среда, 23 август 2017  |  Вести денес: 0

Јана Бурческа е победникот на Евровизија!

Поминаа речиси 19 години откако Македонија почна да ја испишува својата евровизиска историја. Владо Јаневски беше првиот претставник кој во 1998 година во Бирмингем настапи со песната „Не зори зоро“ на Григор Копров, a со која заврши на 19-тата позиција во финале. Ретроспективно гледано, од  сите досегашни наши претставници, Елена Ристеска обезбеди највисок пласман на 12-тата позиција , односно го имаше највисокиот резултат  на Евровизија во 2006 година која се случи во Атина. Близу до овој резултат беше и Тоше Проески во 2004, кој со песната „Life“ ја позиционираше Македонија на 14-тата позиција на Евровизија во Истанбул. И наредните години Македонија бележеше просечен успех и влез во финале,  а таков беше случајот се до 2008 година кога Тамара, Врчак и Адријан не успеаја да се пласираат во финале и го прекршија ова успешно искуство.

foto:Daniel Aragay from Terrassa, Catalunya

Без да анализираме и навлегуваме во детали кој колку постигнал,  дали песната била добра, изборот на претставникот и слично… Заедничко за сите години наназад е дека се до годинава ама во ниеден случај не беше пример на мнозинството да им се допадне изборот на претставникот или пак песната. Дури и оние пејачи кои горе-долу направија некој успех, пред да настапат на големата евровизиска сцена, а и подоцна, на домашен терен беа критикувани од разни аспекти, еден за вокалните способности, друг за лошата песна, трет за изгледот и така со години по ред. Кај нас, како пред  така и по Евровизија, „лудилото“ најчесто се концентрира на негативност, така што возбудата е поголема кога некој се „оцрнува“.

Веројатно се сеќавате на критиките за фустанот со златен корсет на Каролина Гочева кој го носеше на Евровизија во Талин 2002 година- дело на Александар Ношпал. Фустан во кој според повеќемина таа изгледаше катастрофално, иако европските модни критичари и костимографи сценскиот изглед, односно костимот на Каролина го оценија одлично. За Мартин Вучиќ и Александра Пилева во 2005 година се крена најголемиот домашен евровизиски скандал за тоа кој да настапува на евровизиската сцена во Украина, па така од голем скандал „паднаа“ и тешки навреди, коментари, исмевање, па дури „летаа“ камења и шишиња. Ѓоко Танески исто така помина драматично поради неговиот лош англиски. Есма пак, за некои беше смешна во црвениот фустан и несоодветен партнер на Влатко Лозаноски на Евровизија, откако најпрвин се појави една, па откога ја „симнаа“ отиде друга верзија на песната и спотот.

И без да потсетуваме сигурно се сеќавате на се од погоре наведеното и многу повеќе, односно дека бевме први да го кренеме гласот и го оцрниме своето ама се до сега, се до годинешната претставничка на Евровизија во Киев, Јана Бурческа и нејзината „Dance alone“.

За првпат се случува таков куриозитет што за некое чудо, дури и за неверување е дека има едногласност, ни се допаѓа песната, продукцијата, ни се допаѓа и Јана, ма чудо!

Оваа година за првпат имаме песна од странски автор, млада и надежна пејачка од која има очекувања по премиерата на песната, иако на почетокот по откривањето дека таа ќе пее во Киев, за некои до името и кариерата на Јана Бурческа стоеја прашалници. Засега, според евровизиските обложувалници нашата песна котира меѓу подобрите, а се претпоставува дека ќе има и добар пласман. Но, прашањето е дали ќе ја поддржиме Јана ако ова не се случи навистина и не дај Боже, не се исполнат очекувањата? Според се што се случуваше досега во поглед на Евровизија, ако „Dance alone“ ви се допаѓа сега, веројатно така треба да биде и откако Јана ќе се врати дома, ќе го пофалиме нејзиниот одличен англиски, настапот…  Сепак, оваа 2017 година Јана  е „евровизиската победничка“ на домашен терен која испраќаме бучно. Ама ако, само за добро да е!

Автор:Слободанка Илиева

#Коментари