понеделник, 25 септември 2017  |  Вести денес: 0

Корупцијата во Владата цвета, Заеви по цена на гарсониера купија фабрика, вицепремиерот Анѓушев од државата доби криминален тендер од 2.6 милиони евра

Само 10 дена откако е назначен новиот генерален директор на ЕЛЕМ, Драган Миновски, на својот претпоставен во Владата, вицепремиерот Кочо Анѓушев, му доделил тендер на фирмата „Фероинвест“, која ја основа токму Анѓушев и од која само козметички се повлече од местото управител. Вредноста на доделениот тендер изнесува 165 милиони денари со ДДВ или 2.6 милиони евра.

На овој начин мултимилионерот Анѓушев за само еден ден заработи 2.6 милиони евра, а предноста пред сите останати ја доби благодарение на тоа  што е вицепремиер во владата на Заев. Поради функцијата која ја обавува, тој може да влијае врз работата на државните институции.

Единственото образложение кое го дадоа Анѓушев и Заев е дека вицепремиерот веќе не е управител на фирмата. Револтот кај јавноста се јави оправдано, а се зголеми по овие смешни оправдувања од премиерот и неговиот заменик.

Заев: Анѓушев ќе добива тендери, моето семејство ќе продава ајвар

Заев вели дека нема судир на интереси во тоа што фирмата Фероинвест, во која што вицепремиерот Кочо Анѓушев е еден од сопствениците, учествува на тендер на ЕЛЕМ вреден 2,6 милиони евра.

-Драго ми е што медиумите ја водат оваа постапка и јавноста треба да знае за тоа. Но, дали тоа значи дека семејството Заеви што произведува ајвар, од нив не треба да набавува ниту една државна институција која има исхрана во заеднички мензи!? Фирмите во Македонија мора да работат, но важно е да се разграничи и да нема влијание при одлучувањето или во управување со фирмата, истовремено истото лице кое е во Владата. Како ќе привлечеме квалитетни луѓе од бизнис заедницата да помогнат во работата, ако од нив бараме да ги затворат фирмите и да ги отпуштат вработените“, изјави Заев за време на посетата на затворот „Идризово“.

Од „Фероинвест“ истакнуваат дека не само овој, туку се во план да добијат и други тендери. Велат дека и во иднина ќе учествуваат на сите јавни огласи каде има деловен интерес и каде може да понуди  свои производи.

Законот кој Заев и Анѓушев сакаат да го заобиколат

Додека двајцата бизнисмени и политичари со неосновани оправдувања сакаат да ја замајуваат јавноста, законот за спречување на корупцијата е дециден.

Дефиниција на корупцијата

Член 1-а

(2) Под корупција, во смисла на овој закон, се подразбира искористување на функцијата, јавното овластување, службената должност и положба за остварување на каква и да било корист за себе или за друг.”

 

Начело на еднаквост

Член 4

(3) Секој има право да спречи или да пријави постапка што претставува користење на функцијата, јавните овластувања, службената должност и положба, со која се остварува лична корист или му се нанесува штета на друг, без да трпи какви и да било последици.”

 

Значење на изразите употребени во овој закон

Член 7

(1) За определување на значењето на изразите избран или именуван функционер, како и друго службено лице, правно лице, одговорно лице во правно лице и лице кое врши работи од јавен интерес, се применуваат одредбите за значење на изразите од Кривичниот законик.

(2) Под поимот корист се подразбира остварување на секој вид корист, погодност или предност за себе или за друг.”

 

Ограничувања во соработката со правни лица

Член 22

Избран или именуван функционер, како и друго службено лице или одговорно лице во јавно претпријатие, јавна установа или друго правно лице што располага со државен капитал не може, во вршењето на својата функција, односно служба, да воспостави деловни односи со правно лице што го основал тој или член на неговото семејство, или во кое одговорното лице е член на неговото семејство, а доколку деловните односи се воспоставени од порано, е должно да се изземе од какво и да било одлучување и за тоа да ја извести Државната комисија.”

ГРОМ му порачува на Анѓушев: Или Влада или бизнис!

Потпретседателот на Граѓанската опција за Македонија, Љупчо Пренџов, го обвини вицепремиерот Кочо Анѓушев дека влегол во Владата за да ги штити своите интереси.

„Луѓето на кои им беше полна устата со борба против криминал и корупција воспоставија марионетска Влада, која очигледно не дојде да му служи на народот, туку да ги штити сопствените и интересите на чадорот. Случајот на компанијата ‘Фероинвест’, сопственост на потпретседателот на Владата, Кочо Анѓушев, која доби тендер вреден 2,6 милиона евра во АД ЕЛЕМ, е скандал без преседан во овие 25 години слободна и демократска Македонија”, посочи Пренџов

Според него, потпретседателот Анѓушев се повлекол од управувањето во „Фероинвест” не затоа што сакал туку бил принуден бидејќи тоа законот го налага.

„Тој не управува со фирмата, но останува основач-сопственик и законот ова го прифаќа, но под услов фирмата да нема зделки со владините институции каде што се трошат народни пари. Тендерите од АД ЕЛЕМ му носат профит на сопственикот на „Фероинвест”, потпретседателот на Владата, Кочо Анѓушев, и профитот по завршната сметка се слева на неговото лично конто. Иронијата да биде поголема, потпретседателот на Владата, Анѓушев, е задолжен за еконономски прашања”, алармира Пренџов.

Од ГРОМ прашуваат дали СДСМ на овој начин замислува да ја одвои партијата од државата и дали смета дека ова е најдобриот модел за функционирање на пазарната економија. Според ГРОМ, Анѓушев мора да одлучи дали ќе ја извршува актуелната функција вицепремиер за економски прашања, но притоа да се откаже од каква било директна или индиректна деловна врска со Владата или ќе си даде оставка од државната функција, па потоа да се занимава со бизнис во енергетскиот сектор.

„Господинот Анѓушев не може да седи во министерска фотелја и со оваа Влада да прави бизнис. Сакаме да ја информираме јавноста дека до потпретседателот на Владата за економски прашања пристигнуваат разузнавачки информации кои се однесуваат на енергетскиот сектор, а кои се доверливи, строго доверливи или претставуваат државна тајна. Владата го подготвува и носи енергетскиот биланс кој е битен при донесување одлуки за неговата компанија. Исто така, Владата носи одлуки и разгледува информации кои се однесуваат на промена на девизниот курс, кои и тоа како влијаат на неговиот бизнис”, истакна Пренџов.

Тој објасни дека за светските лидери, какви што се Русија и Соединетите Американски Држави, енергетскиот бизнис е главна стратегиска, економска и воено-безбедносна битка што ја водат меѓусебно и од неа зависи кој ќе ја снабдува Европа со гас, нафта, електрична енергија и други енергенти.

„Значи, да заклучиме, господине Анѓушев, не можете да држите две лубеници под една мишка. Имате сериозен конфликт на интереси и ве повикуваме да не бидете арогантен, да не одговарате дрско на прашањата од јавноста и да донесете одлука во согласност со етиката за чесен претставник на Владата”, додаде потпретседателот на ГРОМ, Љупчо Пренџов.

Заеви по цена за гарсониера си купиле фабрика

Додека на било кој граѓанин во Република Македонија 20.000 евра му се доволни да купи само гарсониера од 25 квадрати, кланот Заеви со тие пари си купи фирма која поседува 7.396 м2 индустриски погони и деловни простори користејќи ја својата положба во власта. Очигледно темните облаци од времето на транзицијата повторно се спуштија над Македонија и над нејзиното стопанство. Кланот Заеви повторно со злоупотреба на власта си присвои огромен имот за багателни пари, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

-Трајче Заев, братучед на аболицираниот криминалец Зоран Заев, користејќи ја својата положба блиска до власта, за само 20,000 евра купи 22% од поранешниот гигант во конфекциската индустрија Герас Цунев. Додека македонската економија е во слободен пад, се откажуваат странски инвестиции, се најавува доселување на мигранти, кланот Заеви вешто сака да го искористи хаосот што го создадоа и енормно си го зголемува имотот, истакна Светлана Јакимовска од ВМРО-ДПМНЕ и додаде:

„Основното Јавно Обвинителство мора да се позанимава со ваквите матни зделки и да провери како за само 20.000 евра може да се стекне со толку голем имот чија реална вредност е многукратно поголема. Заев е веќе амнестиран за сторен криминал. Никој повеќе не смее да го амнестира криминалот кој го прави кланот Заеви. За ова одговорност мора да има. Кога ќе се промени власт ќе бидат преиспитани сите сомнителни работи што оваа влада ги направи. Граѓаните на Македонија гледаат кој има придобивките од првите 100 дена од работењето на новата влада. Заради ваκвиот начин на работење, гρаѓаните ќе го κазнат Зоρан Заев на 15-ти оκтомври на лоκалните избори“.

Корупцијата во Владата цвета!

Вицепремиерот Анѓушев од државата добива криминален тендер во вредност од 2,6 милиони евра. Во обидот да го премолчи кршењето на законот добива поддршка од премиерот Заев.

Заев, пак, продолжува да собира добробити само за членови на своето семејство. Она што го правеше како градоначалник на Струмица, кога доделуваше тендери само на свои роднини и пријатели, од локално го преврла на централно ниво. Очигледно е дека милионските тендери ќе завршуваат во џебовите на неговите соработници и членови на семејството. Корупцијата во Владата цвета, а највисоките функционери продолжуваат да ја мамат јавноста. Предизборните ветувања секој ден “паѓаат во вода“. Така, ветувањето дека пари ќе се враќале во џебовите на граѓаните, се реализира како ново ветување парите да завршуваат во џебовите на најблиските на Зоран Заев.

Извор: Курир.мк

#Коментари