среда, 20 септември 2017  |  Вести денес: 74

Само доколку си богат до факултетска диплома – граѓаните гневни поради укинувањето на дисперзираните студии

Само богатите студенти ќе може да студираат, така најверојатно СДСМ го замислува подобриот живот кој го најавуваше за студентите. Најновата одлука да се укинат дисперзираните студии претставува силен удар за оние кои не можат да плаќаат кирија во друг град, со што директно се попречува напредокот во животот и кариерите на одредени млади луѓе.

Дисперзираните студии кои беа од голема помош за сите студенти, минативе 9 години ги искористија повеќе од 20.000 лица. Голем е револтот како кај младите, така и кај постарите. Укинувањето на оваа мерка ќе донесе големи проблеми кај младите кои имаат желба да завршат факултет, за да можат понатаму во животот послесно да напредуваат, но можеби поради немањето средства за престој и патување во друг град, ќе останат без остварување на своите животни амбиции.

Професорот Душан Спасов, кој предава на дисперзираните студии за земјоделство на универзитетот Гоце Делчев, во Струмица, вели дека не постои причина тие да бидат укинати. Според неговите зборови интересот на студентите во кампусот во Струмица секоја година е се поголем.

-Нивниот бенефит е голем, голем е затоа што немаат трошоци за престој, немаат трошоци за патување, нивните трошоци се намалени. Како наставен центар во Струмица, можам слободно да кажам дека ги имаме сите потребни простории, помагала кои се потребни за студирање на студентите. Тука се предавалните, тука се лабараториите, тука е испитното поле за студентите од земјоделскиот факултет. Бројот на студентите и тоа како е задоволувачки, можам да кажам голем, што значи нема основа да се каже дека кампусот во Струмица не ги задоволува некои критериуми за дисперзирани студии, што се постоечки, изјави професор Спасов.

И граѓаните, меѓу кои и студентите и оние постарите сметаат дека ова беше добра мерка која не треба да се укине.

-Подобро е во повеќе градови да има факултети, за сите да имаат можности, некои немаат можност да одат подалеку, смета еден студент.

-Убава можност беше за секој кој сакаше да го продолжи образованието повисоко. Сепак ние од подалечните места се радуваме за такви работи, вели една жена.

-Нешто што е добро, треба и да остане, не е само Скопје, треба и другите градови да живеат. Тоа е моето мислење и мислам дека би требало да остане како што е, смета еден граѓанин.

И на социјалните мрежи се изразува незадоволството од оваа одлука на Владата предводена од Зоран Заев и СДСМ. Таму се пишува дека дисперзираните студии се укинуваат за да се задржи елитизмот во СДСМ. Еден од корисниците на социјалните мрежи пишува дека Дескоска и СДС ви порачуваат дека доколку немате пари нема да завршите факултет.

Сите се прашуваат дали ова е животот кој го ветуваше Заев, кој иако не доби поддршка од граѓаните на изборите, сепак формираше Влада.

Граѓаните бараат реакција и од Студентскиот пленум, бараат коментар за одлуката која доста млади можеби ќе ги остави без можност за остварување на своите амбиции да завршат факултет.

 

И од ВМРО-ДПМНЕ сметаат дека оваа мерка им овозможуваше на студентите да заштедат средства по основ на патување, сместување и исхрана, но и да заштедат средства по однос на уписнина. Студирањето на дисперзираните студии каде предаваат истите професори и се учи по истите наставни програми, материјали и учебници од кои се учи и на матичните високо образовни установи од каде се изведени, чини само 100 евра годишно. Од таму сметаат дека единствена причина поради која се укинуваат овие студии е што биле воведени од Владата на ВМРО-ДПМНЕ.

-СДС со оваа антиреформа им ја ускратува можноста на тетовчани и младите од поширокиот регион да студираат на ФИНКИ во нивното населено место. СДС ги оневозможува кавадарчани и младите од југот на државата да студираат на машинскиот факултет во градот, а истото се случува и со укинувањето на машинскиот факултет во Струга. Антиреформаторите од СДС ги укинаа дисперзираните студии на техолошко-металуршкиот факултет во Кавадарци и Крива Паланка и им ја одзедоа можноста на младите од овие градови и поширокиот регион да студираат блиску до своето место на живеење. Антиреформаторите од СДС им ја одземаа можноста и на младите од Тетово и Велес да студираат на економски факултет без притоа да треба да треба да доаѓаат во Скопје. Антиреформаторите на СДС ги укинаа дисперзираните студии и им ја одземаа можноста на младите од Гевгелија и Прилеп да студираат на факултетот за  земјоделски науки и храна. Единствената причина поради која е укината ваквата мерка е тоа што дисперзираните студии се идеја, односно мерка воведена од страна на Владата предводена од ВМРО–ДПМНЕ со цел обезбедување што поголема достапност на високото образование за сите граѓани, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

#Коментари