понеделник, 21 август 2017  |  Вести денес: 66

„Битолскиот камерен оркестар“ и Влатко Стефановски заедно во Охрид и Битола

„Битолскиот камерен оркестар“ кој во изминативе неколку години ја воодушевува публиката со своите „Рок симфонии“, а приреди вистински спектакл со филмската „Џејмс Бонд симфонија“, и летово е на турнеја низ регионот. Првата станица беше сараевскиот фестивал „Башчаршиски ноќи“  каде што музичарите добија само позитивни критики од домашните медиуми, а на ред се и српските фестивали „Нишвил“ и „Рок вилиџ“, каде што ќе настапат на 10 и 11 август.

Секако дека најслаткото се остава за крај, па така турнејата ќе кулминира со концерти на домашен терен, каде што специјален гостин ќе им биде легендарниот Влатко Стефановски. Првиот од нив е во рамките на фестивалот „Охридско лето“, а ќе се одржи на 16 август на сцената во Долни Сарај, додека следниот ден, 17 август, со нивната „Рок симфонија“ ќе уживаат нивните сограѓани во Битола.

19430028_989339074501761_7341388753933757187_n

Приказната за возобновување на Камерниот оркестар на Битола започна пред точно четири години, на иницијатива на Владимир Димовски, Никола Трајановски и Борче Димитровски, кој до неодамна беше директор на Центарот за култура – Битола. Зад себе имаат 25 концерти во Скопје, Кавадарци, Штип, Гевгелија, Прилеп, Битола, Сараево… а ние се надеваме дека овој број ќе продолжи да расте и дека публиката ќе ужива со уште многу други „Рок симфонии“.

#Коментари