Лице в Лице

Некст Тајм: „Слушам кај шумат шумите“ е „колач“ за Македонците, останатите се без шанса да земат од него!

Некст Тајм: „Слушам кај шумат шумите“ е „колач“ за Македонците, останатите се без шанса да земат од него!

На 10-ти октомври во Драмскиот театар во Скопје се случи промоцијата на преработката на „Слушам кај шумат шумите“ на браќата Мартин и Стефан од дуото „Некст Тајм“. Иако помина повеќе време откако го сменија својот правец на музицирање со претставувањето на „Ја излези Ѓурѓо“, браќата трпеливо и внимателно го избраа, па го работеа следниот прокет кој публиката го оцени како маестрален  – „Слушам кај шумат шумите“. Токму за нивното издигнување во кариерата, изборот на продуцираното, потешкотиите за реализација на замисленото, естрадата, приватните планови и новогодишни желби, Мартин и Стефан открија во интервју за Вистина.мк каде обелоденија како им се исполнија музичките цели за кои велат дека не верувале дека ќе го достигнат тоа ниво.

Од издавањето на „Ја излези Ѓурѓо“ до „Слушам кај шумат шумите“ помина подолг период. Дали стравувавте за вашата актуелност во периодот кога не промовиравте нешто ново?

  • „Ја излези Ѓурѓо“ беше првата песна која не остави да се чувствуваме спокојни во мислите за тоа дали ќе бидеме присутни на естрадата или не, тоа значи дека песната се слушаше и беше актуелна. И после две години од издавањето на следното музичко дело, а тоа е „Слушам кај шумат шумите“, едноставно секојдневно луѓето ни даваа пофалби , едноставно тоа се зборови од кои што ти се ежи кожата и се крева мотивацијата за што поуспешно да се презентираме со секое наредно музичко дело. Едноставно само поради квалитетот на „Ја излези Ѓурѓо“ не се почувствувавме дека мора да форсираме работи и да се појавуваме исфорсирано на музичката естрада.

Што се случуваше во тој период. Во една прилика кажавте дека финансиите се проблем, бидејќи она што го планирате не е „мал залак“. Како успеавте да ги решите препреките?

  • Во тој период после една година од Ѓурѓа, ја снимивме „Слушам кај шумат шумите“, влеговме во студио и ја снимивме некаде февруари месец 2016 година, за после тоа да почнеме да калкулираме и креираме планови за тоа како треба да изгледа спотот. Мартин, Огнен Шапковски и Кристијан Теодоров се пуштија во потрага на локации низ цела Македонија и тоа траеше скоро цела година. Откако ги најдовме локациите и решивме да чекаме погоден период кога да снимаме и кога да ја презентираме на јавноста и конечно снимивме летниот период јули и август 2017 година и промовиравме во октомври. Но, изгледа совршено, а за тоа требаат и финансии покрај идејата. Покрај голем број обраќања кај големите компании, се појави жената по име Кате која го има брендот „Diethood“ и пристапи со верба во нас дека сака да помогне, и тоа се случи.

И во двете преработки и спотови вложивте многу. Почнавте ли да добивате фитбек за тој голем чекор?

  • Најголем фитбек имаме од публиката, со позитивни критики за песните и спотовите што ги создаваме, веруваме дека финансискиот дел ќе си дојде сам со квалитетот на презентираното, искрено важно е да се имаат финансии во нашава работа за да вложиш во следен спот и песна, албум. Но, не се грижиме за тоа премногу, едноставно немаме некој финансиски повраток во целата кариера. Ќе бидеме среќни ако барем оставиме белег како музичари под ова македонско небо.

Прегледите на Јутјуб и реакциите на публиката секако се голема сатисфакција. Очекувавте ли таква реакција од пошироката јавност?

  • Пред да ги издадеме овие две песни, она што го работевме претходно беше далеку помалку и забележано. Гледано и на социјалните мрежи, а се што сме работеле претходно си го почитуваме и го сакаме како и овие две стари песни. Но, свесни сме дека ваков тип на музика се за широка маса на публика, едноставно не веруваме дека и двегодишни деца ќе ги слушаат и пеат. Тоа ни беше и целата, да и ние бевме деца пред многу години, и ние ги пеевме овие песни како мали. Видовме дека може да се повтори тоа да деца ги пеат исто како и ние кога бевме на нивна возраст.

Успехот кој го постигнавте и  вреднувањето на вашиот труд ве донесе на повисоко ниво. Тие скалила ги качувавте во текот на кариерата, но изминативе три години сте се повисоко. Тешко ли е да се изберат следни проекти за работа кога го надминуваш претходното ниво?

  • Ништо не е тешко ако тоа го правиш од љубов, ако веруваш во себе и со својот тим. Едноставно мора да се размислува поразлично од се останато, да не се плашиш и да работиш напорно за да успееш во својата цел. Веруваме дека и следната песна што ќе ја објавиме пред албум ќе биде нешто поинакво, како за нас така и за македонските слушатели.

Бугарските медиуми реагираа дека сте преработиле бугарска песна за „Слушам кај шумат шумите“. Дали се обрати некој директно до вас откако се појавија вакви написи?

  • Нормално е да сакаат да земат од колачот кога е премногу сладок, така и во овој случај. Не се занимаваме со политика и слично, но ни се допаѓа што им се допаѓа македонскиот мелос и песна, но овој колач е за Македонците, а на останатите може само да им се допаѓа, без шанса да земат од него.

Македонската музичка сцена е онаму каде што е, зошто Мартин и Стефан имаат се помалку настапи во живо. Што се промени?

  • Македонската мзуика е таму каде што е, затоа што нема професионализам, се жалиме за соседите дека кај нас просперираат повеќе, но искрено ќе просперираат се додека не смениме ниво на професионализам, размислување и дејствување преку музиката. Да, настапите се поретки, но ние сме присутни, имаме приватни настапи понекогаш. Моментално се подготвуваме за настап во Скопје со нашиот бенд, за што благовремено ќе биде известена публиката.

Во 2017 година се случија доста бракови на естрадата, вашите колеги добија и принови, започнаа семеен живот. Размислуваат ли Мартин и Стефан за тоа?

  • Ха ха ха. Не, се уште не, за некоја година може, но сега е рано како за нас, така и за нашите понежни половини.

Што ќе си посакате во Новата 2018 година?

  • Здравје, кративност, амбиција, мотивација и да бидеме меѓу публиката што повеќе и секако нов албум!

И за крај – новогодишна честитка до вашите обожаватели и секако читателите на Вистина.мк…

  • Среќна Нова година на сите, да сте здрави и живи, да се сакате, да не мразите, секогаш позитивната мисла да биде пред негативната. Да бидете мотивирани за високи дострели во животот за остварување на сонот и секогаш да имате луѓе покрај вас кои што ќе ја оживуваат мислата за вистинската смисла на животот.
  • Ве сакаат Мартин и Стефан од „Некст Тајм“

 

Како дојдоа до идејата да ја снимат „Слушам кај шумат шумите“, како се одвиваше снимањето и целиот процес на подготовка воопшто, токму тоа браќата го откриваат во  документарниот филм, кој нуди поглед зад сцената на овој историски проект. Освен Мартин и Стефан, во документарецот зборуваат и композиторот Николче Мицевски, кој го направи новиот аранжман, како и режисерот Огнен Шапковски, кој се погрижи за филмската екранизација, а што имаат да кажат за своите искуства дознајте во продолжение: