четврток, 21 септември 2017  |  Вести денес: 66

Почина легендата на македонската народна песна: Замина светицата на традицијата Вања Лазарова!

Легендарната пејачка на изворни народни песни и доајен на македонската народна музика, Вања Лазарова почина денес, 12 март 2017 година  во Скопје на 86 годишна возраст.

„Со маки сум се родила“, „Параходот замина“, „Легнала Ѓурѓа на рамно гумно“, се само дел од стотината македонски изворни народни песни што ги испеа Лазараова, чиј впечатлив глас е дел од македонското музичко наследство. Најголем дел од песните се снимени во продукцијата на МРТ.

Бања е родена на 27 април, 1930 во кратовско Страцин, има работено во Операта при МНТ, а беше член и на Државниот ансамбл на народни игри и песни „Танец“ со кои настапи на голем број концерти низ светот. Пеела во „Ројал Алберт хол“ во Лондон пред британската кралица Елизабета Втора и премиерот Винстон Черчил. Таа е прва македонска пејачка која има снимено плочи за најголемите издавачки куќи „Полиграм“ и „Филипс“.

Особен придонес има во соработката со групата „Анастасија“ за музиката за филмот „Пред дождот“, кој во 1994 освои „Златен лав“ во Венеција. Режисерот Милчо Манчевски ќе изјави дека дека филмската музика во „Пред дождот“ станала една од исконските, архетипски моменти на неговиот филм.

Во документарецот „Вања: Со маки сум се родила“ за нејзиниот живот и творештво, што излезе пред 2 години во режија на Синиша Евтимов, легендарната колешка Есма Реџепова-Теодосиевска рече дека Вања Лазарова е недостижна пејачка, каква што се раѓа во сто години. Златко Ориѓански рече дека во нејзиниот глас како да се содржат сите можни стилови и начини на пеење во македонската музика. Влатко Стефановски рече дека нејзината песна е саундтрак на најубавата Македонија и на културното наследство кое на суптилен начин ни се обраќа и ни раскажува за нашиот идентитет.

Вања пак, во филмот зборуваше за песната со која е цел живот – и кога била дома со најблиските и кога настапувала на светските сцени. Полна со ентузијазам и на 85 години таа тогаш рече дека најмногу би сакала пак да има концерт.

Во 2014  Вања Лазарова ја доби државната награда „11 Октомври“ во областа на културата, а со тоа по автоматизам и национална пензија од Министерството за култура.

 

 

#Коментари
[fbcomments]