понеделник, 21 август 2017  |  Вести денес: 67

5 причини зошто вежбањето во теретана е корисно за вас

Често пати луѓето го поврзуваат вежбањето во теретана со процесот на зголемување мускулна маса, незнаејќи ги сите други, уште поголеми придобивки. Точно е дека вежбите со тежини се најдобриот начин за подобрување на физичкиот изглед и ослободување од вишокот телесни масти, но тие исто така го подобруваат целокупното здравје и ве прават посреќни. Откријте ги главните причини заради кои вежбањето во теретана треба да влезе во вашиот список на здрави навики.

Вежбањето во теретана:

1. Го подобрува вашето ментално здравје

Подобрувањето на менталното здравје е една од најзначајните придобивки од редовното вежбање во теретана кои ги истакнува науката. Вежбањето со тежини е докажано ефикасен начин за ослободување од стресот, како и за намалување на нарушувања како што се анксиозноста и депресијата. Покрај тоа, вежбањето во теретана подразбира и социјализација со луѓе со кои имате заеднички интерес и слична цел.

вежбањто во теретана и менталното здравје

2. Ја подобрува функцијата на вашите зглобови

Наспроти верувањата дека вежбањето со тежини може да им наштети на вашите зглобови, вистината е дека тоа всушност ви помага да ја подобрите нивната функција. Со вежбањето во теретана ќе ги зацврстите мускулите околу зглобовите, ќе спречите трошење на коските и ќе ги „подмачкате“ зглобовите. Ова секако се однесува на правилно вежбање. Доколку не сте сигурни дека правилно ги изведувате вежбите и работите со соодветни тежини, консултирајте се со фитнес тренер.

3. Ја подобрува функцијата на кардиоваскуларниот систем

Кардио вежбите не се единствените кои имаат ефект врз овој аспект од вашето здравје. Вежбањето во теретана, односно вежбите со тежини помага во намалување на „лошиот“ ЛДЛ холестерол и зголемување на „добриот“ ХДЛ холестерол. Овие вежби ја подобруваат и работата на срцето исто како што тоа го прават аеробните вежби.

вежбањето во теретана и кардиоваскуларниот систем

4. Го зголемува либидото

Ова е еден од помалку познатите, а секогаш добро прифатени факти за вежбањето во теретана. И не, не е поврзан со тоа што гледате околу вас луѓе облечени во тесна компресиска облека. Вежбите со тежини поттикнуваат лачење на хормони кои влијаат на вашето либидо и со тоа го подобруваат овој аспект од вашето здравје.

5. Ја зголемува функционалната сила

Редовното вежбање во теретана ви помага да ја зголемите функционалната сила што ви е потребна во секојдневниот живот, како и за други спортови. Токму затоа професионалците од кој било спорт имаат вежби со тежини во нивната програма. Тука не зборуваме за логика од типот: поголеми мускули = повеќе сила, бидејќи не е така. Зборуваме за градење на функционална сила која не е поврзана со големината на мускулите, туку со реалната можност да совладате секојдневни предизвици како што се носење на многу кеси од продавница до дома или разместување на големи предмети во вашиот дом.

вежбањето во теретана и функционалната сила

Извор: Friday.mk

#Коментари