понеделник, 24 април 2017  |  Вести денес: 15

„Заборавени песни“- концерт на Македонската опера и балет за Василица

Традиционални македонски песни во изведба на Андријана Јаневска и Оркестарот на Македонската опера и балет, специјално подготвени аранжмани од композиторот Илија Пејовски, се на програмата на годинашниот концерт за празникот Василица во организација на МОБ. Режисер е Љупка Јакимовска, а оркестарот ќе го води диригентката Бисера Чадловска.

andrijana-janevska

Концертот е задутревечер, 12 јануари, и е насловен „Заборавени песни“ затоа што се избрани песни кои веќе ретко се слушаат, како „Ѕвонче ѕвони“, „Да сум бистра вода“, „Легнала Ѓурѓа на рамно гумно“, „Три години, лудо, болна лежам“, „Три билбила поев“, „Слегов долу во визбата“…, а две песни од програмата досега воопшто не се изведени. За една од песните ќе биде употребена тамбура на која ќе свири Стевче Стојчевски, изведувач на традиционални инструменти. Солистката Јаневска ќе ја запознава публиката за композициите, кажувајќи за секоја од нив каде била снимена, кој прв ја испеал итн…

Таа е прв солист со целовечерен настап на традиционалниот василичарски концерт, на кој во минатите години учествуваа неколку солисти. Рече дека е почестена поради тоа и затоа што токму неа за солист на целовечерниот концерт ја избрал композиторот Пејовски, кој бил аранжер на нејзината прва песна („Те сакам бескрајно“, во дует со Пеце Огненов на Скопскиот фестивал во 1998). Со концертот „Заборавени песни“ МОБ ќе одбележи 70 години од раѓањето на Пејовски.

– Тој е наш познат музичар, аранжер, пред се на џез-музика. И поради тоа сакавме да направиме интересен спој со нашите традиционални македонски песни, меѓутоа оние кои се подзаборавени и оттаму е насловот  на концертот. Традиционалните македонски песни се на некој начин меч со две острици, имаме примери за многу препеани песни, некојпат тоа звучи добро, некојпат лошо. Линијата е тенка и не треба да се премине во некакво сквернавење. Но, уверувам дека овој концерт ќе биде нешто сосема поразлично и со аранжманите на Илија Пејовски ќе дадеме друг призвук, рече Јаневска, нагласувајќи дека и е голем предизвик и тоа што ќе настапи пред своите колеги од МОБ каде што е вработена.

Василичарскиот концерт по повод Стара Нова година, МОБ го организира од 1993 година и се вбројува меѓу најпосетените концерти. За да ја одбележи традицијата на Василица, кога се крши лепче со паричка, МОБ првпат годинава по концертот ќе организира бесплатен коктел на кој ќе има пита со паричка. Парчиња ќе добијат сите посетители, а среќниот кому ќе му се падне ќе биде кум и ќе добие гратис билети за целата сезона на МОБ.

Голем број билети за василичарскиот концерт се подарени во домовите за стари лица, а приходот од операта „Евгениј Онегин“ од 28 декември вчера   бил дониран  на Здружението за лица со оштетен вид.

Овој месец во МОБ ќе има два детски викенда – првиот е на 14-ти и 15 јануари кога од 12 часот ќе биде изведена балетската претстава „Снежана и седумте џуџиња“, а следниот викенд, 21-ви и 22 јануари, ќе биде изведен балетот  „Оревокршачка“.

На 18 јануари е операта на Моцарт „Дон Џовани“ со голема солистичка екипа од Италија, под диригентство на Џанлука Мартиненги. Последниот ден од месецов ќе биде изведен балетот „Клеопатра“. Претставата е скоро распродадена, а поради големиот интерес МОБ најави уште две изведби, на 2-ри и на 4 февруари.

Новина на МОБ е можноста билетите, покрај на нејзината билетарница, да се купат и во „Југотон“ во ГТЦ на први кат, преку системот karti.com.mk.

Извор: курир

#Коментари