четврток, 21 септември 2017  |  Вести денес: 66

Ана Стојков: Голема чест и задоволство е да се биде дел од големото семејство на Вардар!

DSC_0033

РК „Вардар“(жени) е клуб со најголема традиција и историја во однос на женскиот ракомет во Македонија. Формиран е во 1961 година од тогашниот РК „Графичар“, а до денешен ден го задржува името „Вардар“.

Црвено – црните најголем успех на домашна сцена постигнуваат во 1994 година освојувајќи го Купот на Македонија и победувајќи ги „Кометал Ѓорче Петров“. Во 2011/12, клубот го освојува второто место, а една година подоцна, станува шампион на Македонија. Во сезона 2013/14 по втор пат ја освојува шампионската титула во македонската лига, а во сезона 2014/15 повторно го освојува Купот на Македонија. Односно вкупно 4 Купа и 4 Национални првенства од 2012, па заклучно до оваа година.

12963817_10208019138709552_8467584095725057954_n

 

Во однос на меѓународната сцена, клубот најголем успех постигнува во сезоната 2013/14, обезбедувајќи  учество во Лигата на шампионите. Оваа година РК  Вардар е трет во Европа, но затоа ја освои двојната круна во женскиот ракометен шампионат на Македонија.

Да се биде дел од големото семејство на Вардар е голема чест, па токму во тој контекст решивме да ве запознаеме одблиску со дамата која се грижи за организацијата на клубот и која придонесува тој да важи за еден од најуспешните ракометни брендови во Европа.

DSC_0040

 

РК Вардар е синоним за успех и професионалност, а на тој план неуморно и со голема љубов, посветеност и внимание работи оперативниот менаџер Ана Стојков.

Скромна, едноставна и со искуство зад себе, Стојков на 32 години е успешна деловна жена. Таа успеа да направи совршена комбинација на љубовта кон спортот и амбициите, во работата која перфектно и одговара. Но за да се достигне врвот, неопходна е динамична работа и упорност, па затоа низ кафе муабет во ланч ресторанот на Хотел Русија позборувавме со Ана за минатото кое придонело да биде таму каде што е денес, за моменталната ситуација во клубот, приватноста, како и идните планови.

DSC_0006

Пред се честитки за освоената двојна круна во женскиот ракометен шампионат. Повторно докажавте дека немате конкуренција на домашен терен. Какво е чувството да се биде дел од големото семејство на Вардар?

  • Пред се, Ви благодарам за искрените честитки. Голема чест и задоволство е да се биде дел од големото семејство на Вардар.

Колку долго сте оперативен менаџер на ЖРК Вардар и како се снаоѓате на оваа функција?

  • На оваа функција сум од 2012 година. Не е лесно да се носи одговорност и грижа за организацијата на клубот. Напорно е, бара многу посветеност, но сепак секоја работа што се работи со љубов не е тешка и претставува задоволство.

DSC_0023

 

Од каде потекнува љубовта кон спортот?

  • Започнав да тренирам од своја 14 годишна возраст. Првите почетоци ми беа во „Кометал Ѓорче Петров“, а веќе од 1998 година станав член на Вардар.

Која е формулата на успех, односно што значи да сте успешна жена во машкиот свет?

  • Формулата на успех е едноставна. Огромна љубов кон ракометот, максимална упорност и посветеност во обврските и одржување баланс во приватниот и професионалниот живот.

DSC_0017

 

Стапивте неодамна во брак, како успевате да направите баланс меѓу приватниот и професионален живот?

  • Олеснителна околност е што и мојот сопруг е љубител на ракометот и воедно тренер на сопствена академија. Огромна е неговата поддршка кога станува збор за моите работни обврски.

Оваа сезона трет пат настапивте на Фанјл Фор турнирот во Будимпешта и за жал и оваа година, не успеавте да се пласирате во големото финале иако атакувавте на висока позиција. Колку сте задоволни од постигнатото?

  • Се разбира дека очекувавме многу повеќе. Бевме разочарани, но сепак и поразите се дел од спортот. Успехот е огромен како трета најдобра екипа во Европа, тоа е факт.

DSC_0026

 

Какви се плановите за наредната година знаејќи дека дел од ракометарките ќе заминат, иако поголемиот дел од нив успеавте да ги задржите, пред се мислиме на можеби најдобрата, Андреа Лекиќ?

  • Си заминуваат четири ракометарки: Итана Грбиќ, Маја Сокач, Сираба Дембеле и Олга Черноиваненко. Многу сме благодарни за нивниот придонес во РК Вардар. За наредната сезона потпишавме договори со: Алехандра Лакрабер,Тамара Мавсар, Камила Херем и голманката од ЦСМ Букурешт Маиса Песоа. Се разбира плановите се да ја оствариме целта од претходните години, а тоа е влез на Ф4 и се разбира освојување на шампионската титула.

Каква е соработката со ракометарките, односно дали постои конфликт на интереси, суета…?

  • Соработката со ракометарките е на највисоко професионално ниво. Девојките се прекрасни и сите имаат иста желба и цел. За тоа да се оствари мора во тимот да постои коректност, борбеност, мотивираност и пред се огромна пожртвуваност кога се работи за боите на клубот.

