Мегафон

Вечерва во МОБ: МАРС 2017 – најголемата музичка парада на македонската поп естрада

Вечерва во МОБ: МАРС 2017 – најголемата музичка парада на македонската поп естрада

Вечерва, вторник, 14 ноември во МОБ во Скопје ќе се одржи јубилејното, 10-то издание на МАРС – Македонскиот радиски фестивал 2017, манифестација која цела една деценија ги вреднува и наградува најпопуларните македонски поп хитови во тековната година преку таканаречената радиоселекција, која ја вршат над 30 национални, регионални и локални радиостаници во Македонија.

Наградите и годинава се поделени во различни категории, па така публикта ќе има можност да ги слушне радискиот поп хит на годината, ар ен би хит, радиски поп хит со етно мотиви, најслушана балада, радискиот хит испеан од женски вокал,  од машки вокал, радискиот хит изведен од група, најдобра преработка… , а на сцената на МОБ ќе ги видиме: ДНК, Влатко Лозаноски, Викторија Лоба, Кристина Арнаудова, Некст Тајм, Ај Кју, Сара Мејс, Наташа Малинкова, Димитар Андоновски и „Тајфата“, Теа и Панчо, Ања Ветерова и специјалните гости, групата „Меморија“!

Организатор на јубилејното 10- то издание на МАРС 2017 како и сиве овие години наназад е КЦ „Александар Македонски“ , а манифестацијата финансиски е поддржана од град Скопје.

Така, покрај македонските поп изведувачи и нивните наградени годинешни хитови и специјалните гости, легендарната поп-рок група „Меморија“, девојките и момчињата на балетското студио „Ребис“ со нивните специјално подготвени танчерски точки и кореографии на македонски хитови и евергрини со својата „Улица на приказни“  ќе ја збогатат програмата, во која свои мини ДЈ сетови со куси миксови и скречови на познати македонски хитови на сцената ќе има и „ ДЈ Мастер Хип“, а на видеоѕидот ќе одат исечоци од досегашните 9 изданија на МАРС.

Главен водител-домаќин  ќе биде Марија Петровска  ( екс – „Бекстејџ“) која специјално за оваа прилика допатува од Словенија каде последниве години живее и работи, додека  доделувачи на наградите исто така ќе бидат останатите досегашни водители на фестивалот низ сите овие години, кои покрај чинот на доделување на статуетките на победниците на сцената на МОБ ќе имаат и свои водителски обраќања и најави.

Македонскиот радиски фестивал МАРС 2017 вечерва, вторник 14 ноември започнува во 20.30 часот, а МТВ1 ќе врши директен пренос на својот прв програмски сервис!