петок, 23 јуни 2017  |  Вести денес: 76

Слободан Ивчески – Цобо: На половина трка собиравме донации да купиме гума

Секој негов успех е успех за македонскиот спорт.Тој е мото – шампион кој доминира со храброст и упорност кои го носат кон диво грабнување на целата. По автомобилскиот ас Игор Стефановски- Иџе, скопјанецот Слободан Ивчески- Цобо е уште една наша тркачка гордост, но во брзински мотоциклизам.

Поврзаноста со моторите вели дека ја има уште од рана возраст, а со истиот тој жар таа трае и денес. Желбата за трка на почетокот ја остварува во мотокрос, а подоцна настапува и во сите останати мото – дисциплини. Цобо својот прв настап на меѓународна трка го има во Турција 1995 година, каде освојува 3-то место. Во текот на својата богата кариера Ивчески може да се пофали со  многу значајни резултати на домашно и меѓународно ниво, а сега и на европско во класата Формула 1000 цц каде минатата година се позиционираше на третото место – позиција која се стреми да ја подобри годинава.

Тој е единствен натпреварувач од Македонија кој настапува  како член на клубот „СакаМото“ во сите мото-дисциплини од кои има освоено бројни титули. Сезоната на годинешниот БМУ Европскиот шампионат е во тек, а Цобо, ја стартуваше својата агенда со трки  од кои веќе е на првато мсто на табелата со 31 секунда пред вториот натпреварувач. Остануваат уште девет трки до крајот, а за предизвикот и препреките со кои се справувува за да успее во сите,  зборува во интервју за Вистина.мк

Веќе освои неколку европски пехари за прво и второ место на трките во Грција и Романија изминатиот месец. Какво е чувството да се биде прв и тоа без специјален мотор за таа класа?

  • Секој постигнат успех е дополнителен поттик и желба да го достигнам врвот од секој натпревар и секако да стигнам да ја претставува Македонија на светско првенство. Целиот мој живот го посветив на трките и моторите, а кога тоа ти е во крвта и струи исто толку брзо како и возењето на патека, верувајте дека е сосема доволно како поттик за да продолжувам до посакуваната цел без оглед на се. Задоволен сум од резултатите досега, а посакувам оваа сезона да биде подобра од претходната, па од трето место на европскиот шампионат да преминам позиција погоре. Засега трките минуваат одлично иако ги немам сите потребни услови за тоа.

Оваа сезона патеките ти се комплетно наклонети, мотоциклот не те изневерува, но што е она што во моментот му е најпотребно на Цобе за посакуваниот успех?

  • Потребен е конкурентен мотор и некој скромен буџет да бидам комплетен на трка. Проблемот не е да се најде мотор со специјални перформанси, туку финансиите. Со таква машина веќе може да се натпреварувам и на светско ниво. Засега, мојата Хонда не ме изневерува иако секоја патека бара посебни услови и моторни перформанси. Се надевам дека овие успеси кога- тогаш ќе вродат со плод, ќе се најдат финансии односно спонзори за да се натпреварувам во полна снага.

Деновиве во едно телевизиско интервју ги соопшти одличните резултати од шампионатот – дали некој реагираше за помош?

  • Потребно е време, а и самиот сум свесен за тоа. Имаше неколку реакции, но ништо конкретно. По освоените пехари од тековниот Европски шампионат имав средба и со директорот на Агенцијата за млади и спот, господинот Марјан Спасески. Задоволен сум што јавноста се повеќе слуша за моето име и постигнатите успеси и се надевам дека се што е мое ќе си дојде со многу посветеност, упорност и одлични резултати.

Со оглед на резултатите, успесите се повеќе твоја или заслуга на мотоциклот?

  • Јас се уште не сум ја искористил комплетно неговата сила, а откако го купив не е променет ниту ланецот. Пред трка ги менувам кочниците, а се останато кога е при самиот крај. Успехот е спој на многу нешта, притисокот е огромен кога знаеш дека сите зад тебе се обидуваат да те престигнат, но јас уживам кога го правам тоа. Сепак, кога би имал услови и мотоцикл каков што вози конкуренцијата сигурен сум дека ќе имам и подобри резултати. На една од последните трки имавме само еден сет гуми, ми ги донираше еден пријател од Скопје. Се потрошија гумите за втората трка, ни недостигаше една гума, па собиравме донации. Другарите кои постојано ме помагаат и поддржуваат напишаа на еден лист што ни треба и тоа два часа пред трка, па собираа пари. За среќа имаше доста Македонци кои несебично помогнаа да купиме гума и да продолжиме со следната трка.

Од каде толкав ентузијазам и покрај тешките околности?

  • Го сакам тоа и сакам да го правам, трките се мојот живот. Мојата цел е да возам на светско првенство и никогаш нема да се откажам од тоа. Задоволство е кога на крај и конкурентите доаѓаат во мојот бокс и ми честитаат, поставуваат многу прашања и се воодушевуваат на резултатите. Нема поголема мотивација од тоа!

Сметаш ли дека си зависник од адреналин и какви мисли ти поминуваат низ глава кога се движиш со брзина од 300 км на час?

  • На таа голема брзина пресудни се стотинки. Ризикот е огромен, затоа потребна е максимална концентрација, сила и баланс на воланот. За разлика од трките со автомобили, тука нема никаква заштита, телото е целосно на отворено, така што една ситна грешка може да чини живот. Затоа сметам дека овој спорт треба да се цени повеќе од било кој друг, бидејќи тука нема простување на грешки. Кога се враќам од трка се уште чувствувам болки по целото тело особено на рацете. Моторот тешко се контролира и потребна е голема сила и физичка подготвеност за целосна контрола.

Во Македонија нема специјална патека, а пред натпревар немаш никакви практични подготовки освен тренинзи за баланс. Како успеваш?

  • Точно. Немаме наменска тркачка патека која верувам дека нема да ми биде само мене од помош, туку ќе спаси и многу животи. Насекаде низ светот има вакви патеки каде секој со купена карта може да ужива во адреналинот, а пред се ќе се намалат жртвите и ризиците во сообраќајот низ земјава. Изминатата зима бев посветен на тренинзите, вежбав напорно како на физичката така и на психичката подготвеност кои се многу важни во овој спорт.

Пред тебе се уште многу трки од европскиот шампионат, која е твојата порака до сите кои имаат шанса да ти помогнат?

Јас ќе настојувам да се појавам на сите трки и да го извозам целиот шампионат, а тоа ќе зависи најмногу од финансиската конструкција. Се надевам дека ќе соберам сили да обезбедам нови гуми за трките, а со половни да возам на тренинзите и квалификациите. Засега сакам да им се заблагодарам на сите оние кои ми помогнаа досега, особено пријателите, а се надевам дека бројот на спонзори ќе се зголемува и ќе можеме достојно да ја претставиме Македонија на претстојниот БМУ Европски шампионат во брзински мотоциклизам.

 

 

 

#Коментари
[fbcomments]