Мегафон

МАРС заокружи една деценија и почести со најдоброто од македонската музика! (Фотогалерија)

МАРС заокружи една деценија и почести со најдоброто од македонската музика! (Фотогалерија)

„Зарем изминаа 10 години…?“ – беше мислата која им помина низ глава и гласно ја изговорија учесниците на годинешното јубилејно издание на фестивалскиот бренд  на домашната забавна музичка сцена – МАРС.

Да, помина една деценија откако КЦ Александар Македонски и проект менаџерот Антонио Димитриевски останаа истрајни во идејата за поддршка на македонската музика која 10 години има свој празник каде заслужено го добива своето внимание, особено во време-невреме за нашата музика и изведувачи.

Вчеравечер (14.10.2017) во Македонската опера и балет повторно се случи уште една музичка парада од најдоброто на забавната естрада за годината која полека изминува. МАРС ја заокружи својата добро смислена и организирана шема, чиј квалитетет и оригиналност се докажа во  сиве овие години… Па така, на сцената се појавија оние кои како и МАРС останаа перманентни во својата работа, пејачи кои вредно и посветено работеа да го задоволат увото на слушателот. Дел од нив на манифестацијата се чувствуваа свои – како дома, бидејќи речиси секоја година добиваат потврда како од публиката така и од радијата дека успеале да направат хит кој публиката го пее во секој стих, сака да го слуша и секако да го пофали, а со тоа дополнително да ги мотивира да продолжат да ја богатат домашната забавна музика која секогаш знае да звучи одлично.

10-то роденденско јубилејно издание на Македонскиот радиски фестивал како што е редот годинава понуди доста поинаква роденденска замисла на програмата од сценариото, кое на едно место не ги собра само музичарите, туку и водителите што во изминатите изданија беа дел од манифестацијата , а со љубов и особена чест се појавија на сцената на МОБ за да ги врачат статуетките и да ги прогласат победниците по карегории кои заслужија да бидат наградени за хитовите кои ги имаа изминативе месеци, а за тоа одлучија повеќе од 30-тина радио станици ширум земјава и секако публиката.

Домаќинка на ова јубилејно издание која водеше од сцената, беше познатата водителка Марија Петровска, која специјално за МАРС пристигна од Словенија во Скопје за да го „управува бродот“ и да испише уште нови спомени кои како и минатите години ја врзуваат за оваа манифестација.

Вечерта се отвори со звуците од музиката на Тоше Проески на која играа момците и девојките од балетското студио „Ребис“, како и Дј Мастер Хит, кои придонесоа публиката да пропатува низ музичката историја и песните кои МАРС ги награди низ годините.

Празник за очи, празник за уши, а полно срце и душа за учесниците кои се закитија со титулите за најслушани нумери од селектираните 12 категории кои редоследно изгледаа вака:

 

1.АЊА ВЕТЕРОВА – „Рам Бам Бам“ – (Ѕвезда што се раѓа)

2.ДИМИТАР И ТАЈФАТА – „Остани“ – (Радиски Хит со Етно Мотиви)

3.САРА МЕЈС –„Небо“ – (Радиски Диско хит)

4.ВИКТОРИЈА ЛОБА – „Дојди“ – (Радиски Поп хит)

5.ДНК – „Невозможна мисија“ – (Ар Ен Би хит)

6.КРИСТИНА АРНАУДОВА – „Љубена“ – ( Најдобта Радиска балада)

7.ТЕА И ПАНЧО – „Рушевини“ – (Партнерство за Хит)

8. АЈ КЈУ – „Мојот крал“ – (Радиски Хит изведен од група)

 9.НАТАША МАЛИНКОВА – „Хеј мама“ – (Радиски Хит изведен од женски вокал)

 10.ЛОЗАНО – „Ова лето ќе се памти“ – (Радиски хит изведен од машки вокал + Апсолутен радиски хит+ Најдобар текст на песна)

 11.НЕКСТ ТАЈМ – „Слушам кај шумат шумите“ – (Најдобра преработка)

 12.МЕМОРИЈА – (Награда за трајни вредности)                                              

 

Имено, на сцената од познатите ТВ и радио лица се појавијa новинарите и водители кои изминативе години се запишани во историјата на фестивалот, а за јубилејот организаторот ги собра сите заедно на истата сцена да ја заокружат приказната за која велат дека имаат само убави спомени и се горди што некогаш биле дел од неа.

Па така, меѓу оние кои ја имаа честа да ги поделат статуетките и да евоцираат спомени од некогаш беа: Марина Костовска, Снеже Велков, Миа Костова, Марко Марк, Ване Маркоски, Димитар Атанасовски, Миланка Рашиќ, Елена Стојановска, Александра Јовановска и Живкица Каленикова. Минатогодишната водителка од сцената, Слободанка Марковачева,  која и изминатите три години беше дел од приказната на МАРС, годинава само го позајми својот глас за најавната шпица на фестивалот, но изостана нејзиното учество во живо на сцената поради оправдани причини.

Годинава 10-то јубилејно издние се разликуваше и по тоа што изостанаа гостите од регионот, кои секоја година добиваа статуетка за регионална популарност, бидејќи фокусот целосно им беше насочен само на домашните изведувачи.

Крајот секако беше резервиран за значајната категорија за трајни вредности која заслужено им припадна на членовите од групата „Меморија“, кои изјавија дека оваа нагрда им е  поттик дека ќе траат повеќе, а не заобиколија да го акцентираат и куриозитетот на вечерта со тоа што на сцената го повикаа проект менаџерот и наедно првиот тапанар на „Меморија“, Антонио Димитриевски кој со силна емоција во гласот кажа дека вредностите траат и ќе треаат, токму како „Меморија“, како МАРС, а исто така го најавија и концертот кој ќе се случи на 18-ти месецов во Метрополис арена.

Инаку, за разлика од минатата година, ова издание на фестивалот покрај присутните во салата на МОБ, можност да го проследат ова големо домашно музичко случување имаа и гледачите на првиот канал на Македонската телевијата која емитуваше пренос во живо.

Се на се, МАРС уште еднаш покажа и докажа дека може да се истрае во секакво време, па дури и кога е најтешко, бидејќи македонакта музика ако не ја вреднуваме и цениме од дома, тоа се потешко може да се случи надвор.