Мегафон

Радиските хитови на годината ќе се прогласуваат на 10-иот МАРС на 14 ноември во МОБ

Радиските хитови на годината ќе се прогласуваат на 10-иот МАРС на 14 ноември во МОБ
Најпопуларните радиски хитови на годината, селектирани и испратени до организаторите од над 30 радиостаници во Македонија ќе бидат избрани на 10. Македонски радиски фестивал МАРС 2017 кој ќе се одржи на 14 ноември во Македонската опера и балет.

Листите со повеќе од 100 изведувачи и околу 500 песни биле испратени од македонските радиостаници, а најслушаните се ставени на финалната листа според оценката на жирито, составено од претставници на национални и локални радија од различни региони од Македонија.

 Изведувачот кој ќе биде прогласен за апсолутен радиски хит за 2017 година ќе добие награда од 60.000 денари, а за авторот на една од финалните песни чиј текст ќе биде прогласен како најдобар од новинари од разни медиуми во Македонија ќе добие награда од 10.000 денари.

Претставникот на организаторот, КЦ Александар Македонски, проект менаџерот на МАРС 2017, Антонио Димитриевски на денешната прес-конференција во кафе-барот „Гнездо“, рече дека за една деценија МАРС прераснал од фестивал во единствена  манифестација која ги валоризира и наградува и авторите и изведувачите на домашната поп-рок естрада.

– По многу нешта останавме, не само единствени во земјава, туку и единствени во регионот. Кога почнувавме ги имаше Хрватски радиски фестивал, Србија и Босна и Херцеговина имаа свои радиски фестивали. Нив повеќе ги нема а, ете, ние опстанавме 10 години, рече Димитриевски.

На МАРС 2017 во МОБ покрај останаите финалисти ќе настапи и бендот „Меморија“ кој ја добива наградата Трајни вредности, а  неколку дена потоа, на 18 ноември, ќе одржи и голем солистички концерт во скопската Метрополис арена.