петок, 18 август 2017  |  Вести денес: 0

„Меморија“ во возот за враќање во иднината (ВИДЕО)

Последната постава на легендарната македонска реоформена рок група „Меморија“ денес, четврток, 11 мај 2017 година, на сцената на ФДУ во Скопје го промовираше новосоздаденото видео за песната „Возови“ која се наоѓа на нивниот втор албум од пред 25 години.

Во присуство на новинарите од македонските медиуми членовите на актуелната реоформена постава на групата одржаа и  прес конференција на која низ разговори, прашања и коктел дружење со новинарите  евоцираа дел од спомените од времето кога „Меморија“ „жареше и палеше“ на македонската сцена, но и ги открија деталите за сегашното реоформување и поединостите околу големиот повратнички концерт на бендот, закажан за 18 ноември 2017 во „Метрополис арена“.

Инаку видеото за „Возови“ го изработи „Томато“ продукција и во него главната ролја ја има младата актерка Јана Стојановска. Снимен во еден од возовите на релација Скопје-Велес, Томато продукција и во уште еден домашен ентериер, во спотот главната протагонистка преиспитувајќи се себе си и својата сексуалност ги „прелистува“ спомените од своето минато.

Видеото постојано го следи силен еротски набој кој младата актерка го носи во себе потенцирајќи го својот сексапил, но, на еден поинаков начин, така што вулгарноста што ја гледаме во повеќето слични видеа, овде е заменета со еротика со истакнат уметнички  пристап. Особено интересен е крајот на спотот, во кој сценаристот и режисер Бане Поповиќ ( инаку сопственик на Томато и гитарист на Меморија) кокетира со сексуалноста на главниот лик и нејзината ЛГБТ (пре)ориентација во приказната… Скокотливо, храбро и ризично, нема што!

Многу позрели, постабилни и без амбиции за правење профит од реоформувањето, членовите на сегашната „Меморија“ ги открија плановите за евентуално продолжување на приказната со уште неколку концертни настапи низ Македонија и материјал за сосема нов албум кој би следувал подоцна…

Но, за тоа-потоа, како што самите рекоа. Сега се фокусирани само на едно – големиот скопски концерт да биде спектакал за паметење што ќе остави траен музички белег и долго ќе се памети!

#Коментари
[fbcomments]