вторник, 22 август 2017  |  Вести денес: 58

Пепа Димитрова: Комплиментот за мене е мелем за душата!

Пепа Димитрова за себе вели дека  е цел живот поврзана со музиката .Со песна го започнува и завршува секој ден. Од малечка има талент и желба за музика, но животот ќе ја одведе во друг правец и не ќе може да се занимава  професионално со музика. Но, како никогаш не е доцна, а доказ за тоа е и нејзиниот идол – Адел, и таа во петтата деценија ја започнува својата кариера. На Пепа секогаш семејството и е на прво место. Мајка е на три деца и тие најубаво знаат за нејзиниот ангелски глас. Тие сега се пораснати , а тоа и дава можност  да и се врати на нејзината прва љубов – музиката.

Досега има снимено повеќе 7-8 песни, била дел од Охрид фест и Макфест, каде освојувала и награди, а круна на нејзината досегашна кариера беше наградата „Фестивалски асови“ на последниот Македонски радиски фестивал „МАРС 2016“ во номври минатата година, за пејачка која има добено најмногу фестивалски награди во една година. Нејзината нова песна е всушност преработка на легендарниот македонски евергрин или  женска верзија на вечната „На Велигден“ од Џина Папас Џокси, која заедно со видеото треба да се појави деновиве, во очи на големиот христијански празник.

 

Веќе пет години си дел од забавното музичко небо, но за разлика од останатите твои колеги на  естрадата, се активираше во петтата животна деценија – со каква идеја и цел го започна своето музичко „патување“?

-Отсекогаш сум била дел од музиката и таа од мене, од  детството низ училишните хорови, со мојот брат, но потоа животот ме носи во друг правец  и пеам само  за  моите најблиски. Во последниве 5 години полека но сигурно навлегувам на естрадата, јавноста ме запозна, имам неколку синглови кои се вртеа на македонските радија, еден видео спот, а сега работам на мојот официјален албум.

Фестивалите „Охрид фест“ и „Макфест“ беа отскочна штица за твоите планови, сметаш ли дека ваквите фестивалски претставувања се вистинскиот пат за промоција и пошироко запознавање пред публиката?

–  Да секако,  за мене единствено и најдобро представување и промоција на моите песни  се   македонските  реномираните  фестивали, секако дека треба да ги споменеме и радијата, телевизиите, како и социјалните мрежи и интернет платформи.

Тогаш, како прилично нова на музичката сцена, токму на тие настапи успеа да собереш неколку награди, а беше добитник и на највисоката Гран –при токму на „Охрид фест“- колку истите беа очекувани и поттик за понатаму?

– Наградите ми значат и ми даваат поттик за понатамошна работа, иако Гран-при наградата ми е мила, подрага ми е наградата од публиката. Наградите се на некој начин потврда за мојата работа и секако дека токму поради публиката и мојата љубов кон музиката продолжувам понатаму да творам.

Како од денешен агол Пепа ја доживува домашната естрада, сметаш ли дека забавната музика е вистинскиот правец по кој ја трасираш својата амбиција, кој е повратниот ефект засега?

– Македонската естрада е доста шаренолика и исполнета со добра музика. Забавната музика некако е во пад, но има доста од колегите кои работат константно и прават убави песни. Повратниот ефект е всушност за мерак на душата, кога ќе ми ја пофалат песната, настапот, гласот, никако не во финансиски поглед, јас пеам од љубов.

Во 2015 година со седум композиции настапи во ревијалниот дел на „Макфест“, по што во медиумите и на социјалните мрежи се „крена прашина“ околу тоа која е Пепа и дали како штипјанка доби привилегија за себепромоција. Очекуваше ли ваква реакција?

– Јас очекував секаква реакција,за  мене секако беше најважно, што првото претставување на моите песни го имав на еден од најреномираните македонски фестивали – Макфест. Јас сум родум штипјанка па тоа за мене имаше посебно значење. А за реакциите… “позади добриот коњ прашина се крева”.

Пред големиот христијански празник „Велигден“ одлучи да ја препееш популарната „На Велигден сум се заљубил“ на Џокси, како дојде до соработка и зошто баш оваа нумера?

– „На Велигден“ е една македонска евергрин песна која ми е меѓу омилените. Со Џокси се дружевме на Охрид фест и по настапот ми рече дека му се допаѓа бојата на мојот глас и дека сака да ја препеам. Беше сериозна и голема обврска да се направи тој проект.Чувствував голема одговорност и дадов се од себе да ја донесам песната онака како што јас ја чувствувам во ново модерно руво и во женска верзија. Соработував со големи професионалци, снимавме  во студиото Ентерпрајз на Тино Скендеровски под водствто на Дамир Имери на кого сум му особено благодарна за аранжманот. Благодарност и до музичарите кои свират во песната и секако на Џокси. Во процес е и снимање на видео запис за песната кој очекувам пред празникот  да почне да се врти на македонските телевизии и секако на мојот youtube канал.

Вие сте семејна жена, реализирана мајка и дама со стил. Која е всушност Пепа приватно?

-Најпрво благодарам за комплиментот дама со стил, секако ми годи. Да вистина сум реализирана во најважната животна улога како мајка и сопруга, но како подраснаа децата и толку не им е потебна мама, една желба која одамна гори во мене почнав да си ја исполнувам. Сакам да се реализирам  и како пејачка, тоа дополнително ме исполнува и ме прави среќна, а знаете како велат “ако го работиш тоа што го сакаш успехот е неизбежен” .Тоа сум приватно пејачка, мајка сопруга, детали се непотребни и небини.

Поставени ли се вашите следни музички планови, што може да очекуваме во иднина?

-Секако и оваа година би сакала да се појавам на македонските фестивали, Охрид Фест и Макфест  и секако на Скопски фестивал  со нови моќни композиции и интерпретација. Не престанувам да работам на нови композиции кои ги избирам да одговараат на мојот сензибилитет, кои ги работам со мерак и душа прво за себе, а потоа и за публиката која ја сметам за најдобар и најреален критичар. Се надевам да го финализирам моето неколку годишно работење во еден албум со кое само ќе ставам темел на мојата кариера. Покривот е рано  да се крене, има време!

С.И.

#Коментари
[fbcomments]