за домаќинствата и за малото стопанство кои се на регулираниот пазар за електрична енергија затоа што негативните финансиски импликации во целост се нивелирани со додадената вредност од продажбата на вишоци на електрична енергија што АД ЕЛЕМ ја реализираше во ноември и декември, минатата година. Резултатите од набавката на електрична енергија АД ЕЛЕМ редовно и транспарентно ги објавува на својата веб страна на следниот линк:http://www.elem.com.mk/index.php?option=com_content&view=category&id=55&Itemid=220&lang=mk , стои во соопштението од ЕЛЕМ.

Техничкиот зафат во термоелектраната „Битола 3“  на кој од саботата наутро интензивно работеа стручни екипи на АД ЕЛЕМ и на РЕК Битола, заврши во текот на вчерашниот ден, и во фазата на синхронизација на електроенергетската мрежа беше детектирано повторно напукнување на цевка во котелскиот сегмент, по што овој капацитет во моментов е надвор од функција.

Се очекува повторно да биде оперативен во најкус можен рок, односно за најдоцна 72 часа. Вработените во АД ЕЛЕМ  и во РЕК Битола во период на екстремно ниски температури прават натчовечки напори за справување со предизвиците.

Извор: Курир

#Коментари