Мегафон

МЕМОРИЈА со последно обраќање до јавноста пред големиот концерт

МЕМОРИЈА со последно обраќање до јавноста пред големиот концерт

По повеќе од две децении од последниот концерт, членовите на бендот Меморија, на вчерашната  прес конференција што се одржа точно напладне во градската кафеана „Пелистер“ ги соопштија сите детали и поединости за најавениот концерт, кој ќе биде проследен со специјални светлосни и визуелни ефекти, аќе  ќе се одржи во скопската Метрополис Арена, на 18.-ти ноември со почеток во 20:00 часот.

„Концертот е повеќе од две третини распродаден. Од вчера официјално ги имаме и генералните спонзори – Скопска пивара. Последните подготовки ги правиме на сцената на некогашната Универзална сала и верувајте меморија никогаш не звучела подобро и помоќно“ -меѓудругото рече Петар Георгиевски – Камиказа.

На пресот групата го промовираше и новото ЦД – The Greatest Hits, во кое се содржани веројатно најголемите хитови на Меморија.

„Сакам да ве информирам дека по концертот, Меморија некаде во февруари 2018 ќе промовира и нова песна која се вика ’За тебе’, а оваа прилика ја користиам да ви најавам дека работиме и на материјал за комплетно нов албум кој ќе биде промовиран следната година на истиот датум како и годинешниов повратнички концерт, 18ти ноември. Во меѓувреме во нацрт плановите ни се и таканаречени камерни настапи по театри со специјални холограми и 3Д  визуелни ефекти, посебно изработено видео, анимација и графика… Но за тоа кога ќе дојде време“ – додаде лидерот Георгиевски на пресот пред присутните новинари на кои, како и на сите останати медиуми им се заблагодари на сеопфатната поддршка сите овие месеци.