вторник, 22 август 2017  |  Вести денес: 58

Заврши 52. МТФ „Војдан Чернодрински“

Со доделување на наградите на најдобрите и со мјузиклот „Тајно моја“ на Македонската опера и балет синоќа во Прилеп заврши 52-то издание на Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“.

 

Претставата „Трудна приказна“ на театар Комедија ја понесе наградата за најдобра претстава и уште четири признанија за главна женска улога, за споредна машка и женска улога и за текст.

Според актерката и директор на театарот Јелена Жугиќ, наградите доаѓаат кога театарот одбележува пет години од формирањето.

– Бројките се чудна работа. За петте години постоење, на најпрестижниот фестивал добивме пет награди. Секако, на ансамблот најдрагоцена му е наградата за најдобра претстава, а признанијата за главна женска улога, за споредна машка и женска улога и за најдобар текст се како „шлаг на тортата, рече Жугиќ.

За актерот Јовица Михајловски, кој ја доби награта за најдобра главна машка улога во претставата „Венецијанскиот трговец“ на Драмски театар, признанието е потврда за сработеното.

– Драго ми е што добив признание од колегите, од луѓето што ги познавам и по толку години стигна наградата, иако имало и други добри улоги, рече Михајловски.

Според Љупчо Ѓеорѓиевски, добитник на две награди: за најдобра режија и за сценска драматизација за претствата „Лазаревото писмо“ на Штипскиот театар, инспирација е да се режира и да се адаптира домашен текст.

– Кога се работи на домашен текст се чувствувам како свој на своето и секогаш е инспирација, рече Ѓеорѓиевски.

Ансамблот на Прилепскиот театар ја понесе наградата за најдобра колективна игра во претставата „Љубовни пози на историјата“. Владимир Ѓорѓијоски, актер во прилепскиот театар во името на колегите упати порака дека фестивалот е над сите нас и над одлуките кои се носат.

– Овој фестивал е поголем од сите нас. Во историјата ќе останат сите ваши одлуки, но исто така кај публиката и целата театарска фела ќе останат во меморијата сите ваши хирови и лични интереси. Оваа публика заслужува многу повеќе. Со надеж дека нештата во Македонскиот театар ќе тргнат на подобро, се поклонуваме на нашата публика која останува единствен наш меродавен оценувач, рече актерот Ѓорѓијоски.

Во седумте фестивалски дена на 52. издание на МТФ „Војдан Чернодрински“, публиката виде 20 претстави, промоции на театарска литература и изложби.

извор:курир

#Коментари