DSC_0036

 

Што мислите за новиот европски шампион ЦСМ Букурешт и кој од европските клубови во однос на организацијата и професионалноста се блиску до ЖРК Вардар?

  • ЦСМ Букурешт ги покажа сите овие работи кои ги наброивме во претходното прашање и сето тоа придонесе да дојде до израз нивната тимска игра и посакуваниот резултат кој го постигнаа. Секој тим си има свој начин на организираност. Не би можела некој посебно да издвојам, бидејќи генерално сите функционираме и ги почитуваме пропозициите на Европската Ракометна Федерација.

Колкаво влијание има среќата во постигнување на успеси на теренот?

  • Според мене, среќата не е таа што одлучува за успехот. Посветеноста во работата, сериозниот пристап кон натпреварот, притисокот на теренот и желбата за успехот се главните фактори кои придонесуваат за успех на теренот. Доколку било која екипа излезе подготвена со овие фактори, среќата нема одлучувачка улога на теренот.

DSC_0039

 

Неретко споделувате фотографии со кулинарски специјалитети. Дали сте голем гурман?

  • Откога ја изгубив мојата мајка (пред 12 години), животот ме натера сама да се снаоѓам во кујната. Мојата љубов кон готвењето се зголеми откако заедно со мојот сопруг си отворивме сопствен ресторан.

Откако професионално престанавте да играте ракомет, дали покрај работните обврски наоѓате време за спортување?

  • Откако завршив со ракометната кариера, не престанав рекреативно да се занимавам со спортот. Секој мој ден започнува со тренирање рано наутро од 06:30 часот. Рекреативните тренинзи ги одржувам во фитнес центарот на Спортскиот Центар Јане Сандански.

DSC_0031

 

Летната сезона е пред нас, па фитнес центрите и теретаните се полни со луѓе кои неуморно работата за својата телесна форма. Што би им порачале на сите оние кои сакаат да започнат со спортување?

  • Јас општо би препорачала секој ден од слободното време луѓето да се посветуваат на спортот. И да не ја земаме во предвид изгледот и убавата градба како визуелен ефект од вежбањето. Им препорачувам на сите тоа да го прават, пред се, поради нивното здравје. Здравјето е на прво место пред сите желби и обврски во животот.

Припадничките на понежниот пол имаат нераскинлива врска со шопингот. Дали вашата пасија се чевлите на висока потпетица или пак патиките?

  • Јас сум вљубена и во патиките и во чевлите на висока потпетица. На работа сакам да изгледам елегантно и убаво и носам високи потпетици, но после работа веднаш облекувам патики.

DSC_0030

 

Вие сте поранешна спортистка, па дали тренерките и понатаму се парче облека во кое се чувствувате најкомфорно?

  • Не би ги менувала за ништо. Во тренерки се чувствувам најудобно.

 Дали во изборот на парчиња, пресудно е брендираното име?

  • Брендот не ми значи ништо. Кога ми се допаѓа некое парче облека и убаво ми прилега, јас го купувам. Обожавам да одам на шопинг заедно со мојот сопруг. Но, бидејќи неговото трпение е многу кратко (типично за секој маж), сепак на крајот останува самата да одлучам за изборот на гардеробата.

Кој е вашиот најголем успех во кариерата досега?

  • Во мојот живот има многу успешни моменти. Не би можела конкретно да ги набројувам, бидејќи сите имаат огромно значење во посебни периоди во животот. Се разбира учеството во тимот и организацијата моментално во Вардар, претставува еден од тие успеси.

DSC_0024

 

Започнува сезона на одмори. Дали планирате да заминете на некоја егзотична дестинација или пак да одморите во домашни услови?

  • Приоритет ни е свадбената прослава со мојот сопруг која е закажана во месец јуни. Секако дека имаме во план да заминеме на годишен одмор и воедно тој одмор да претставува наше свадбено патување.Сеуште не сме ја одбрале нашата дестинација.

Ќе може ли да ни откриете каква венчаница ќе носите?

  • Венчаницата ќе биде едноставна, бидејќи јас сум пред се скромна личност. Не сакам раскошни венчаници, па затоа фустанот е направен според мојот стил и со едноставен крој.

DSC_0021

 

Често патувате работно, но кога би можеле на која од дестинациите би се вратиле за да ги запознаете подобро?

  • Има преубави дестинации на кои сум била, но не сум имала можност да ги запознаам како турист, поради работните обврски кои сум ги имала со тимот. Би можела да ги издвојам како посакувани дестинации Будимпешта, Виена, Париз …

Дали честите патувања придонесоа да сакате да го промените местото на живеење?

  • Честите патувања не придонесоа да посакам да живеам во друг град. Но обврските и другите патишта кои ги носи животот, можеби еден ден ќе придонесат и ќе бидат главна причина да морам да го напуштам нашето Скопје.

Какви планови имате за иднина? Дали планирате проширување на семејството или пак кариерата ви е на прво место?

  • Нормално дека фамилијата е на прво место. Мојата најголема желба е да бидам сопруга и мајка на едно прекрасно семејство. Од друга страна, кариерата исто така игра значајна улога, но не пресудна кога станува збор за среќен и успешен живот.

Разговарала: Бојана Нојиќ

DSC_0028

 

 

#Коментари
[fbcomments]