петок, 23 јуни 2017  |  Вести денес: 76

Почит секому, објаснувања никому: Живеам така затоа што… УБАВО МИ Е!

Како што сакам, колку што сакам, кога сакам, со кого сакам… ете токму така живеам. Без правила, без објаснувања, со драмски заплети по мое сценарио и емотивни расплети по моја желба.

Време е другите да престанат да ви диктираат како треба, а вие да започнете да живеете како сакате. Зарем има штета од „Како си ти?“ кажано од срце и „Се ќе биде во ред“ кажано со емпатија, од „Те сакам“ без повод и „Извини“ без его, од исполнети желби и реализирани соништа?

Зошто сите пари ги трошиш на забави и патувања?

Затоа што од седење дома и гледање долгометражни ТВ серии и дебатни емисии без основна доза на култура меѓу соговорниците нема спомени.

Зошто фрли толку пари на тоа фустанче како крпче?

Затоа што утре ќе имам 50 години и оваа витка линија можеби ќе ми биде само драг спомен, а и да не е така нема да ми доликува стајлинг од овој тип. Фустанчето треба да биде купено и носено ОВДЕ И СЕГА!

Зошто се караш до истоштување со партнерот за банални работи?

Затоа што само ако климам со главата во знак на одобрување за да бидам материјал соодветен за сопруга целиот живот ќе треба да трпам работи кои уште отсега ми предизвикуваат мачнина во стомакот.

Зошто ги исправаш и туѓите неправди на работното место?

Затоа што верувам дека длабоко во секој од нас се крие човечност, дека треба да сме тука еден за друг во најтешките мигови и се надевам дека утре некој друг ќе го стори истото за мене.

Зошто се интересираш за животите на другите?

Затоа што сум способна за емпатија и туѓиот успех и изреализирани планови знаат да ме направат среќна, а туѓата трагедија да ме потсети колку сме кршливи, колку се е минливо и колку треба цениме се што имаме колку и да ни изгледа невредно.

Зошто постојано си во акција со грст искроени планови пред себе?

Затоа што сакам да го искористам максимумот од секој ден, сакам да си легнам со насмевка на лицето и со чувство на исполнетост. Не сакам 47-миот ден од годината да ми биде само уште еден во низата здодевни.

Зошто поставуваш низа прашања во комуникацијата?

Затоа што секогаш сакам да знам како се чувствува другиот и што му се случува во животот. Преморена сум од мнозинството луѓе кои комуникацијата ја сфаќаат еднонасочно и ме трујат со она „јас,јас, јас…“ и не сакаат да чујат ни за вашата среќа, ни за вашиот успех за да не испадне дека таму некаде некој е посреќен од нив.

Зошто јадеш чоколада и пиеш вино, иако знаеш дека не е здраво?

Затоа што тоа ми причинува задоволство и ако не дај боже нешто лошо треба да ми се случи ќе ми се случи без разлика колку живеам во претпазливост и страв.

Зошто врескаш толку гласно кога си нервозна и се смееш толку гласно кога си среќна?

Затоа што не се срамам од своите емоции и сметам дека квалитетно изживеан живот е оној во кој го сееме тоа што го чувствуваме. Ставањето маска на себе и глумењето лудило се и повеќе од потребното присутни секаде околу нас.

Зошто ти е прифатлив сечиј начин на живот?

Затоа што само тој некој знае зошто живее на тој начин и што всушност него го прави среќен. Тоа што за тебе е правилно и посакувано однесување за друг може да биде погрешно и бесмислено. Ние не сме исти, соништата не ни се исти, па зошто тогаш начинот на живот да ни биде ист?!

 

Автор: Симона Симионова

#Коментари