петок, 23 јуни 2017  |  Вести денес: 76

ВМРО-ДПМНЕ: Владата на СДС е антиреформска и на дело ја спроведува деструктивната политика

 Со укинувањето на дисперзираните студии се предизвикува огромна штета врз образовниот процес и се ускратуваат бенифициите кои им биле достапни на студентите во изминатите 10 година, истакна денеска на прес-конференција Лука Кржалоски од ВМРО-ДПМНЕ.

Тој кој рече дека Владата на СДС не е реформска, туку антиреформска и почнала на дело да ја спроведува деструктивната политика што ја промовираа нивните идеолози, како Фрчкоски кој, како што посочи, срамно и навредливо најави дека секое село не заслужува факултет и дека треба да се укинат 35 факултети.

– Отворањето на дисперзираните студии минативе години се покажаа како извонредна можност која секоја година ја искористуваа околу 15 отсто од вкупниот број студенти што го продолжуваа образованието на високо образовна установа, односно тоа се некаде околу 2.000 до 2.500 студенти кои наместо да патуваат секој ден или да се преселат во друг град поради уписот на факултет, одлучуваа да студираат во своето место на живеење или во неговата непосредна околина, рече Кржалоски.

Посочи дека ваквата мерка во изминативе девет години била искористена од над 20.000 граѓани, бројка што сама по себе говори за успехот на овој проект. Оваа мерка, нагласи, им овозможуваше на студентите да заштедат средства по основ на патување, сместување и исхрана, но и да заштедат средства по однос на уписнина.

– Студирањето на дисперзираните студии каде предаваат истите професори и се учи по истите наставни програми, материјали и учебници од кои се учи и на матичните високо образовни установи од каде се изведени, чини само 100 евра годишно. СДС со оваа антиреформа им ја ускратува можноста на тетовчани и младите од поширокиот регион да студираат на ФИНКИ во нивното населено место. СДС ги оневозможува кавадарчани и младите од југот на државата да студираат на Машинскиот факултет во градот, а тоа се случува и со укинувањето на машинскиот факултет во Струга, рече Кржалоски.

Тој потенцира дека СДС ги укинал дисперзираните студии на Техолошко-металуршкиот факултет во Кавадарци и Крива Паланка и им ја одземал можноста на младите од овие градови и поширокиот регион да студираат блиску до своето место на живеење и им ја одземал можноста и на младите од Тетово и Велес да студираат на економски факултет без притоа да треба да треба да доаѓаат во Скопје.

– Антиреформаторите на СДС ги укинаа дисперзираните студии и им ја одземаа можноста на младите од Гевгелија и Прилеп да студираат на факултетот за земјоделски науки и храна. Единствената причина поради која е укината ваквата мерка е тоа што дисперзираните студии се идеја, односно мерка воведена од страна на Владата предводена од ВМРО–ДПМНЕ со цел обезбедување што поголема достапност на високото образование за сите граѓани, рече Кржалоски и  додаде дека граѓаните од СДС очекуваат реални мерки и проекти кои ќе им го подобрат животот, а не укинување и уривање.

#Коментари