вторник, 17 октомври 2017  |  Вести денес: 39

Уникатниот звук од Гевгелија: Апсаздан – „Ноќ“ (ВИДЕО)

Почетоците на гевгелиски АПСАЗДАН се некаде пролетта 1991 година, кога тројца другари на возраст од 14 и 15 години решаваат да создадат бенд. Едниот е избркан од сите школи во Гевгелија, Валандово и Кавадарци, другиот е пред исклучување, а третиот бегајќи исто така од исклучување во едно скопско училиште, штотуку доаѓа во Гевгелија, на едно полугодие, и набрзина се вклопува во старо-новата средина…

Тоа е време кога гевгелискиот sound го калемат ‘Зијан’, ‘Скитници’, ‘Кондатрк’, ‘Викинзи’, ‘Земјотрес’… Тоа е време на Анте Марковиќ… Тоа е време-невреме кога заминува легендата Илија Џаџев… Тоа е време-невреме на гевгелиски земјотреси… Тоа е време-невреме, на почеток на економски блокади и ембарга, кога Гевгелија постепено почнува да станува ‘слепо црево’ во новата државничко-транзициска реалност…

По неколку бељи со изграфитирани училишта и украдени дневници, момците решаваат поинаку да ја канализираат својата енергија… Па така, АПСАЗДАН се раѓа ad-hoc во една од фолиите со каранфили накај ‘Сува Река’, сопственост на еден од татковците на момците. А овие пак, се чести гости таму до ќумбето, и тоа не за да полеваат каранфили, туку за да експериментираат со тогаш една нова ‘зезалица’, која ги правеше толку гладни (и тоа не само физички), туку и ги тераше на смеење (понекогаш толку хистерично)…

 

Првиот ‘каранфилско-фолијски’ звук на АПСАЗДАН е микс на две раскурцано-раштимани ‘мелодии менгеш’, со не повеќе од 4 заборавени жици на секоја, и зарѓан, своевиден, ‘канта-сирење + ренген снимка’ бубањ…

Иако немаат поим од свирење, посветено работат на свои песни уште од самиот почеток. Во меѓувреме двајцата новопечени гитаристи успеваат некако да обезбедат жици за менгешите и да го убедат Лазар Самарџиев-Самич (уште една гевгелиска легенда 1951 – 1993), да ги поднаучи нешто за свирење гитара… Овој пак, како вистински ‘гуру’, несебично и посветено, на моменти и доста строго, почнува да ги учи своите нови пулени на основните финти на ‘Jumping Jack Flash’, ‘Hey Joe’, ‘Don’t Let Me Down’… Секако, тука не изостанува и оној воспитниот, ‘rock & roll’ момент…

Напоредно, волонтираат и како курири за цигари и пиво на локалните бендови, а сè за привилегијата да се присуствува на нивните проби по гаражи и недоправени куќи… За да на паузите, се допре и до нивните инструменти евентуално…

Годините поминуваат, се набавуваат по некои расходовани ‘амати и ибанези’, се живее rock & roll, упорно се вежба и се создаваат песни… Сериозни и извонредни песни, конфузни песни, интергалактички песни, лигави песни, срање песни, ‘лимонада’ песни… Почнуваат и со првите настапи, кои со тек на време стануваат сè почести, а на кои, до ден-денешен, немаат никогаш отсвирено ниту еден cover, освен своите, АПСАЗДАН песни…

Во меѓувреме низ АПСАЗДАН протрчуваат, а неретко и заседнуваат повеќе локални фаци… Александар Зимбаков, Драган Мајсторов, Боби Ѓошиќ, Илија Ристов, Дијана Чучанова, Ванчо Томов – Г’ца, Трајче Минов…

Бендот престанува активно да работи во 1998 година. Повторно се активира од 2008 до 2010 како АПСАЗДАН & ЧАЛОСАНТЕ МАЛООКИ – во соработка со Марија Стојанова, Вероника Дојранлиева и Драган Гоцевски…
АПСАЗДАН  се: Љупчо Пашовски, Александар Цуклев и Ѓорѓи Калински.

#Коментари
[fbcomments]