вторник, 22 август 2017  |  Вести денес: 58

ГОЦЕ АРНАУДОВ – „Проклети да се предавниците“ (ВИДЕО)

Има некои песни, кои уште на прво слушање знаете дека ќе бидат вонвременски. Хитовите се раѓаат, доаѓаат и минуваат, ама песни за сите времиња тешко се прават, зашто е тешко да создадеш нешто што останува зад тебе со години, децении, а некои и повеќе од тоа.

Таквите песни без оглед на тематиката, дали е таа љубовна, печалбарска или патриостска, остануваат да функционираат и да се слушаат во сите времиња, без оглед колку лета минале од денот кога прв пат биле напишани или испеани. Звучат секогаш, свежо, моќно, актуелно… чиниш денес некој ја создал или испеал токму за ова време, за оваа состојба, за ова опкружување, за ова наше случување, овој наш живот…!

Една од тие е токму и оваа, напишана и испеана во далечната 1995 година на фестивалот на македонски новосоздадени фолк песни со патриотска содржина „Гоце Фест 95“. Автор и изведувач, легендата на македонската песна, покојниот Гоце Арнаудов, на едни од најубавите стихови на текстописецот Огнен Неделковски во аранжман на маестро Кире Костов – песната „Проклети да се предавниците“.

Песна која отсликува еден народ, неговите верни синови и туѓи поданици, неговите патриоти и предавници, неговите јунаци и платеници… Македонскиот, напатен, ама сепак непокорен, кој отсекогаш страдал токму од „своите“, кој многу повеќе видел мака од домашните јаничари отколку од туѓите окупатори, многу повеќе крв проплукал и солзи пролеал од домашниот пиреј… отколку од поробувачите што сакале да му ја сотрат семката.

Сосед на соседот очи му вадел, другар другарот го убивал, брат – брата предавал… го ставал в зандани за неколку златни алтани. Така било и за жал, така се’ уште е. Затоа толку многу години и векови  Македонецот и своја држава не создал, затоа никогаш како што треба не прокопсал, затоа сонце долго не го огреало, затоа со векови  аир не видел… Зашто меѓусебе ги имал, токму нив –  проклетите предавници. Тогаш, сега, а веројатно и уште долго… Оти историјата покажува дека времињата се менуваат, ама проклетилакот, за жал, како генетски да ни е запишан во кодот… Затоа и постојано доаѓаме на истото дереџе, затоа секогаш мораме да почнуваме одново и одново… Проклети да се предавниците… Тогаш, сега, засекогаш!

“Проклети да се предавниците
Својот народ што го продале
И во гробот штом ќе лежат
Тие пари да им тежат
Како казна, Божја пресуда,

Проклети да се предавниците
Својот народ што го продале
Пиреј да им расте в душа
Усни да им гризе суша
Светот да ги колне довека
Како казна, Божја пресуда”

#Коментари