Ништо лично

Нарцис нација: Чудовиштата од нашиот град!

Нарцис нација: Чудовиштата од нашиот град!
Business Selfie

Како минува времето, социјалните мрежи стануваат место каде се помалку може да се прочита некоја паметна мисла, коментар, изјава…, а се почесто да се види некоја  разголена, позната естрадна ведета или анонимна нова „старлета“.

А она што го пишуваат  „драгите фејсбук пријатели“едни на други е најчесто чисто лицемерие.

„Срцкаааааа“…., „Златцееееее“…., „Сонцеееее“, „Лепотоооо… се најчестите епитети што можете да ги прочитате, кои едни на други во вид на комплимети си ги разменуваат под постираните фотографии.

А таа од срце нема ни „С“, златце видела само у излогот на „Рубин Кармин“ или евентуално ако носи некое бакшиш дадено „џиџе-миџе“ на себе, со сонце заедничко и е само сончањето, а она лепото… Да, лепа е… Ама, само ако така се вика: Лепа!

Од дуга страна постирањето тазе  фотографии стана секојдневен „стил живота“. Море секој час, ако не и минут го овековечуваат, па го ставаат на социјалните мрежи  со задолжителен пост под фотографијата од типот: „Еве, ние така, малце…“ или: „Онака, опуштено“; „Си уживкаме“ или „Реласкирано“… Чиниш, како да се на Бахами!

А ко ќе видиш дека се опуштаат и си уживкаат по влечки, со кренати нозе на дрвена табуретка на тераса, со сок на растворање и рефус турско кафе… се’ ќе ти биде јасно.

А кога на 30 годишните паразити  ќе им се случи и да им дадат од дома по 70 денари за кафе, ќе седат по цел ден у малскиот кафич, ќе го сркаат тоа кафето, ќе праат селфи и ќе му се смеат на келнерот… затоа што е келнер!

До душа, не дека нема и такви од нашите што не се сликаат на Бахами, Малдиви, Бали, Флорида, Дубаи, Рим, Париз, Белград, Истанбул, Солун, Халкидики… Ги има! Татковците и мајките „си штедат од плата“, па ги пратиле на кафе и шопинг…

А овие, одма да се пофалат, да не некој случано не разбрал кај се… Па имаш фотосесија од: Еве што јадеме, што пиеме, еве кај спиеме…

…еве со што се возиме, еве кај шетаме, еве кај шопингуваме…

… па се до  тоа: еве видете, кај мо*аме и ка*аме! 

И конечно имаш фото фасцинација од самиот себе, или што би рекле фото фасцинација на нарцис нација! Селфи, белфи… незнам што, па самосликот се претвори во секојдневна  опсесија да имаш лична фотосесија.

Убавици, старлети, стриптизети, пејачки, актерки, водителки,спортистки, манекенки,модели… и останатите „анонимни“  структури,  нема миг, а да не закачиле и споделиле, како се определиле да го потрошат денот! А Бога ми и ноќта… И со кого!

Фотографии, видеа, клипчиња со куси видео стории… Без да ги знаеш – им го знаеш цел живот. Можеш слободно биографија да им напишеш без воопшто и да ги познаваш. Од „А“ до „Ш“, од тоа која бабица ги породила, до тоа со што тоалетна хартија прееска се забришале…

Кога ќе ја видиш, ТАА – убавица, ТОЈ – пастув! Таа згодна, стегната, дотерана, нашминкана, (с)облечена…

Тој, развиен, набилдан, стокмен, убав, млад…

А во реалноста, повеќето од нив – „гад  до гад“… Чудовиштата од нашиот град! Да не е нивниот „најверен другар“  – фотошопот…  ќе помислиш дека му избегале на попот и на гробарот од лопата!

Ама тоа е… Убавината ионака е минлива, а глупоста останува… Денес, најмногу на социјалните мрежи, на Фејсбук, Инстаграм, Твитер… Како и во целиот свет, така и кај нас, во нашиот самобендисан менталитет!