среда, 23 август 2017  |  Вести денес: 0

ПОЛН КРЕВЕТ, ПРАЗНО СРЦЕ: Силувана љубов пет пари не вреди!

Ниту љубов, ниту работа, ниту ништо со сила…. кога ќе сфатиме?!

Утринава се упатив со велосипедот накај работа и во корпата од истиот со мака од петни жили успеав да ја сместам новата кожена чанта, чија големина и форма добро ми посочија дека не е за таму.

Сепак со напор и сила успеав… И среќна со малиот триумф кога пристигнав на работното место ја извлекувам од корпата кога краевите од чантата комплетно уништени. Каков почеток на денот помислив, како можев сама себе вака да си наштетам и да акумулирам тон негативна енергија залудно?

И додека жално гледав на стрелките од часовникот со неверојатен копнеж да го вратам времето наназад пред да изреагирам вака импулсивно и да си го уништам најновиот моден додаток, уште еднаш добив потврда за најголемата вистина од сите: „СО СИЛА УБАВИНА НЕ БИДУВА“.

Јас со сила си создадов главоболка за банална работа, а како ли им е пак на оние кои веруваат дека со сила ќе натераат некого да ги засака? Сигурно легнуваат во креветот со партнерот изморени од бесцелни обиди и заспиваат празни и истрошени.

Кристално јасно ми излегува пред очи сценариото на една познаничка која реално гледано имаше еднонасочна врска, таа го љубеше, тој беше навикнат на неа. Никаква страст од негова страна, ниту желба да го мине со неа целиот свој живот не беше на видикот, но таа по секоја цена беше одлучена да го земе за маж. И така и бидна! Сите знаеме дека ние жените ако наумиме нешто, ретко кога не го добиваме. Но која беше целта?

Сега е во брак со него во кој ниту има љубов, ниту среќа. Тој и сервира рамнодушност од ден на ден, а таа се појасно гледа дека најголемата грешка во животот и беше тоа што го присили да се ожени за неа. Па ако тој самиот не сака, како некој друг може да го убеди да сака?

Место сега до себе да има маж чија цел ќе му биде да ја направи најсреќната жена на светот, сега се буди покрај маж кој на некој начин смета дека и направил услуга што ја земал за жена, а згора на се целиот живот ќе ја гледа како вечен должник. Силувана љубов дури и со маж од калибарот на Бред Пит не вреди ни пет пари. Кревет полн, срце празно, епа нема полошо!

И така да се вратам јас на мојата чанта… Сега ќе барам кафен лак за малку да ги замаскирам гребаниците ама штетата веќе е направена. Сепак се работи за материјална работа, па ќе ја заменам со нова. Но срцето едно ви е, нема поправен, нема лепење, нема шопинг на ново, па затоа добро размислете дали сакате по секоја цена тој да се буди до вас. Ако не ве гледа со сјај во очите не ги стегајте мускулите и не ковајте завери во мозокот за да покажете дека ќе го надмудрите… Срцето игра едноставни игри, па наместо врска или брак кои во секој миг ги демне потребата од реанимација, потребно му е искрена љубов која него ќе го реанимира кога другите животни проблеми ќе натежнат.

Од сега сила не! Што тргнало да си оди, среќен му пат! Нешто ново и подобро сигурно ѕирка зад аголот.

 

Автор: Симона Симионова

#Коментари