среда, 23 август 2017  |  Вести денес: 0

Македонскиот филм ЏГАН на најголемиот филмски фестивал во Кина

Македонскиот игран филм ЏГАН (АМОК) на режисерот Ведран Тозија премиерно е прикажан на 20-тото издание на најголемиот филмски фестивал во Кина, Шангајскиот интернационален филмски фестивал (ШИФФ) што се одржува од 17. до 26 јуни годинава.

Своето прво прикажување на фестивалот, ЏГАН го имаше во кино центар TianShan Cinema-HongQiao Art Center Flagship Store, а режисерот Тозија ќе биде присутен на фестивалот да го претстави во најдобро светло.

Главните улоги во филмот ги толкуваат Мартин Ѓоргоски, Дениз Абдула и Никола Ристаноски, а играат и Сара Климоска, Љупчо Тодоровски, Адем Карага, Горан Стојановски, Игор Стојчевски, Борис Дамовски, Марија Кондовска, Ристо Буразденов, Мартин Живковски и др.

Тозија го изработи сценариото и режијата, дизајнот на шминката и маските се на Горан Игњатовски, костимограф е Жаклина Крстевска, дизајнер на звук е Игор Поповски, музиката ја работеше Александар Пејовски, сценографијата е дело на Кирил Спасески и Наташа Димитриевска, директор на фотографија е Владимир Самоиловски, монтажер Атанас Ѓеоргиев, кастингот го работеше Кирјана Николовска, а продуцент е Огнен Антов.

Македонски продуцент на филмот е ДРИМ ФЕКТОРИ, ко-продуцент Red helicopter films од Албанија, а филмот е финансиски поддржан и од Агенцијата за филм на Република Македонија и SEE Cinema network.

ШИФФ со над 350.000 посетители годишно прерасна во најголем азиски филмски фестивал со професионална платформа за културна размена на домашни и странски филмови. Своето влијание го проширува и преку четирите активности – натпреварувачката селекција, филмскиот маркет, форум и филмскаta панорама.

Извор: Курир.мк

#Коментари